ГЕРМАНИЈА, АВСТРИЈА и други земји против вработување на нови  2.500 службеници во Европската комисија, новите трошоците ќе достигнат 1,4 милијарди евра

Девет земји од Европската Унија побараа од Европската комисија да се откаже од планот за вработување на околу 2.500 нови службеници и зголемување на административните трошоци, во време кога од земјите-членки се бара да ги намалат јавните трошоци и да заштедат буџетски средства.

Во писмо до комесарот за буџет, Пјотр Серафин, иницирано од Австрија, министрите ја поздравија намерата на Комисијата да го поедностави следниот долгорочен буџет на ЕУ, познат како Повеќегодишна финансиска рамка (MFF). Сепак, тие изразија незадоволство од барањата за дополнително финансирање за вработување и проширување на администрацијата, објавува Политико.

Според нивните изјави, вкупните трошоци за вработување на 2.500 нови вработени во периодот 2028-2034 година би изнесувале околу 1,4 милијарди евра. Министрите сметаат дека таков потег не е во согласност со пораките за рационализација и заштеди.

Германскиот министер за европски прашања, Гинтер Крихбаум, изјави дека Комисијата мора „да го слуша духот на времето“. Тој истакна дека, иако се зборува за зајакнување на конкурентноста, намалување на бирократијата и реформирање на националните администрации, барањето за зголемување на бројот на вработени во европските институции се чини одвоено од реалноста.

Писмото го потпишаа министри од Австрија, Чешка, Данска, Германија, Естонија, Латвија, Шведска, Финска и Холандија. Во него се наведува дека очекуваат конкретни и амбициозни предлози од Комисијата што ќе придонесат за преговорите за новиот буџет, вклучително и реформата на административниот систем на ЕУ во согласност со современите предизвици.

Австриската министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Бауер, нагласи дека кредибилитетот на ЕК во инсистирањето на буџетска дисциплина зависи од тоа дали самата ги следи истите правила. Во време на голем фискален притисок врз националните буџети, значителното зголемување на административните работни места на ниво на ЕУ, според неа, испраќа погрешна порака до граѓаните. Европската комисија не сакаше да коментира за овие обвинувања.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано