Oпштина Кавадарци е една од 15-те локални самоуправи вклучени во проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“. Заради рамномерен опфат на проектот вклучени се по две локални самоуправи од секој плански регион и градот Скопје. Исто така обезбедена е разновидност преку вклучување на локални самоуправи со различни карактеристики како што се општини со различна големина во рурални и урбани средини, општини со различен број на жители и различен етнички состав на населението, општини во погранични подрачја итн.
При анализата на буџетот кај сите вклучени општини се користат податоците за 2019 година. Целта е двојна. Прво, да се избегне ефектот од пандемијата во 2020 година врз финансиите на локалните управи во земјава. Второ, да се обезбеди споредливост на податоците со сите општини кои беа вклучени во проектот во период кога имаше податоци за 2019 година, но не и за 2020 година. Ваквата споредливост е неопходна за завршната групна анализа на општините. Инаку се користат податоци што се јавно достапни или се добиени од конкретните општини.
При анализата се користи однапред дефинирана методологија што вклучува листа на индикатори групирани во поодделни групи. Покрај структурата на приходите и расходите во буџетот на општината, индикаторите се однесуваат на големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината итн.
Големина на локалната самоуправа
Првата група индикатори се однесува на оценка на големината на локалната самоуправа. За таа цел се користат два индикатори: обемот на вкупните расходи по жител и бројот на вработени во локалната самоуправа по жител.
За првиот индикатор вкупните расходи на општината ги вклучуваат реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите. Вкупните расходи на Општина Кавадарци во 2019 година изнесувале 801 милион денари или 13 милиони евра. Од друга страна, бројот на жители на Кавадарци, според податоците добиени од општината, е 38 741 лице. Тоа значи дека според првиот индикатор вкупните расходи на Општина Кавадарци по жител во 2019 година се 20 677 денари или 336,2 евра.
Вториот индикатор за големината на локалната самоуправа е соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. Во општинската администрација на Општина Кавадарци на крајот од 2019 година работеле 91 лице. Тоа значи дека на секој жител на општината отпаѓаат 0,00234 вработени во локалната администрација, односно на секои 1 000 жители на Општина Кавадарци има 2,3 вработени во општинската администрација.
Даночна автономија
Втората група на индикатори се однесува на даночната автономија на општината која овозможува да се оцени колку е финансиски независна локалната самоуправа. За таа цел, кај оваа група индикатори користиме четири индикатори.
Прв индикатор за оценка на даночната автономија на општината е процентуалното учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Сопствените приходи на општината се однесуваат на приходите врз кои има дискреција општината во поглед на утврдувањето, односно наплатата на јавните давачки. Во сопствени приходи влегуваат локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и правата што им ги даваат општините на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија итн.), локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за просторни и урбанистички планови и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон. Во 2019 година, сопствените приходи на Општина Кавадарци изнесувале 306,4 милиони денари или 5 милиони евра. Тоа значи дека сопствените приходи на општината учествувале во нејзините вкупни расходи со 38,2 %. Ова е повисок степен на фискална автономија во споредба со други општини вклучени во претходни анализи.
Втор индикатор за даночната автономија е учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината. Даночните приходи ги опфаќаат приходите по основ на даноци на имот, но ги вклучуваат и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Даночните приходи на Општина Кавадарци во 2019 година изнесувале 119,7 милиони денари или 1,9 милиони евра, а нивното учество во вкупните расходи на општината изнесува 14,9 %.
Трет индикатор за даночната автономија е процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Во неданочни приходи спаѓаат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци, но и т.н. даноци на специфични услуги кои, всушност, се однесуваат на наплатениот надоместок за уредување на градежното земјиште. Во 2019 година, неданочните приходи на Општина Кавадарци изнесувале 147,2 милиони денари или 2,4 милиони евра. Нивното учество во вкупните расходи на општината е 18,4 %.
Четврти индикатор за даночната автономија е учеството на фискалните трансфери во вкупните расходи. Во 2019 година, Општина Кавадарци од централната власт добила трансфери во износ од 457,8 милиони денари или 7,4 милиони евра. Учеството на фискалните трансфери во вкупните расходи на Општина Кавадарци е 57,2 %. Фактот дека повеќе од половина од вкупните расходи на општината се финансираат од средства добиени од централната власт упатува на постоење на значителен т.н. вертикален фискален дебаланс, но тој е сепак понизок во споредба со други анализирани општини.
Структура на приходите

Секоја општина има широк дијапазон на разновидни активности што треба да ги извршува во рамките на своите надлежности. Така општината треба да обезбеди финансиски средства за извршување на активностите поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, со противпожарната заштита, со урбанистичкото планирање и со уредувањето на просторот и на градежното земјиште, со поддршката на локалниот економски развој, со заштитата на животната средина итн. Имајќи го сето ова предвид, важно е да се знае структурата на приходите на општината.
Вкупните приходи на општина Кавадарци во 2019 година изнесувале 801 милион денари или 13 милиони евра. Нивната структура е прикажана во графиконот 1.
Најголем дел од приходите на општината доаѓа од трансферите од други нивоа на власт (централната власт) чие учество во вкупните приходи е 57,2 %.
Втор најголем извор на приходи за Општина Кавадарци се неданочните приходи. Нивното учество во вкупните приходи на општината во 2019 година изнесува 18,4 %.
Трет најголем извор на приходи во буџетот на Општина Кавадарци се даночните приходи. Нивното учество во вкупните приходи на општината изнесува 14,9 %. Најголема компонента во рамките на даночните приходи се приходите од данокот на имот. Така Општина Кавадарци во 2019 година по основ на данок на имот наплатила 109,6 милиони денари или 1,8 милиони евра со што тие учествуваат во вкупните приходи на општината со 13,7 %.
Преостанатите извори на приходи на Општина Кавадарци имаат збирно учество од 9,5 % во вкупните приходи на општината. Најголем дел (4,6 % од вкупните општински приходи) се однесува на приходи од домашно задолжување. Потоа следуваат приходите од продажба на земјиште со учество од 2,7 % и приходите по основ на донации со учество од 2,2 %.
Структура на расходите

Анализата на расходната страна на општинскиот буџет дава индикација за тоа како општината ги користи финансиските средства што ги прибрала во буџетот. Колку подобра е структурата на буџетските расходи на една општина, толку поголеми се шансите нејзините граѓани да добиваат добри општински услуги за поквалитетен живот во моментот, но и во иднина.
За обезбедување на тековното функционирање на општината служат тековните расходи. Општина Кавадарци во 2019 година реализирала тековни расходи во износ од 530,1 милион денари или 8,6 милиони евра со што нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината е 66,2 %.
Најголем дел од тековните расходи отпаѓа на расходи за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). За таа намена, Општина Кавадарци во 2019 година потрошила 383,9 милиони денари или 6,2 милиони евра со што нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината е 47,9 %.
Втор најголем расход во буџетот на Општина Кавадарци се расходите за набавка на стоки и услуги како што се комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. Во 2019 година, тие изнесуваа 146,3 милиони денари или 2,4 милиони евра. Нивното во вкупните расходи на општинскиот буџет е 18,3 %.
Трета најголема ставка на страната на буџетските расходи на Општина Кавадарци се капиталните расходи. Тука спаѓаат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл. Капиталните расходи ја претставуваат развојната компонента на буџетот и се индикација за идниот развој на општината, па затоа се многу важен дел од буџетот. Во 2019 година, општина Кавадарци потрошила 214,7 милиони денари или 3,5 милиони евра за капитални расходи. Со тоа нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината е 26,8 % и е значително повисоко од учеството на капиталните расходи во вкупните буџетски расходи на други анализирани општини.
Збирното учество на сите други расходи во вкупните расходи на Општина Кавадарци е 7 %. Притоа највисоко учество имаат трансферите до невладини организации и други трансфери со учество од 5,4 %.
Задолженост и даночна администрација
Во однос на задолженоста, сметката на Општина Кавадарци не била блокирана во 2019 година ниту во годините претходно.
Во однос на оценката за даночната администрација се користат неколку индикатори што го покажуваат фискалниот капацитет и даночниот напор на општината за наплата на приходите. Еден таков индикатор е износот на сопствените приходи по жител. Во случајот на Општина Кавадарци вредноста на овој индикатор е 7 908 денари.
Друг индикатор за даночната администрација е износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Во 2019 година, Општина Кавадарци наплатила 1 314 886 денари по вработен во општинската администрација, што е повисока вредност во споредба со други анализирани општини.
Трет индикатор е износот на неданочни приходи по вработен во општинската администрација. Општина Кавадарци во 2019 година наплатила 1 617 224 денари по вработен во општинската администрација, што е повисока вредност во споредба со други анализирани општини.
Во 2019 година, Општина Кавадарци реализирала повеќе даночни приходи од она што било планирано. Натфрлањето изнесува 14,1 милион денари или 13,4 %.
(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)










