Oпштина Гостивар е една од 15 локални самоуправи вклучени во проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“. Заради рамномерен опфат на проектот вклучени се по две локални самоуправи од секој плански регион и градот Скопје. Исто така, обезбедена е разновидност преку вклучување на локални самоуправи со различни карактеристики, како што се општини со различна големина во рурални и урбани средини, општини со различен број на жители и различен етнички состав на населението, општини во погранични подрачја, итн.
Иако се достапни податоци за 2020 година, при анализата се користат податоците за 2019 година коишто се јавно достапни или добиени од општина Гостивар. Целта е двојна: да се избегне ефектот од пандемијата во 2020 година врз финансиите на локалните управи во земјата и да се обезбеди споредливост на податоците со сите претходно вклучени општини вклучени во проектот за потребите на завршната групна анализа на општините.
При анализата се користи дефинирана методологија што вклучува листа на индикатори групирани во поодделни групи. Покрај структурата на приходите и расходите во буџетот на општината, индикаторите се однесуваат на големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината, итн.
Големина на локалната самоуправа
Во оваа група на индикатори се користат податоци по жител за да се обезбеди споредливост со други општини. Притоа, се користат два индикатори: обемот на вкупните расходи по жител и бројот на вработени во локалната самоуправа по жител.
Во недостаток на попис направен во поскоро време, според последните расположливи податоци на Државниот завод за статистика, во општина Гостивар живеат 81 042 жители. Вкупните расходи на општината, коишто ги вклучуваат реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите, во 2019 година изнесуваа 1.000,2 милиони денари, или 16,3 милиони евра. Ова значи дека во 2019 година вкупните расходи на општина Гостивар по жител се 12.359,9 денари или 201 евро.
Вториот индикатор за големината на локалната самоуправа е соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. Според Годишниот извештај за податоците од регистарот на вработени во јавниот сектор, изработен од Министерството за информатичко општество и администрација, на крајот од 2019 година во општинската администрација на општина Гостивар работеле 132 лица. Тоа значи дека на секој жител на општината отпаѓаат 0,0016 вработени во локалната администрација, односно на секои 1.000 жители на општина Гостивар има 1,6 вработени во општинската администрација.
Даночна автономија
Втората група на индикатори вклучува четири индикатори со кои треба да се оцени колку е финансиски независна локалната самоуправа, односно колкава е нејзината даночна автономија.
Првиот индикатор во оваа група индикатори е учеството на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Сопствени приходи на општината се оние што произлегуваат од јавни давачки кај кои општината има дискреција во поглед на нивното утврдување и наплата. Во сопствени приходи на општината влегуваат локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што општините им ги даваат на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија, итн.) локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надомест за уредување на градежно земјиште, надомест за просторни и урбанистички планови, и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати, и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон.
Во 2019 година сопствените приходи на општина Гостивар изнесуваат 265,1 милиони денари или 4,3 милиони евра. Оттука, сопствените приходи на општината Гостивар учествуваат во нејзините вкупни расходи со 26,5%. Тоа значи дека малку над една четвртина од вкупните буџетски расходи на општината Гостивар се финансираат од сопствените приходи на општината, што претставува релативно низок степен на фискална автономија.
Учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината е вториот индикатор за даночната автономија на општината. Даночните приходи ги опфаќаат приходите по основ на даноци на имот, но ги вклучуваат и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Општина Гостивар остварила даночни приходи од 72,9 милиони денари, или 1,2 милиони евра во 2019 година. Следствено, учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината изнесува 7,3%.
Трет индикатор за даночната автономија е процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Во неданочни приходи спаѓаат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци, како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци, но и т.н. даноци на специфични услуги кои всушност се однесуваат на наплатениот надомест за уредување на градежното земјиште. Во 2019 година неданочните приходи на општина Гостивар изнесуваат 143,6 милиони денари, или 2,3 милиони евра, со што нивното учество во вкупните расходи на општината е 14,3%.
Учеството на фискалните трансфери во вкупните расходи на општината е четвртиот индикатор за нејзината даночна автономија. Во 2019 година, централната власт и’ префрлила на општина Гостивар 742,4 милиони денари или 12,1 милиони евра. Со тоа, ставката „фискални трансфери од други нивоа на власт“ учествува во вкупните расходи на општина Гостивар со 74,1%, односно безмалку три четвртини од вкупните расходи на општината се финансираат со пари префрлени од централната власт. Ова укажува на постоење на значителен т.н вертикален фискален дебаланс односно висока зависност на финансирањето на општината од централната власт.
Структура на приходите

Aнализата на структурата на општинските приходи е компонента на анализата на буџетот на локалната самоуправа. Важно е да се знае по кој основ колкави приходи остварува една општина за да може да се оцени колку нејзиното финансирање е одржливо на подолг рок и колку таа ќе може обезбеди средства за своето функционирање. Имено, општината треба да обезбеди финансиски средства за извршување на бројни активности што влегуваат во нејзините надлежности, како што се активностите поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, со противпожарната заштита, со урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, со поддршката на локалниот економски развој, со заштитата на животната средина, итн.
Вкупните приходи на општина Гостивар изнесуваат 1.007,5 милиони денари или 16,4 милиони евра во 2019 година. Графиконот 1 ја прикажува нивната структура. Како што тоа е случај и кај други општини во земјата, трансферите од други нивоа на власт (централната власт) доминираат на приходната страна на буџетот на општина Гостивар со учество во вкупните приходи од 73,7%.
Втора најголема ставка на приходната страна на буџетот на општина Гостивар се неданочните приходи. Во 2019 година тие изнесуваа 143,6 милиони денари или 2,3 милиони евра и уествуваа во вкупните приходи на општината со 14,3%.
Трет најголем извор на приходи во буџетот на општина Гостивар се даночните приходи. По овој основ во 2019 година општината наплатила 72,9 милиони денари, или 1,2 милиони евра. Со тоа, учество на даночните во вкупните приходи на општината изнесува 7,2%. Како и кај другите општини, најголем дел од даночните приходи произлегува од наплатата на данок на имот. По тој основ општина Гостивар во 2019 година има наплатено 64,3 милиони денари или 1 милион евра. Со тоа, приходите по основ на данок на имот учествуваат во вкупните приходи на општина Гостивар со 6,4%.
На приходната страна на буџетот на општината Гостивар се уште приходите од продажба на земјиште и приходите по основ на донации од странство и тековни донации. Збирното учество на сите овие преостанати приходи во вкупните буџетски приходи е 4,8%, при што на приходите од продажба на земјиште отпаѓаат 4,3%, а на приходите по основ на донации од странство и тековни донации 0,5%.
Структура на расходите

Анализата на расходната страна на општинскиот буџет дава индикација за тоа како општината ги користи финансиските средства што ги прибрала во буџетот и во колкав обем таа може да ги реализира активностите што се во рамки на нејзините надлежности. Колку подобра е структурата на буџетските расходи на една општина толку поголеми се шансите нејзините граѓани да добијат поквалитетни услуги од општината.
Доминантна ставка на расходната страна на буџетот на општина Гостивар се тековните расходи, наменети за тековно функционирање на општината. Во 2019 година тековните расходи на општина Гостивар изнесуваат 831,7 милиони денари, или 13,5 милиони евра, со што нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината изнесува високи 82,3%.
Најголем дел од тековните расходи на општината се однесува на расходите за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). Општина Гостивар во 2019 година за плати имала расходи во износ од 629,3 милиони денари или 10,2 милиони евра со што нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината е 62,8%.
Следна најголема ставка на расходната страна на буџетот на општина Гостивар се расходите за набавка на стоки и услуги, како што се комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. За овие намени, во 2019 година општина Гостивар потрошила 198,3 милиони денари или 3,2 милиони евра, што претставува 19,8% од вкупните буџетски расходи на општината.
Капиталните расходи се третата ставка по големина во структурата на буџетските расходи на општина Гостивар. Во капитални расходи влегуваат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл. Може да се каже дека ова е најважниот дел на буџетот на општината во однос на нејзиниот иден развој. За капитални расходи општина Гостивар потрошила 130,5 милиони денари или 2,1 милиони евра во 2019 година, што претставува 13% од вкупните буџетски расходи на општината.
Останатите расходи на општина Гостивар во 2019 година изнесуваат 39,5 милиони денари или 0,6 милиони евра. Со тоа нивното учество во вкупните расходи на општината изнесува 3,94%. Во случајот на општина Гостивар најголем дел од останатите расходи отпаѓа на субвенции за јавни претпријатија, трансфери до невладини организации, отплата на главнина на долг, итн.
Задолженост и даночна администрација
Буџетот на општината Гостивар покажува дека таа има расходи по отплата на главнина до други нивоа на власт во износ од 9,7 милиони денари или 0.2 милиони евра во текот на 2019 година. Инаку, во моментот не е добиена информација дали сметката на општината воопшто била блокирана во текот на 2019 година.
Во однос на оценката за даночната администрација, се користат неколку показатели. Еден е износот на сопствените приходи по жител. Тој го покажува фискалниот капацитет и даночниот напор на општината. Кај општина Гостивар сопствените приходи по жител во 2019 година се 3,271,6 денари и се пониски во споредба со некои други досега анализирани општини.
Друг показател за даночната администрација е износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Во 2019 година општина Гостивар наплатила даночни приходи по вработен во општинската администрација во износ од 551.980,5 денари. Овој индикатор го покажува даночниот напор на општината и ефикасноста во наплатата на даночните приходи.
Во 2019 година вкупните приходи на општина Гостивар ги надминуваат вкупните расходи за 5,8 милиони денари или за 94,7 илјади евра. Но, од аспект на реализација на планираното, наплатените буџетски приходи се пониски од планираното за 2019 година за 18,5 милиони денари или за 0,3 милиони евра, односно за 1,8%.
(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)










