Буџетот на општина Прилеп
Движења, трендови, показатели *

Буџетот на секоја општина ја крие во себе приказната за нејзините можности, успеси, но и препреки и ограничувања. Оттаму анализата на буџетот всушност има цел да ја раскаже таа приказна за општината. Притоа оценката се потпира на шест клучни столбови: големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината, структурата на приходите, структурата на расходите, задолженоста и даночната администрација.

Големина на локалната самоуправа

Стартна точка е оценката за големината на локалната власт. На крајот од 2019 година, во локалната администрација на општината се вработени 152 лица, вклучително и 28 членови на противпожарната заштита, кои не ја добиваат платата од општината. Ако тие се исклучат, тогаш бројот на вработени е 124 лица. Имајќи предвид дека во согласност со официјалните податоци општината има 76 748 жители, тоа значи дека на секој жител на општината доаѓаат 0,001 вработени во локалната администрација или на секои илјада жители на општината доаѓаат 1,6 вработени во општинската администрација.

Даночна автономија
Даночната автономија ја покажува финансиската независност на локалната самоуправа. Таа е важен показател за нејзината финансиска и функционална независност. Општина која располага со доволно сопствени приходи е во позиција подобро да ги планира и потоа да ги реализира планираните активности. Исто така можноста општината во поголем обем да се потпре на сопствените приходи наместо да зависи од фискални трансфери од централната власт ја зголемува и политичката независност на општината во однос на централната власт.
Степенот на фискалната автономија на општините вообичаено се оценува преку следниве индикатори. Сопствените приходи на Општина Прилеп, оние врз кои општината има контрола во однос на утврдувањето и наплатата на јавната давачка, учествуваат со 30 % во вкупните расходи на општината. Ова покажува дека фискалните трансфери од централната власт имаат високо учество од 70 % во вкупните расходи на општината. Оттаму Општина Прилеп има релативно висок степен на финансиска зависност од централната власт, што може да се смета за ограничувачки фактор за побрз развој на општината. Со други зборови, постои значаен вертикален фискален дебаланс.
Следен индикатор е учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината, кој може да се смета за варијанта на претходниот индикатор. Во случајот на Општина Прилеп, даночните приходи, кои ги вклучуваат приходите по основ даноци на имот и даноци од доход, добивка и капитална добивка, заедно учествуваат со 7,97 % во вкупните расходи на општината.
Од друга страна, неданочните приходи ги вклучуваат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци како што се: такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци. Независно од терминологијата, тука се вклучуваат и т.н. даноци на специфични услуги кои, всушност, се однесуваат на наплатениот надоместок за уредување на градежното земјиште. Приходите по основ на надоместокот за уредување на градежното земјиште е најголем извор на приходи во групата неданочни приходи. Инаку, целата група на неданочни приходи учествува со 14,7 % во вкупните расходи на Општина Прилеп.

Структура на приходите


Општините имаат широко разгранета структура на надлежности. Во областа на образованието, во соработка со централната власт, основаат, финансираат и администрираат основни и средни училишта и ги организираат превозот, исхраната и сместување на учениците во ученички домови. Слични активности имаат и во поглед на социјалната заштита и заштитата на децата при што станува збор за за детски градинки, домови за стари лица, деца без родители, деца со посебни потреби, социјална грижа за инвалидни лица итн. Во однос на здравствената заштита, општините имаат свои претставници во одборите на сите здравствени организации во јавна сопственост заради управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита, а имаат и активности поврзани со превенцијата и унапредувањето на здравјето. Општините се грижат за урбанистичкото планирање преку издавање одобренија за градење на објекти од локално значење, се грижат за уредување на просторот и уредување на градежното земјиште. Општините имаат редица активности поврзани со комуналните дејности како што се: снабдување со вода, одржување на јавната чистота, организирање на локалниот јавен превоз, изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; изградба и одржување на јавниот простор за паркирање, одржување и користење на парковите, зеленилото, парк шумите и рекреативните површини итн. Општините се грижат и за локалниот економски развој преку планирање на локалниот економски развој, водење на локална економска политика и поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво, се грижат за заштита на животната средина на природата преку преземање на разновидни заштитни мерки. Во ингеренции на општините е и противпожарната заштита на територијалните противпожарни единици, а тие вршат и други активности поврзани со културата, спортот итн. За да можат успешно да ги извршуваат сите овие активности, општините мора да имаат соодветни финансиски средства.
Приходите на општините вклучуваат два вида приходи: сопствени приходи и фискални трансфери од централната власт. Сопствените приходи, пак, опфаќаат неколку категории на приходи како што се: локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што им ги даваат општините на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија, итн.), локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за просторни и урбанистички планови и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати, и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон.
Анализата на структурата на приходите на Општина Прилеп покажува дека учеството на даночните приходи во вкупните приходи изнесува 7,94 %. Доколку од даночните приходи се земат само приходите по основ на данокот на имот, нивното учество во вкупните приходи на општината изнесува 6,79 %. Неданочните приходи, пак, учествуваат во вкупните приходи со 14,66 %. На приходите од продажба на земјиште отпаѓаат 6,43 % од вкупните приходи. Донациите од странство и другите донации учествуваат со 0,86 % во вкупните приходи. На приходите од трансфери од други нивоа на власт отпаѓаат дури 70 % од вкупните приходи на Општина Прилеп.
Структурата на приходите на Општина Прилеп јасно ја покажува зависноста на општината од фискалните трансфери од други нивоа на власт, односно од централната власт. Општината се соочува со предизвик како да ги зголеми сопствените приходи и мора да носи одлуки во таа насока за да може да си обезбеди повисок степен на контрола на сопствените финансии и поцврста основа за планирање и реализирање на своите активности.

Структура на расходите


Структурата на расходите ја одразува ефикасноста на општините во трошењето на средствата, имајќи го предвид целиот нивен спектар на разновидни надлежности и активности. Притоа, набљудувано според економската класификација, се набљудуваат неколку индикатори.
Најопшт показател, кој го покажува учеството на расходите за тековно функционирање на општините, е соодносот на тековните и вкупните расходи на општините. Во случајот на Општина Прилеп, тековните расходи учествуваат со 79,59 % во вкупните расходи. Следен чекор е да се види какво е учеството на поодделни компоненти на тековните расходи. Така, платите (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања) учествуваат со 53,88 %, што покажува дека повеќе од половина од вкупните расходи на општината одат за финансирање на општинската администрација. Расходите на Општина Прилеп за стоки и услуги (комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи) учествуваат со 25,64 % во вкупните расходи.
За разлика од претходните индикатори кои ги покажуваат расходите поврзани со тековното работење на Општина Прилеп, учеството на капиталните расходи во вкупните расходи ја покажува развојната компонента на општинските расходи. Во капитални расходи се вклучени расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила, вложувања во нефинансиски средства и капитални субвенции за претпријатија. Во буџетот на Општина Прилеп, учеството на капиталните расходи во вкупните расходи изнесува 12,66 %. Ова учество не е високо, но добро е што трошоците за набавка на мебел се нула, а трошоците за купување на возила се само 0,4 % од капиталните расходи, односно капиталните расходи се речиси во целост насочени кон градежни објекти.
Ефикасноста на општините во поглед на употребата на прибраните финансиски средства може да се оценува и со користење на показатели изразени по жител. Но, употребата на овие показатели е под влијание на географски фактори како што се: површината на општината и густината на населението, што се одразува на трошоците за обезбедување на јавни услуги по жител. Во руралните или планински подрачја општините имаат поголеми трошоци во тој поглед.

Задолженост
Задолжувањето, доколку се прави за продуктивни цели, е фактор што може да го поттикне развојот на една општина. Но, доколку се прави за непродуктивни цели и истовремено е во преголем обем станува фактор што силно го ограничува не само идниот развој туку и тековното функционирање на општината.
Степенот на задолженост на општините може да се согледа преку повеќе показатели. Еден од нив е бројот на денови на блокирана сметка. Општина Прилеп нема ниеден ден блокирана сметка. Вкупниот долг на општината на крајот на 2019 година изнесува 47 милиони денари, што претставува долг од 612 денари по глава на жител.
Вкупниот долг на Општина Прилеп на крајот од 2019 година изнесува 47 милиони денари, што претставува 14,2 % од вкупните сопствени приходи на општината. Општината има капацитет да го сервисира долгот од сопствените приходи. Притоа учеството на краткорочниот долг во однос на вкупните сопствени приходи е 1,5 %, а на долгорочниот долг во однос на вкупните сопствени приходи е 12,6 %. Тоа е поволна рочна структура на долгот што не ја загрозува финансиската стабилност на општината. Расходите за сервисирање на долгот претставуваат само 0,8 % од вкупните расходи на Општина Прилеп, што покажува дека степенот на задолженост не го загрозува извршувањето на редовните активности на општината.

Даночна администрација
Значајни елементи за комплетирање на сликата за буџетот на една општина се нејзиниот фискален капацитет, како мерка на потенцијалната фискална способност на локалната власт да генерира сопствени фискални приходи, и нејзиниот даночен напор, како показател за степенот до кој го искористува општината својот фискален капацитет, т. е. нејзиниот напор да ги наплати потенцијалните сопствени приходи. Тешко е да се формира прецизна слика, но тоа може донекаде индиректно да се постигне преку неколку показатели.
Сопствените приходи на Општина Прилеп по глава на жител во 2019 година изнесуваат 4 307 денари. Даночните приходи по вработен во општинската администрација, како илустрација за даночниот напор, изнесуваат 707.829 денари. Во 2019 година, како данок на имот Општина Прилеп наплатила 75 милиони денари. Имајќи предвид дека во општината има 24 099 единици за домување, станови и куќи на кои се плаќа данок на имот, наплатениот данок по единица за домување е 3 114 денари. Перцепцијата би била попрецизна доколку се знае вкупната површина на единиците за домување, но таков податок не е расположлив за општината.
Сооодносот на реализирани и планирани даночни приходи (даноци на имот и данок од доход и добивка) исто така се смета за индикатор на ефикасноста на даночниот напор на општината. Во 2019 година, Општина Прилеп наплатила 102 % од планираните даночни приходи, односно наплатила повеќе од планираното.


*Забелешка: во однос на печатеното издание е направена корекција низ текстот каде што се зборува за бројот на вработени во општинската администрација. Во печатеното издание е направена техничка грешка и наместо бројот на вработени во општинската администрација употребен е бројот на вкупно вработени лица во Општината.

(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2020г.)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Повеќе од истиот автор

Најчитано