По три години од излегувањето од Европската Унија, Велика Британија ќе почне со спроведување на инспекциски контроли за увозот на производи од животинско и растително потекло кои доаѓаат од Унијата, објави британското Одделение за животна средина, храна и рурален развој.
Експертите и компаниите предупредуваат за можно продолжување на роковите за испорака поради поголемите бирократски процедури и повисоки трошоци на увозот на производите. Со измените, увозниците на храна ќе мораат да платат вообичаен надомест од 145 евра за една пратка, како што се сирењето, јогуртот, колбасите и цвеќето.
Според пресметките, новите прописи во Велика Британија ќе предизвикаат трошоци за домашните компании во износ до две милијарди фунти, а трошоците за увоз можат да пораснат за десет отсто во првата година.
Велика Британија излезе од Европската Унија во јануари 2020 година и со тоа го напушти и единствениот пазар и царинската унија. Физичката проверка на увозот на производи од ЕУ беше одложувана поради недостаток на персонал и инфраструктура на царинските терминали во Велика Британија, пренесува „Финансии.хр“.
фото freepic





