Oпштина Пласница е една од 15 локални самоуправи вклучени во проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“. Заради рамномерен опфат на проектот вклучени се по две локални самоуправи од секој плански регион и градот Скопје. Дополнително, обезбедена е разновидност во опфатот преку вклучување на локални самоуправи со различни карактеристики, како што се општини со различен број на жители и различен етнички состав на населението, општини во рурални и урбани средини, општини во погранични подрачја, итн. Во овој контекст, општина Пласница е пример за мала и рурална општина.
При анализата на буџетот кај сите вклучени општини се користат податоците за 2019 година. Целта е двојна. Прво, да се избегне ефектот од пандемијата во 2020 година врз финансиите на локалните управи во земјата. Второ, да се обезбеди споредливост на податоците со сите општини кои се вклучени во проектот. Имено, проектот започна во октомври 2020 година, кога имаше податоци за 2019, но не и за 2020 година. Ваквата споредливост е неопходна и за групната анализа на општините која ќе биде направена на крајот од проектот. Инаку, за потребите на анализата се користат податоци што се јавно достапни или се добиени од конкретните општини.
При анализата се користи однапред дефинирана методологија што вклучува листа на индикатори групирани во поодделни групи. Покрај структурата на приходите и расходите во буџетот на општината, индикаторите се однесуваат на големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината, итн.
Големина на локалната самоуправа
Првата група индикатори се однесува на оценка на олемината на локалната самоуправа. За таа цел се користат два индикатори: обемот на вкупните расходи по жител и бројот на вработени во локалната самоуправа по жител.
Во поглед на првиот индикатор, општина Пласница во 2019 година реализирала вкупни расходи во износ од 33.5 милиони денари, или 0,5 милиони евра. Тие опфаќаат ставки како што се основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите. Според податоците од општината, бројот на жители на Пласница е околу 7.000 лица, за потребите на анализата се зема дека се точно 7.000 жители. Оттука, првиот индикатор за големината на локалната самоуправа покажува дека во 2019 година вкупните расходи на општина Пласница по жител изнесувале 4.779,3 денари или 77 евра.
Вториот индикатор за големината на локалната самоуправа е соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. Во случајот на општина Пласница, на крајот од 2019 година во администрацијата на општината биле вработени 16 лица. Оттаму, според вториот индикатор за големината на локалната самоуправа, на секој жител на општината отпаѓаат 0,0023 вработени во локалната администрација или на секои 1.000 жители на општина Пласница има 2,3 вработени во општинската администрација.
Даночна автономија
Втората група на индикатори во рамки на користената методологија за анализа на општинскиот буџет се однесува на даночната автономија на општината, односно нејзината финансиска независност. Таа се оценува преку четири индикатори.
Прв индикатор за оценка на даночната автономија на општината е процентуалното учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Сопствените приходи на општината се однесуваат на приходите врз кои општината има дискреција во поглед на утврдувањето, односно наплатата на јавните давачки. Сопствените приходи ги опфаќаат приходите по основ на локални даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што општините им ги даваат на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија, итн.) локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надомест за уредување на градежно земјиште, надомест за просторни и урбанистички планови, и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати, и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон. Сопствените приходи на општина Пласница во 2019 година изнесувале 8 милиони денари или 0,13 милиони евра, со што нивното учество во вкупните расходи на општината изнесува 24,1%.
Втор индикатор за даночната автономија е учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината. Во даночни приходи се вклучуваат приходите по основ на даноци на имот, но и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Во 2019 година даночните приходи на општина Пласница изнесувале 2,5 милиони денари, или 0,04 милиони евра и нивното учество во вкупните расходи на општината изнесува 7,4%.
Трет индикатор за даночната автономија е процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Во неданочни приходи спаѓаат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци, како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци, но и т.н. даноци на специфични услуги кои всушност се однесуваат на наплатениот надомест за уредување на градежното земјиште. Во 2019 година неданочните приходи на општина Пласница изнесувале 3,3 милиони денари или 0,05 милиони евра, со што нивното учество во вкупните расходи на општината е 9,9%.
Четвртиот индикатор за оценка на даночната автономија на една општина е учеството на фискалните трансфери во нејзините вкупни расходи. Ова се однесува на фискални трансфери од други нивоа на власт, но всушност се мисли на трансфери на средства од централната власт. Во 2019 година централната власт и’ префрлила на општина Пласница 25,5 милиони денари или 0,4 милиони евра. Тоа значи дека дури 76,2% од вкупните расходи на општината се финансирале со трансфери од централната власт. Ова покажува дека постои т.н вертикален фискален дебаланс, односно висок степен на финансиска зависност на општината од централната власт.
Структура на приходите

Извршувањето на бројни активности во рамките на своите надлежности на општините, како што се активностите поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, противпожарната заштита, урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, активностите поврзани со поддршката на локалниот економски развој, заштитата на животната средина, итн., бараат обезбедување на финансиски средства. За да се има увид во начинот на прибирање финансиски средства важно е да се знае структурата на приходите на општината.
Вкупните приходи на општина Пласница во 2019 година изнесувале 3,3 милиони денари или 0,5 милиони евра. Графиконот 1 ја прикажува нивната структура.
Најголемиот дел од приходите на општина Пласница, значителни 76%, се од трансферите од други нивоа на власт (централната власт).
Втор најголем извор на приходи за општина Пласница во 2019 година се неданочните приходи со учество од 9,8% во вкупните приходи на општината.
Трет најголем извор на приходи во општинскиот буџет се даночните приходи. Нивното учество во вкупните приходи на општината во 2019 година достигна 7,4%. Најголемиот дел од даночните приходи на општината потекнува од наплатениот данок на имот. Во 2019 година приходите на општина Пласница по основ на данок на имот изнесувале 2,3 милиони денари или 0,04 милиони евра со што учеството на данокот на имот во вкупните приходи на општината изнесува 7%.
Преостанатите приходи на општина Пласница произлегуваат од приходи по основ на продажба на земјиште. Во 2019 година по овој основ се остварени приходи во износ од 2,3 милиони денари, или 0,04 милиони евра, со што нивното учество во вкупните општински приходи изнесува 6,8%.
Структура на расходите

Структурата на расходите покажува за кои намени се трошат финансиските средства на општината. Колку подобра е структурата на буџетските расходи на една општина толку поголеми се шансите нејзините граѓани да добиваат квалитетни општински услуги и во иднина. Затоа е важно да се види каква е структурата на расходите на буџетот на општината. Во случајот на општина Пласница таа е прикажана во графиконот 2.
Во 2019 година тековните расходи на општина Пласница изнесувале 13 милиони денари или 0,21 милиони евра. Нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината е 38,8%.
Набљудувано во рамки на тековните расходи, најголема ставка се расходите за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). За оваа намена, во 2019 година општина Пласница исплатила 6,7 милиони денари или 0,11 милиони евра. Тоа претставува само 20% од вкупните буџетски расходи на општината.
Втора најголема расходна ставка во буџетот на општина Пласница се расходите за набавка на стоки и услуги, како што се комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. За оваа намена во 2019 година општина Пласница потрошила 6,3 милиони денари или 0,1 милиони евра. Со тоа, учествувото на овие расходи во вкупните буџетски расходи на општината е 18,9%.
Во случајот на Пласница вистинско позитивно изненадување се капиталните расходи. Тие се најважната ставка на буџетските расходи на една општина кога станува збор за идниот развој на иднината. Капиталните расходи ги вклучуваат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл. Во 2019 година општина Пласница реализирала капитални расходи во износ од 8,5 милиони денари или 0,14 милиони евра. Иако номиналниот износ е мал заради фактот дека и општината е мала, сепак капиталните расходи на општината Пласница учествуваат со 25,3% во вкупните расходи на општината. Со тоа, во рамки на овој проект, општината Пласница е една од општините со најголемо учество на капиталните расходиво вкупните расходи од сите анализирани општини.
Во случајот на општина Пласница ставката „Останати расходи“ е најголемата поединечна ставка во буџетот на општината. На неа отпаѓаат 2,3 милиони денари или 0.04 милиони евра кои се однесуваат на разни трансфери и учествуваат во вкупните буџетски расходи на општината со високи 35,8%.
Задолженост и даночна администрација
Во однос на задолженоста, општина Пласница се соочувала со финансиски потешкотии. Сметката на општината била блокирана во периодот 2011 – 2019 година.
Што се однесува до оценката на даночната администрација, таа укажува на фискалниот капацитет и даночниот напор на општината за наплата на приходите. За таа цел се користат неколку индикатори.
Еден индикатор е износот на сопствените приходи по жител. Во 2019 година општина Пласница остварила сопствени приходи во износ од 1.149,6 денари по жител.
Друг индикатор е износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Во 2019 година општина Пласница наплатила даноци во износ од 154.058,6 денари по вработен во општинската администрација.
Сличен индикатор е износот на остварени неданочни приходи по вработен во општинската администрација. Во 2019 година општина Пласница наплатила 206.085,6 денари по вработен во општинската администрација.
Во однос на степенот на реализација на планираните даночни приходи во 2019 година, општина Пласница наплатила повеќе од планираното за 0,2 милиони денари или за 9,3%.
(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)








