Во најкус временски период ќе знаеме точно кој метод ќе го примениме при изградбата на хидроцентралата Чебрен, но секако сакаме да биде македонски државен проект, истакна денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
– Најубаво е како држава сами да ја изградиме, но се работи за проект кој ќе чини најмалку една милијарда евра што не е мала ставка знаејќи каков ни беше Буџетот, рече Божиновска во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Националниот самит за дигитална енергетска и безбедна критична инфраструктура.
Нагласи дека уште во декември е формирана работна група за Чебрен под координација на Министерството која веќе имаше неколку состаноци.
– Проектите за Чебрен кои се во ЕСМ се од 1962 година и досега имаше 14 неуспешни тендери. Овој пат сакаме се да направиме како што треба. Разгледуваме дали ќе биде Чебрен со Галиште, колку метри ќе биде браната и при крај сме со пресметките колку тоа ќе чини, појасни Божиновска.
Извор МИА







