Буџетот на општина Куманово
Движења, трендови, показатели

Буџетот на секоја општина ја крие во себе приказната за нејзините можности, успеси, но и препреки и ограничувања. Оттаму анализата на буџетот всушност има цел да ја раскаже таа приказна за општината. Притоа оценката се потпира на неколку клучни столбови: големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината, структурата на приходите, структурата на расходите, задолженоста и даночната администрација. Во овој број го анализираме буџетот на Општина Куманово. Се работи за голема општина, со етнички разновидно население. Податоците користени при анализата се податоци кои се јавно достапни или се добиени од општината. Сторијата за Општина Куманово е специфична поради нејзиното повеќегодишно работење со блокирана сметка.

Големина на локалната самоуправа
Еден од индикаторите за големината на локалната самоуправа е соодносот на вкупните расходи на општината по жител. На тој начин може да се процени големината на јавните услуги што ги дава општината изразени преку големината на нејзините вкупни расходи и што значи тоа во однос на бројот на жители на општината. Во 2019 година, Општина Куманово реализирала вкупни расходи во износ од 1 654 милиони денари или 26,9 милиони евра при што тука се вклучени реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите. Кога ќе се земе предвид дека според последниот официјален податок општината брои 106 444 жители, ова значи дека вкупните расходи на општината по жител изнесувале 15 540 денари или 252 евра.
Друг индикатор за големината на локалната самоуправа е бројот на вработени во администрацијата на општината во однос на бројот на нејзините жители. Со оглед на тоа што на крајот од 2019 година Општина Куманово имала 218 лица вработени во општинската администрација, на секој жител на општината отпаѓаат 0,002 вработени во локалната администрација. Овој индикатор покажува дека бројот на вработени во администрацијата на општината е релативно мал имајќи предвид колку многу жители живеат во неа.

Даночна автономија
Даночната автономија ја покажува финансиската независност на локалната самоуправа. Општина која располага со доволно сопствени приходи е во позиција подобро да ги планира и потоа да ги реализира планираните активности. Истовремено степенот на даночната автономија го покажува и степенот на политичка независност на општината во однос на централната власт. Општина со поголема даночна автономија може во поголем обем да се потпре на сопствените приходи наместо да зависи од фискални трансфери од централната власт.
Степенот на фискалната автономија на општините вообичаено се оценува преку неколку индикатори. Еден од нив е процентуалното учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Според податоците за 2019 година, сопствените приходи на Општина Куманово, оние врз кои општината има контрола во однос на утврдувањето и/или наплатата на јавната давачка, учествуваат само со 29,67 % во вкупните расходи на општината. Ова покажува дека учеството на фискалните трансфери од централната власт во вкупните расходи на општината е високо и изнесува 70,33%. Следствено, Општина Куманово има релативно низок степен на даночна автономија, односно релативно висок степен на финансиска зависност од централната власт. Тоа упатува на постоење на значителен вертикален фискален дебаланс и претставува ограничувачки фактор за побрз развој на општината.
Следен индикатор е процентуалното учество на даночните приходи во вкупните расходи на општината. Според овој индикатор, во 2019 година даночните приходи на Општина Куманово, кои ги опфаќаат приходите по основ на даноци на имот, но ги вклучуваат и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините, учествуваат со 11,59 % во вкупните расходи на општината.
Друг индикатор во оваа група е процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Притоа неданочните приходи ги вклучуваат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци. Независно од терминологијата, тука се вклучуваат и т.н. даноци на специфични услуги кои, всушност, се однесуваат на наплатениот надоместок за уредување на градежното земјиште, а приходите по основ се и најголемиот извор на приходи во групата неданочни приходи. Во случајот на Општина Куманово, во 2019 година вака дефинираните неданочни приходи учествуваат во вкупните расходи на општината со 15,5 %.

Структура на приходите

Општините имаат широкоразгранета структура на надлежности во повеќе области. Портфолиото на општините вклучува лепеза на активности поврзани со образовниот процес на учениците во основните и средните училишта, како и активности поврзани со социјалната заштита и заштитата на децата. Општините имаат свои активности и во поглед на здравствената заштита, противпожарната заштита, урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште. Понатаму, општините имаат бројни активности поврзани со комуналните дејности како што се снабдување со вода, одржување на јавната чистота, организирање на локалниот јавен превоз, изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици итн. Општините се грижат и за локалниот економски развој, заштитата на животната средина итн. За да можат успешно да ги извршуваат сите овие активности, општините мораат да имаат соодветни финансиски средства.
Приходите на општините вклучуваат два вида на приходи: сопствени приходи и фискални трансфери од централната власт. Сопствените приходи опфаќаат неколку категории на приходи како што се: локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што им ги даваат општините на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија, итн.), локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за просторни и урбанистички планови и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати, и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон.
Анализата на структурата на приходите вклучува неколку показатели. Еден од нив е учеството на даночните приходи во вкупните приходи. Во случајот на Општина Куманово, даночните приходи учествуваат во вкупните приходи со 11,43 %. Друг показател е учеството на приходите по основ на данокот на имот во вкупните приходи, како дел од даночните приходи, кои кај конкретнава општина изнесуваат 10,56 %. Трет показател е учеството на неданочните приходи во вкупните приходи кои кај Општина Куманово во 2019 година изнесуваат 15,31 %. Од останатите ставки во структурата на приходите на општината, приходите од продажба на земјиште учествуваат со 1,66 %, а донациите од странство и другите донации со 0,87 % во вкупните приходи. Графиконот 1 визуелно ја прикажува убедливо доминантната позиција што ја имаат приходите од трансфери од други нивоа на власт во структурата на приходите на Општина Куманово со учество од високи 70,72 % во вкупните приходи на општината.
За да може Општина Куманово подобро и на подолг рок да ги контролира своите финансии, да ги планира и да ги реализира своите активности, неопходно е да го зголеми учеството на своите приходи што не доаѓаат од други нивоа на власта, а со тоа и да ја намали зависноста од централната власт.

Структура на расходите

Ако приходите во буџетот треба да создадат финансиска основа за да можат општините да ги реализираат своите надлежности, тогаш буџетските расходи покажуваат колку ефикасно општините ги користат прибраните финансиски средства. Анализата на расходната страна на општинскиот буџет вклучува неколку показатели.
Најопшт показател, кој го покажува учеството на расходите за тековно функционирање на општините, е соодносот на тековните и вкупните расходи на општините. Во 2019 година, во буџетот на Општина Куманово, на тековни расходи отпаѓаат 81,41 % од вкупните општински расходи. Доминантна ставка во рамките на тековните расходи се расходите за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). Тие учествуваат во вкупните буџетски расходи со високи 55,15 %. Дел од своите финансиски средства Општина Куманово ги користи и за набавка на стоки и услуги како што се: комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. Расходите за набавка на стоки и услуги учествуваат со 26,13 % во вкупните расходи.
Капиталните расходи, кои ја покажуваат развојната страна на општинскиот буџет на Општина Куманово и во себе ги вклучуваат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл., се двојно помали од расходите за набавка на стоки и услуги и повеќе од четири пати пониски од расходите за плати. Така учеството на капиталните расходи во вкупните расходи изнесува 12,66 %.

Задолженост и даночна администрација
Општина Куманово работела под силно ограничување во подолг временски период. Од 2013 година, општината работела со блокирана сметка во еден повеќегодишен период. Причина за блокадата се извршни судски решенија по основ на побарувања од физички и правни лица. Судските решенија се поврзани со побарувања што произлегуваат од тужби за вршени експропријации, работни спорови, како и кредит од 2004 година за кој извршувањето е од Министерството за финансии. За да може воопшто да работи во периодот во кој има блокирана сметка, општината обезбедила судско решение со заштитна финансиска рамка која овозможува доволен месечен прилив на средства за да се покријат платите и основните трошоци, но и да се реализираат програмите на јавните претпријатија и одржувањето на постоечката инфраструктура.
Општина Куманово успева да ја деблокира сметката во март 2020 година. Во дадените околности тоа веројатно може да се смета за најсилниот поединечен индикатор за фискалниот капацитет на локалната власт. Со деблокадата на сметката практично се создаваат базични предуслови за нормално функционирање на општината и давање услуги на нејзините граѓани.
Како индикатор за ефикасноста на даночниот напор на општината, односно степенот до кој успева да ги наплати општината своите потенцијални приходи може да се искористи и споредбата на остварените и планираните даночни приходи. Податоците покажуваат дека во 2019 година остварените даночни приходи на Општина Куманово се повисоки од планираното за 19,6 %.
Понатаму, во 2019 година по основ на данок на имот општината остварила буџетски приходи во износ од 177 милиони денари. Со оглед на тоа што нема достапен податок за бројот на единици за домување и за нивната површина не можат да се изведат дополнителни заклучоци за даночниот напор.


(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2020г.)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Повеќе од истиот автор

Најчитано