Сметам дека Општина Велес примарно треба да продолжи во напорите да обезбеди што повеќе вакцини за своите граѓани. Уверен сум дека што поголемиот број на вакцинирани граѓани во голема мера ќе помогне работите да започнат да се враќаат во нормала во сите сфери во општината. Тука пред сè мислам на работата на јавната администрација, но и ќе им помогне на компаниите што побезболно да продолжат да се борат со оваа пандемија.
Соработката на БРАКО со општината отсекогаш била и ќе биде на високо ниво и изразуваме благодарност што секогаш нè консултираат за прашања кои имаат цел подобрување на бизнис-климата во општината.
Што се однесува до мерките кои ќе го подобрат економскиот развој, предлагам да се осмислат начини за поредовен и побрз превоз на граѓаните од околните населени места до градот, односно да се овозможи граѓаните од околните места полесно и поедноставно да пристигнуваат во Велес поради работни и останати обврски.
Како општествено одговорна компанија БРАКО продолжува да придонесува за општината. Најнов доказ за тоа е соработката со општината за воведувањето на дуалното образование во средните стручни училишта во Велес со кое многу ќе придонесеме во задржување на младите во нашава држава.







