Извозот е алфа и омега за економијата, инфраструктурата е предуслов за развој, а новите инвестиции можност за нови вработувања. Само така може да се планира економски напредок на државата. Во нашиот систем недостасува и владеење на правото, како и сериозни мерки за сузбивање на сивата економија и дигитализација на услугите. Со еден збор, потребно е подобрување на бизнис-климата во целина за да се справиме со клучните предизвици на економски план. Иницијалната каписла лежи во стратегиското дејствува на повеќе полиња, инвестирање во инфаструктурата, истражување и развој, извозот, како и во образованието.
На домашен план годинава ќе живееме во услови на избори, техничка влада, конституирање нова, и сè така најрано до почетокот на втората половина на годината. За тоа време економијата мора да биде во функција, компаниите да работат, деловните односи да се одржуваат. Извозната ориентираност и следењето на конкурентноста на меѓународните пазари мора да продолжат да бидат основен патоказ за македонските компании. Има ли начин како да се реализира тоа?
Секако, излезот е во регионално обединување, патот од кој Стопанската комора не се откажува. Напротив, го гледа како локомотива која може да ја придвижи домашната економија, а регионот да го придвижи на патот кон меѓународните интегративни процеси.
Претседателството со Асоцијацијата на балкански комори има потенцијал да ја зголеми видливоста на македонската бизнис-заедница на меѓународната сцена и да отвори можности за соработка и за инвестиции. Мрежата на Асоцијацијата, каде што членуваат комори од десет држави, ќе се искористи за заедничко учество во ЕУ-проекти, заеднички настап на нашите компании и бизниси на трети земји, вмрежување, нови услуги и слично. Во фокусот на нашето претседателство ќе бидат инфраструктурата, инвестициите и извозот. Во сите овие активности кои ќе следуваат, клучна ќе биде поддршката од меѓународните финансиски институции, сѐ во контекст на поголем економски напредок.
Ние како Комора ќе направиме сѐ, во рамките на АБК, и со целиот кадровски капацитет да им помогнеме на нашите компании и да ги придвижиме работите напред како економски обединет Балкан, во обединета Европа, како членки на НАТО и на ЕУ.









