Здружението „Заеднички вредности“ успешно го спроведе проектот „Премостување на дигиталниот јаз: подобрување на животот на жените во руралните средини“, чија цел беше да ги унапреди животните услови на жените во руралните области преку оспособување за употреба на дигитални технологии и подобрување на нивните вештини.
Во рамки на проектот беа одржани серија на обуки за дигитални вештини, се креираа онлајн едукативни видеа, и беше развиена специјализирана платформа за дигитални вештини. Покрај тоа, се спроведе и кампања за промоција на дигиталната писменост со цел да се зголеми свеста за придобивките од дигиталните вештини меѓу жените во целните региони.
Во текот на обуките жените-учеснички истакнаа дека имаат потреба од обуки со цел да научат како да ги користат дигиталните алатки.
„Дигиталната писменост е клучна за нашата самостојност и напредок, а покрај тоа дигиталните платформи можат да ни помогнат да ги продаваме нашите производи и да пристапиме до нови пазари“, наведоа тие.
Жените кои беа вклучени во проектот потенцираа дека за нив од голема важност е меѓусебното здружување со цел размена на знаења и зајакнато дејствување.
„Потребни ни се државни програми кои ќе ги поддржат нашите напори за дигитална инклузија, а дополнително потребна ни е и поддршка од невладините организации и компаниите во земјава“, порачаа жените-учеснички.
Тие наведоа дека традиционалните родови улоги и стереотипи во руралните области често ги ограничуваат за користење на технологијата и учество во дигиталната економија.
Бајрами посочи дека е неопходно креирање на политики и инвестиции во програми за образование за поддршка на жените во руралните средини.
„Со спроведувањето на овој проект поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија и на Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, покрај надградувањето на вештините, ја покренавме и јавната свест за родовата еднаквост и ја промовиравме важноста за ваков тип на образование за жените во руралните средини“, заклучи претседателот на Здружението „Заеднички вредности“.





