Непријавената работа во секторот за домашни услуги е еден од најгорливите проблеми на пазарот на трудот во Германија. Економистот Доминик Енсте од Институтот за германска економија со години ги истражува трендовите на непријавената работа во домаќинствата. Неговата анализа покажува дека бројките се во постојан раст, а причините се повеќекратни. Традицијата на непријавена работа е длабоко вкоренета во германското општество, а приватните работодавачи не сакаат да преземат одговорност за плаќање боледување, пензиски придонеси и годишен одмор. Дополнително, бирократските пречки ги обесхрабруваат граѓаните легално да ги регистрираат домашните работници.
Еден обид за намалување на непријавената работа беше воведувањето на мини-работни места. Тоа се работни места со помали примања и намалено даночно оптоварување. Сепак, оваа стратегија не ги даде посакуваните резултати. Како што објаснува Енсте, домашните работници немаат доволно стимулации да аплицираат бидејќи често се веќе покриени со здравствено осигурување преку нивните семејства, а нивните пензиски придонеси не се доволно високи за значително да имаат корист од легалната работа.
Проблем е и фактот што веројатноста за откривање на нелегална работа е мала. Германската служба, која е одговорна за контрола на нелегалната работа, нема овластување да влегува во приватни домаќинства. Прекршувањата обично се откриваат само во случај на повреди на работното место или кога соседите ќе ги пријават.
Белгија веќе презеде конкретни чекори за борба против непријавената работа. Таму државата ги субвенционира легалните услуги за домаќинствата преку ваучерски систем. Секој граѓанин може да ги искористи овие субвенции за да ангажира регистрирани чистачки и домаќини по пониска цена, пишува Тпортал.
Во Белгија вработена во компанија за чистење добива 14 евра на час, плус надоместок за превоз, здравствено осигурување и платен одмор. Семејството за нејзините услуги плаќа само 10 евра на час, а остатокот го субвенционира белгиската држава.
Според менаџерот за социјално влијание Оливие де Кок, овој систем ја намалил непријавената работа за повеќе од 50%.
– За домаќинствата веќе не е исплатливо да вработуваат нелегални работници бидејќи ваучерите се подостапни и овозможуваат легално вработување, објаснува Де Кок.
Во Белгија преку овој модел се отворени 150.000 работни места, а повеќе од милион домаќинства користат легални услуги за чистење. Иако државата во оваа програма вложува 2,5 милијарди евра годишно, дури 88 отсто од тие средства се враќаат преку даноци, пензиски придонеси и намалени трошоци за социјално осигурување. Покрај тоа, работниците се осигурени и заштитени од експлоатација, пренесува Б92.
фото freepic







