Албанската влада ќе инвестира 118,5 милиони долари во рамки на проектот „Смарт Сити“, со цел да ја зголеми јавната безбедност и безбедноста на патиштата преку вештачка интелигенција и инсталирање на камери на патиштата, радари, камери кои полицајците ќе ги носат на нивното тело и сензори за бучава.
Ова го изјави заменик министерот за внатрешни работи, Бесфорт Ламалари, при презентацијата пред Комисијата за надворешна политика на Предлог-законот за ратификација на договорот за заем меѓу Владата на Република Албанија и Фондот за развој на Абу Даби, за финансирање на проектот „Систем на камера под управа на државната полиција – Смарт Сити“.
– Овој договор за заем од аспект на техничка терминологија и преговарачки дел го покрива Министерството за финансии, но Министерството за внатрешни работи е крајниот корисник, преку Државната полиција, која ќе ја даде сета оваа поддршка која изнесува 118,5 милиони долари, од кои благодарение на спроведените преговори обезбеден е и грант од 20 милиони долари како дел од овој заем, рече Ламалари.
Овој проект, оценува тој, е од витално значење за земјата, бидејќи не само што ги зголемува параметрите за безбедност на патиштата, туку има и проширен концепт за јавна безбедност, проширување на безбедносните елементи и користење на вештачка интелигенција преку инсталирање радари, сензори за бучава и камери на телото, како на националните патни оски, но и во средини со големо јавно значење и изложеност, вклучително и училиштата.
Извор МИА
фото freepic







