Интервју со Јана Репаншек
Директор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ
(Center of Excellence in Finance – CEF)
Г-ѓа Репаншек, вие сте директор на Центарот за извонредност во финансиите − ЦЕФ (Center of Excellence in Finance − CEF), со седиште во Љубљана, Словенија. Кажете ни малку за историјата на ЦЕФ, за развојот на оваа институција и како би ја опишале денес?
Ј. Репаншек: ЦЕФ е основан во 2001 година како регионална иницијатива за поддршка на реформите во јавниот сектор, особено во управувањето со јавните финансии, првично во Југоисточна Европа, а потоа се прошири во Источна Европа. Во текот на речиси 25 години, тој прерасна во меѓународна организација и партнер за учење кој влева доверба за земјите што се во различни фази од пристапувањето кон ЕУ и институционалниот развој.
Денес ЦЕФ најдобро може да се опише како платформа која помага обврските за реформи да се претворат во резултати. Ние се фокусираме на зајакнување на институциите преку учење и споделување знаење не само во техничкото знаење туку и во развивањето меки, лидерски вештини преку помагање на тимовите да научат како подобро да работат заедно, да ги поврзуваат реформите со буџетите, да го следат спроведувањето, со цел да постигнат мерливи резултати.
До денес, во настаните на ЦЕФ биле вклучени повеќе од 30 000 јавни службеници, реализирани се над 2 000 настани за учење, со што ЦЕФ придонесува за зајакнување на јавните институции низ Југоисточна и Источна Европа. Овој фокус е тесно усогласен со акцентот на Европската комисија врз административниот капацитет и спроведувањето на реформите.
Кои се клучните области во кои обезбедувате обука за учесниците? Кои се институциите каде што работат овие учесници во нивните земји?
J. Репаншек: Нашиот главен фокус е на економското управување и на управувањето со јавните финансии. Ова вклучува фискална политика, буџетирање, даночна администрација, управување со јавни инвестиции, сметководство и ревизија, а сè повеќе и координација на реформите, проценка на влијанието и следење на остварувањата.
Учесниците обично доаѓаат од: министерствата за финансии, централните банки, даночните администрации, единиците за координација на реформите и сродните јавни институции. Со текот на времето ја проширивме и соработката со ресорните министерства и агенции вклучени во спроведувањето сложени реформи, особено оние поврзани со приоритетите на ЕУ како што се зелената транзиција и дигитализацијата.
Од каде доаѓаат учесниците на обуките што ги спроведува ЦЕФ? Кои земји ја сочинуваат вашата конституенца?
Ј. Репаншек: Членки на ЦЕФ се: Албанија, Бугарија, Хрватска, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Романија и Словенија. Покрај своите членки, ЦЕФ соработува и со Ерменија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Турција и Украина и интензивно работи со институции низ целиот Западен Балкан, Источното соседство на ЕУ, одредени земји членки на ЕУ и Турција. Овој растечки опфат (од 6 земји во 2001 година до 12 во 2016 година, а моментално 14 членки) на конституенцата – е една од клучните предности на ЦЕФ бидејќи земјите се соочуваат со слични предизвици во различни фази од развојот, што го прави учењето во рамките на групата слични земји особено моќно.

Со оглед на регионалниот состав на конституенцата на ЦЕФ, како го гледате напредокот на овие економии? И како ги оценувате нивните потреби за услугите на ЦЕФ?
Ј. Репаншек: Регионот има силна реформска амбиција. Главниот предизвик не е волјата, туку капацитетот. Од владите се очекува да спроведуваат сè посложени реформи базирани на резултати, честопати во кратки временски рокови, а напредокот природно варира од земја до земја. Црна Гора и Албанија, на пример, моментално го предводат процесот на пристапување во ЕУ во смисла на временската рамка. Секако, прашањето за исполнување на сите формални услови за пристапување е проценка на секоја поединечна земја и на Европската комисија.
Токму овде расте улогата на ЦЕФ. Ние им помагаме на администрациите да ги пренесат препораките на ЕУ во реални, финансирани реформи кои може да се следат. Но, пристапувањето во ЕУ не значи само штиклирање полиња туку и градење институции кои функционираат ефикасно на долг рок и ги извршуваат своите мандати, кои се најдобро мерливи преку довербата на граѓаните во државните институции и соодветен или пристоен животен стандард. Со зајакнување на институционалниот капацитет и на координацијата, ние поддржуваме одржлив напредок кој не само што го унапредува пристапувањето во ЕУ туку и гарантира дека овие земји можат да им донесат опипливи придобивки на своите граѓани и ефикасно да придонесат за Европската Унија во годините и децениите што доаѓаат.
Интересно е што г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска, министер за финансии на нашава земја, претседава со Управниот одбор на ЦЕФ. Гувернерот на нашата централна банка е исто така член на овој Управен одбор. Како се управува со ЦЕФ со оглед на структурата на неговата конституенца, и како се финансираат неговите активности?
Ј. Репаншек: ЦЕФ е управуван од Управен одбор составен од министри за финансии и од гувернери на централни банки од нашите земји членки; тој исто така вклучува двајца членови кои ги претставуваат советодавните институции на ЦЕФ. Одборот ги потврдува стратешките насоки, годишните извештаи и финансиските извештаи. Моментално со Одборот претседава министерот за финансии на Северна Македонија, г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска. Оваа структура на управување обезбедува силна сопственост од страна на земјите членки на ЦЕФ и тесна усогласеност со националните реформски приоритети.
Нашите активности се финансираат преку комбинација од придонеси од членките и наменско финансирање на проекти од средствата на ЕУ, на Словенија, на Словачка и на други билатерални донатори. Тесната соработка со засегнатите страни е од суштинско значење за испорака на висококвалитетни и на релевантни програми.
Кои се најважните моменти од соработката меѓу ЦЕФ и Северна Македонија во минатото и што се случува во моментов?
Ј. Репаншек: Северна Македонија е многу активен и посветен партнер. Соработката се фокусира на зајакнување на координацијата на реформите, поврзување на реформите со фискалните рамки и подобрување на следењето и на известувањето.
Преку проекти финансирани од ЕУ, како што е ФИСР 2 (FISR2), ги поддржавме тимовите што работат на Програмите за економски реформи и на Реформските агенди. Добар пример за напредок е дигиталниот систем за следење на реформите во земјата, кој ги подобрува транспарентноста и надзорот врз спроведувањето.
ЦЕФ, исто така, ја поддржува Академијата за јавни финансии во Северна Македонија преку зајакнување на професионалното учење во сметководството, во ревизијата и во финансиското известување. Овие напори директно придонесуваат за покредибилни реформи и транспарентно користење на парите на даночните обврзници, подобро работење на јавните институции и подобар квалитет на нивните услуги.
Во однос на идните активности, ЦЕФ усвои Стратегија за периодот 2025 – 2029 година. Кои се нејзините клучни елементи?
Ј. Репаншек: Нашата стратешка цел е да бидеме лидери во учењето и да ги инспирираме јавните службеници и институциите да спроведуваат ефикасно управување. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со министерствата за финансии, со централните банки и со даночните администрации, проширувајќи го нашиот фокус на тимови и на институции.
Ја усогласуваме нашата работа со клучните трендови како што се зелените и дигиталните трансформации, институционалниот интегритет и родовата еднаквост, придонесуваме во процесот на пристапување кон ЕУ и ја поддржуваме Агендата на ООН 2030 − особено силните институции и партнерства. Исто така се стремиме да ја зајакнеме регионалната соработка и да останеме доверлив, инклузивен партнер.
Имате намера да го проширите кругот на засегнати страни заинтересирани за поефикасно управување со јавните финансии, вклучувајќи ги ресорните министерства, агенциите специјализирани за буџетски и даночни прашања, парламентите и највисоките владини претставници. Дали би размислиле да ги вклучите и Фискалните совети?
Ј. Репаншек: Апсолутно. Фискалните совети играат важна улога во зајакнувањето на фискалната транспарентност, на отчетноста и на креирањето политики засновани на докази − ним им е потребна аналитичка моќ за да бидат кредибилни. Нивното вклучување во нашите иницијативи за учење и дијалог би било природно и вредно проширување на нашата работа, особено како што земјите се движат кон рамки за управување кои се повеќе базирани на резултати.
Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски
Економија и бизнис, печатено издание 15 февруари 2026г.







