Минатата година беше навистина година на предизвици главно создадени под сенката на здравствената криза предизвикана од ковид-19. Сите моравме навремено да ги процениме можните ефекти и да дејствуваме соодветно. Сепак, и во такви тешки околности, ЕОС повторно беше рангиран со највисоката А-оценка за фискалната година 2020/2021 од една од водечките рејтинг агенции во Европа, Скоуп Хамбург холдинг (поранешна Еулер Хермес рејтинг). Она што е уште позначајно за нас е дека ова се случува веќе 17-ти пат по ред како ревизорите се убедени во сигурната кредитна стабилност на ЕОС, која се должи на високата наплата и стабилноста на паричниот тек кој го создава. Уште еднаш се потенцираше големото искуство на ЕОС во проценка, преземање и наплата на нефункционални пласмани, како и нејзиното водечко место како лидер во оваа област во Германија и нејзината силна позиција во Европа.
Ова признание е уште позначајно кога доаѓа во една година одбележана со здравствена криза, која имаше свое големо влијание низ целиот свет, а особено нашата дејност и нашите операции кои се соочија со низа ограничувања и потешкотии кои придонесоа за намалување на ефектите на нашите новите бизнис-линии и особено намалување на севкупните приходи на почетокот на 2020 година. Во едни услови на неизвесност, кога никој не знаеше како ќе се развива ситуацијата, моравме да дејствуваме асертивно, со внимание, со повеќе краткорочни потези претходно внимателно анализирани, кои ни носеа сигурност и успех.
Главно нашиот фокус се насочи кон две области во кои инвестиравме значително:
– Преземање на побарувања во кои инвестиравме повторно повеќе од милијарда евра.
– Развој на организацијата и опсегот на нашите ИТ-компании, со унифицирање на оперативниот систем за работа со што директно ни се олеснува водењето на бизнисот. Сега тоа е подобро и подигитално.
Со особено задоволство можам да истакнам дека и ЕОС во Македонија го следи овој тренд на својата матична компанија. Во изминатава година, и покрај влијанието на здравствената криза, ги стабилизиравме и ги подобривме своите приходи, се реорганизиравме, го продолживме трендот на активен работодавач и подвлековме нова линија, отворивме нова страница на овој пазар.
Годинава зад себе полека ја оставаме со најдобра реализација во сегментот на своите приходи. Соочени со предизвиците кои ги донесе пандемијата како што беше, на пример, воведувањето на мораториум за плаќањето на нефункционалните кредити, пониските нивоа на нефункционални кредити воопшто, па следствено заслабена иницијатива за нивна продажба, сето тоа комбинирано со основните влијанија и ефекти на пандемијата, почувствувавме значително влијание на нашиот бизнис. Меѓутоа, на сето ова одговоривме преземајќи соодветни претпазливи мерки како одговор.
Најнапред ни стана совршено јасно дека мораме да се реорганизираме, да го промениме начинот на размислување кога станува збор за водење на нашиот бизнис. Пристапивме структурно и аналитички и како резултат на ова во корен се смени нашата систематизација. Го потенциравме акцентот на стандардизацијата, воведувањето квалитет и стандарди во своето работење. Нашиот фокус се насочи кон правилна имплементација на одредбите од новиот Закон за заштита на лични податоци, но притоа ние гледаме во новиот стандард 27701. Како компанија која успешно веќе шеста година го имплементира во своето работење стандардот 27001 и активно имплементира новини поврзани со одредбите од регулативата ГДПР, заклучивме дека новиот стандард 27701 е нашиот нов предизвик. Нашата успешна работа во оваа област, предводена од нашиот сертифициран офицер за заштита на лични податоци Катерина Коцева, се препозна и од нашата централа во Хамбург и како резултат на ова нè вклучија во пилот-проектот на групацијата за примена на новата групациска политика поврзана токму со оваа проблематика. Ова е од огромно значење за нашата компанија токму затоа што оперираме на овој мал пазар, надвор од ЕУ и имаме многу мал придонес во успехот на нашата матична компанија.
Понатаму, одлучивме дека нашата деловна аналитика неминовно мораме да ја ставиме во спрега со технологијата, да програмираме роботски решенија за автоматизација на процесите, да воведеме друга логика и друг пристап во анализите на нашите податоци и креирањето на нашите извештаи. Дојде време за брзи и ефикасни решенија во овој сегмент. Ни требаа најдобрите аналитичари со напредни познавања на современите алатки. Полека создадовме исклучителен тим. Не случајно токму ЕОС во Македонија е определен како ИТ-хаб за потребите на нашата матична компанија. Уште едно огромно признание за нашата работа, препознаена вредност од нашата мајка. Така се создаде нашата нова подружница, ЕОС ИТек фокусирана на развој на софтвер, на деловна аналитика и на системски решенија. Нашите вработени во ЕОС ИТек се, всушност, дел од нашите тимови во Германија, во Романија, и заедно создаваат напредни софтверски решенија водени од експерти во соодветната област или пак самите од овде водат интернационални тимови. Создаваме една поинаква приказна за развој на софтвер.
Локално, и покрај кризата, продолживме да бидеме најдобри. Уште од самиот почеток на ковид-19, сега веќе пред 2 години, активно соработувавме со нашите клиенти и го делевме нашето мислење, знаење и искуство за тоа кои се најдобрите начини за соочување со ефектите на пандемијата. Успеавме за многу краток период да ги стабилизираме портфолијата на нашите клиенти кои беа под закана од ефектите на самата пандемија. Активно ја промовираме продажбата на побарувања како едно решение. И во услови на послаба активност на банките во оваа област, успеавме да преземеме дополнителни предмети и да го прошириме своето портфолио. Воедно работиме кон тоа да изнајдеме начини како да ги смениме кон подобро животите на нашите сограѓани кои се исполнети со долгови, исполнувајќи ја нашата цел за свет без долгови. Водени од таа визија, нашата компанија веќе прави голема разлика во секојдневниот живот. Така, на пример, минатата година успеавме да им помогнеме на околу 2 000 наши сограѓани и со нашите напори и консултации го направивме нивниот свет подобар, свет без долгови. Преку индивидуални решенија за различни ситуации, третирајќи ги нашите клиенти коректно и притоа разбирајќи ја нивната ситуација, отвораме низа кампањи и иницираме дијалог, разговараме за да дојдеме до решение. Компанијата ЕОС на нашиот пазар има околу 30 000 активни предмети за работа за кои со сите напори се трудиме да овозможиме еден свет без долгови.
Имајќи предвид дека се очекува пораст на нефункционалните кредити како резултат на здравствената криза, од исклучителна важност е да се покаже ефективно управување со нив од страна на банките и на тој начин да се превенираат или да се спречат ефекти слични на оние кои се искусија за време на европската должничка криза кога тие вртоглаво растеа. Одговорноста за адресирање на ризиците кои се поврзани или придонесуваат за високи нивоа на нефункционални кредити примарно лежи кај афектираните банки и локалните власти. Сепак, во рамките на една монетарна унија каква што е Европската Унија, каде што економиите на земјите членки се меѓусебно поврзани и може да предизвикаат ефект на пренесување, дејствувањето на ЕУ на каков било начин кон намалувањето на нефункционалните кредити се смета за апсолутно легитимен интерес. Во таа насока, ЕУ препорачува добро развиени пазари за тргување со нефункционалните кредити кои ќе им овозможат на банките да ги ослободат своите биланси од лошите пласмани. Ова посебно беше истакнато во акцискиот план за нефункционални кредити на Комисијата при ЕУ објавен во декември 2020 година, а кој на некој начин ја најави стратегијата на ЕУ во врска со нефункционалните кредити. Преку формирањето на советодавниот панел за нефункционални кредити при ЕУ се заокружија сите овие активности преку предлагање на посебна директива посветена на ова прашање, директивата за сервисери на кредити, откупувачи на кредити и наплата преку обезбедувања. Прилагодувањето кон оваа директива е од огромно значење за сите земји членки на ЕУ, но и за земјите како нашава кои имаат аспирации за членство во рамките на ЕУ. Во тој контекст, кај нас веќе се започнати одредени процеси во кои компанијата ЕОС исто така зема активно учество. Тоа би сакала да го поврзам или да го поставам во паралела на работната група формирана во рамките на ЕУ во која се вклучуваат и значајни компании од областа на која се однесува директивата. Препознавањето на групацијата ЕОС на европско ниво како значаен партнер за дискусија за концептот на новата директива за сервисери на кредити, откупувачи на кредити и наплата преку обезбедувања претставува уште еден доказ за значењето на ЕОС на европскиот финансиски пазар како финансиски инвеститор во откуп на нефункционални пласмани.
Компанијата ЕОС, како една од водечките компании во овој сектор, е свесна за своите одговорности. Во ЕОС сакаме да ги промениме нештата кон подобро, за нашите клиенти, подеднакво како за банките, така и за задоцнетите плаќачи, за нашите деловни партнери, но истовремено и за самата компанија и нејзините вработени. Затоа ЕОС е потписник на најголемата светска инцијатива за одговорно корпоративно работење − Глобален импакт на Обединетите нации. Светската мрежа на оваа иницијатива постои за повеќе од 15 000 компании, невладини организации и претставници од политиката и науката од 160 земји. Со пристапувањето кон оваа иницијатива, ЕОС се обврза кон одговорно корпоративно работење и се посвети кон тоа да овозможи корисност со својата работа за сите луѓе, општества и пазари, сега и во иднината. Па така, покрај основниот бизнис на ЕОС, ние сме посветени на општеството и на една подобра иднина. Во таа насока компанијата си постави ч клучни корпоративни одговорности:
– Одговорност при наплатата.
– Заеднички прогрес.
– Како да придонесеме за климатските промени кон подобро.
– Како можеме да ја промениме наплатата на побарувања кон подобро.
ЕОС е одговорна компанија и во нашава земја и активно придонесува кон развојот и на нашево општество. Тоа го правиме не само со наплатата на нефункционалните кредити или нивното преземање од банките со што директно придонесуваме кон намалување на официјалните стапки на нефункционални кредити во земјава туку и со бројните проекти насочени кон самите граѓани и компании, како и како активни учесници во работењето на сите бизнис-комори во земјава.
Веќе две години ЕОС Матрикс е претседавач на Европската бизнис асоцијација преку која компанијата иницираше низа проекти и активности, се сретна со бројни владини претставници, воспостави координација со другите деловни асоцијации и организации. Така, на пример, како предводник на работната група на Европската бизнис асоцијација, во насока на продолжение на процесот на креирање на предлогот за промена на законското решение кое ги уредува постапките за инсолвентност и реструктурирање, врз основа на нашиот меморандум за соработка со проектот финансиран од ИФЦ (IFC) и СЕЦО (SECO) за разрешување на долговите и излез од деловна активност во Северна Македонија, кој функционира при Министерството за економија, ЕОС иницираше соработка со Македонското кредитно биро со цел можност за основање и имплементација на систем за рано финансиско предупредување преку кој ќе се следи финансиската состојба на економските субјекти, а поврзано со инсолвентноста на компаниите како една од можните причини за отворање на претстечајна и стечајна постапка.
Од останатите проекти ќе одвојам само она што се случува тековно, се работи на продлабочување на соработката со Комората на извршители на еден проект кој е насочен кон граѓаните и нивно поголемо запознавање со активностите на Комората и на компанијата ЕОС. Секако, во нашата агенда се многу интересни проекти за кои планираме да ја обединиме деловната заедница со еден единствен предлог: Промени за подобро!
(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2021г.)









