Од април 2026 година, Барселона воведува новa, значително повисока туристичка такса која може да достигне 15 евра по ноќ по лице, што ја прави една од највисоките во Европа.
Оваа одлука е дел од пошироката стратегија на градот за контрола на туристичкиот притисок врз инфраструктурата и пазарот на недвижности, но и за финансирање на проекти од јавен интерес.
Претходните такси се движеа помеѓу 5 и 7,50 евра по ноќ, додека новата структура ќе зависи од категоријата на хотелот и видот на сместување. На пример, хотелите со четири ѕвездички ќе наплаќаат до 11,40 евра по лице по ноќ, додека хотелите со пет ѕвездички можат да наплаќаат до 15 евра. На гостите што престојуваат во приватно сместување или апартмани ќе им се наплаќа максимум 12,50 евра по ноќ.
Приходите од надоместокот ќе бидат насочени кон финансирање проекти за прифатливо домување. Ова стана итно прашање поради порастот на краткорочните изнајмувања и неговото влијание врз локалниот пазар на недвижности. Регионалниот парламент на Каталонија планира целосно да ги укине краткорочните изнајмувања до 2028 година, што дополнително би го регулирало пазарот и би ги намалило негативните ефекти од масовниот туризам.
Барселона, како и многу европски градови, се соочува со предизвиците на брзото зголемување на бројот на туристи. Италијанските градови како Рим, Венеција и Фиренца наплаќаат туристичка такса помеѓу 3 и 7 евра по ноќ. Венеција дополнително ги оданочува дневните посетители за да го заштити културното наследство. Во Франција, вклучувајќи го и Париз, туристичкиот данок е до 4 евра, додека Берлин применува данок од 7,5% на цената на сместувањето. Амстердам воведува данок од 12,5% на хотелските резервации за да се намали прекумерниот туризам, а швајцарските градови како Цирих и Женева наплаќаат од 2 до 4 франци по ноќ, пренесува Бизнис.ба.
Фото Економија и бизнис






