Булдиоски: Да ми препорачаш дете за дигитал да ми работи!

Понудата и побарувачката на пазарот за труд се менува, ама сите треба активно да ја прифатиме моменталната состојба и да работиме за да ја подобриме.


Речиси и да не поминува недела, а да не ми се јави или пише некој со една иста мака. Всушност, маката не е само во нашата индустрија, маката ја имаат огромен број индустрии на нашиот пазар, а секако и пошироко. Недостаток на квалитетен кадар.
Препорачај ми човек за работа! Дај некој човек да работи маркетинг. Да не знаеш некој добар што работи дигитален маркетинг, да може да работи на ниво на бренд, да развие стратегија, да управува со процеси, да знае оператива, да може да се снајде во ситуации, да не трошам време да го учам… итн.

Желбите и потребите се едно, реалноста со која се соочуваме е комплетно друга. Понудата на пазарот на труд е таа која ја имаме и неопходно е да се адаптираме на тоа и да започнеме да работиме соодветно на неа, а во исто време сите заедно да се трудиме да го менуваме пазарот со долгорочно инвестирање во него.

И оваа приказна, како секоја друга, има две страни. Едната е на работодавачите, на брендовите, на компаниите, на агенциите, а другата е на вработените, на работниците, на експертите. Двете страни имаат право, ама и двете страни во исто време грешат. Секој си го бара своето место под сонцето, ама често и двете страни имаат нереални очекувања.

Во нашата професија, дигитален маркетинг, има премногу различни сегменти во кои може да се насочи човек. Но, за да бидеш добар во една работа, да речеме SEO, мора да ги знаеш барем на базично ниво сите останати работи, да имаш широко познавање и од другите дисциплини. Да знаеш како функционира бизнис, до каде е отидена технологијата, да разбираш дизајн, корисничко искуство итн. И тука доаѓаме до проблемот.

Ако се обидуваш да работиш за локалниот пазар мора да го земеш предвид фактот дека самиот пазар ретко може да издржи да ги подели функциите во тимот, да има за неколку различни насоки посебен вработен. И затоа што не може тоа да го издржи пазарот, очекувањата, потребите и барањата се да се најде „нинџа“ која знае сè, ама по можност и да е млад за да не бара преголема плата.

Од друга страна, тие кои го поминале сиот овој пат, кои ете, можеби може да речеме дека станале „нинџи”, се соочуваат со друг предизвик. Тие се сега искусни, поминале и сито и решето, и прво сакаат поголема плата, што е секако нормална работа, а второ нема толку лесно да се нафатат да ја работат оперативата. И не треба да се нафатат да ја работат оперативата ако во исто време треба да ја гледаат поголемата слика, развојот на брендот, целокупната маркетинг-стратегија итн. Но, нема пари за цел тим, нема доволен обем за развој на тимот во одредени полиња, тој што работи треба да знае и социјални медиуми и рекламирање и оптимизација и фотографија и фотошоп, а ако може да склопи и некое видео, тогаш е одлична прилика.

Овие луѓе ги нема во оглас. Всушност, тие луѓе ги има, ама не можеш да ги најдеш преку оглас или поточно не можеш да ги најдеш во еден оглас за еден вработен кој од самиот старт ќе се нафати да ги работи сите работи. И тоа е во ред. Она што не е во ред е што работодавачите континуирано се обидуваат да ги бараат овие работници наместо да го променат пристапот и да испланираат да го развијат кадарот.

Во маркетинг-индустријата, особено во дигиталниов дел, може екстремно брзо човек да напредува со своето знаење. Доколку им се обезбеди шанса, им се дадат предизвици и шанси за да се изградат како професионалци, може да се очекува многу од нив. Основата ја поставуваат бројните академии, курсеви и пракси кои се достапни локално, но и на интернет. Едноставно пристапот мора да се промени, мора да се скрои бизнисот да може да биде доволно флексибилен да работи со почетници и со искусни луѓе. Да им дозволи на оние со елан за работа да влезат во индустријата, да згрешат ако треба неколку пати и да научат. Самите тие низ работата ќе си почувствуваат потреба дека сакаат да знаат повеќе за дизајн, фотографија, видео, копирајтинг, огласување, оптимизација или што и да им дојде друго како предизвик.

Јасно ми е дека за компаниите ова не е најефективниот пристап, ама условите на пазарот се тие, професионалци има, ама далеку од доволно, она што останува е да создадеме нови, да им дадеме шанса, да креираме околина во која нема да очекуваме тие само после еден курс да можат да го понесат на свои рамена целиот товар на работата. Ако сакаме долгорочно да функционираме, мораме да инвестираме во пазарот. Факт е дека изминатиов период оние кои се борат за тие работни позиции интензивно вложуваат во своја едукација и, без да навлегувам колку реално тие научиле или не, сепак тоа е индивидуална работа, фактот дека се решиле на таков чекор треба да се цени и да се земе предвид дека поместувања мора да има од двете страни.

Затоа следниот пат кога ќе побара некој готов спремен дигитален маркетер кој знае да работи сè, потрудете се да му појасните дека такви чинат многу, а за да има повеќе треба сите заедно да се потрудиме повеќе.


(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2022г.)

Најчитано