Буџетот на општина Штип – Движења, трендови, показатели

Големина на локалната самоуправа
Првата група на индикатори опфатена со методологијата за анализа на општинскиот буџет е големината на локалната самоуправа, која се оценува преку два индикатори: обемот на вкупните расходи по жител и бројот на вработени во локалната самоуправа по жител.
Вкупните расходи на Општина Штип во 2019 година изнесуваа 787,6 милиони денари или 12,8 милиони евра. Тие ги вклучуваат: реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите. Од друга страна, според проценетите податоци добиени од општината, во 2019 година Штип има 48 571 жител. Според тоа, во 2019 година вкупните расходи на Општина Штип по жител се 16 216 денари или 263,7 евра.
Големината на локалната самоуправа се оценува и според соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. Oпштинската администрација на Општина Штип броела 151 вработен на крајот од 2019 година. Тоа значи дека на секој жител на општината отпаѓаат 0,0031 вработен во локалната администрација или на секои 1 000 жители на Општина Штип има 3,1 вработен во општинската администрација.

Даночна автономија
Според користената методологија, втората група на индикатори служи за оценка на даночната автономија, односно финансиската независност на општината и за таа цел вклучува четири индикатори.
Степенот на учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината е првиот индикатор. Во групата сопствени приходи на општината се вклучени локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што им ги даваат општините на правните и физичките лица, како и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија итн.), локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за просторни и урбанистички планови и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон. Сопствени приходи на општината се оние што произлегуваат од јавни давачки кај кои општината има дискреција во поглед на нивното утврдување и наплата.
Во 2019 година, сопствените приходи на Општина Штип изнесуваат 278,8 милиони денари или 4,5 милиони евра со што нивното учество во вкупните расходи на општината е 35,4 %. Во споредба со други досега анализирани општини, ова покажува малку повисока даночна автономија, иако само нешто повеќе од една третина од вкупните буџетски расходи на општината се финансираат од нејзини сопствени приходи.
Учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината е вториот индикатор за даночната автономија на општината. Во даночни приходи влегуваат приходите по основ на даноци на имот, но се вклучуваат и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Општина Штип остварила даночни приходи во износ од 79,5 милиони денари или 1,3 милиони евра во 2019 година, што претставува 10,1 % од вкупните расходи на општината во истиот период.
Процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината е третиот индикатор за даночната автономија. Неданочните приходи ги вклучуваат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци како што се: такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци, но и т.н. даноци на специфични услуги кои, всушност, се однесуваат на наплатениот надоместок за уредување на градежното земјиште. Во 2019 година, Општина Штип остварила неданочни приходи во износ од 151,8 милиони денари или 2,5 милиони евра. Со тоа учеството на неданочните приходи во вкупните расходи на општината е 19,3 %.
Учеството на фискалните трансфери во вкупните расходи на општината е четвртиот индикатор за нејзината даночна автономија. Општина Штип добила од централната власт средства во облик на трансфери во износ од 514,8 милиони денари или 8,4 милиони евра. Тоа значи дека парите добиени како фискални трансфери од централната власт послужиле да се финансираат 65,4 % од вкупните расходи на Општина Штип. Тоа значи дека безмалку две третини од расходите на општината се финансираат со трансфери од централната власт, што покажува значителен т.н. вертикален фискален дебаланс, односно висок степен на зависност на општината.

Структура на приходите

Анализата на буџетот на општината продолжува со анализа на структурата на нејзините приходи. Таа овозможува да се оцени колку нејзиното финансирање е одржливо на подолг рок и колку таа ќе може обезбеди средства за своето функционирање. Ова е важно затоа што секоја општина мора да обезбеди финансиски средства за извршување на бројни активности што влегуваат во нејзините надлежности како што се: активностите поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, со противпожарната заштита, со урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, со поддршката на локалниот економски развој, со заштитата на животната средина итн.
Вкупните приходи на Општина Штип изнесувале 793,5 милиони денари или 12,9 милиони евра во 2019 година. Графиконот 1 ја прикажува нивната структура.
Како и кај другите анализирани општини, и кај Општина Штип убедливо најголема ставка на приходната страна на буџетот се трансферите на средства од други нивоа на власт (централната власт) со учество од 64,9 % во вкупните општински приходи или речиси две третини од вкупните буџетски приходи.
Втора најголема ставка на приходната страна на буџетот на Општина Штип се неданочните приходи. Во 2019 година, тие учествуваа во вкупните приходи на општината со 19,1 %.
Даночните приходи се третиот најголем извор на приходи во буџетот на Општина Штип со учество од 10 % во вкупните приходи на општината. Од тоа најголем дел отпаѓа на приходи од наплата на данок на имот во износ од 69 милиони денари или 1,1 милион евра, кои учествуваат во вкупните приходи на општината со 8,7 %.
Преостанатите приходи на општината се однесуваат на приходите од продажба на имот и на приходите од донации на кои отпаѓаат вкупно 6 % од вкупните приходи на општината. Набљудувано поодделно, учеството на приходите од продажба на земјиште и на приходите од донации е 3,2 % и 2,8 % соодветно.

Структура на расходите

Од друга страна, анализата на расходната страна на општинскиот буџет овозможува да се согледа како општината ги користи финансиските средства што ги прибрала во буџетот. Начинот на користење на средствата покажува колку работењето на општината е фокусирано само на сегашноста и на тековното работење, а колку на идниот развој. Структурата на расходите на Општина Штип е прикажана во графикон 2.
Расходната страна на буџетот на Општина Штип е во најголем дел насочена кон тековното работење. Така, во 2019 година тековните расходи изнесувале 580,8 милиони денари или 9,4 милиони евра и учествувале во вкупните буџетски расходи на општината со 73,7 % или речиси три четвртини.
Вообичаено за општините, најголем дел од тековните расходи на Општина Штип се однесува на расходите за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). Во 2019 година, Општина Штип за оваа намена потрошила 406,5 милиони денари или 6,6 милиони евра, што претставува учество од 51,6 % во вкупните буџетски расходи на општината.
Втора најголема ставка на расходната страна на буџетот на Општина Штип се расходите за набавка на стоки и услуги за што се потрошени 174,3 милиони денари или 2,8 милиони евра, односно 22,1 % од вкупните расходи на општината. Инаку, во овие расходи влегуваат расходите за комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи.
Трета најголема ставка на расходната страна на буџетот на Општина Штип се капиталните расходи кои се исклучително важни бидејќи го одразуваат пристапот на општината кон нејзиниот иден развој. Во капитални расходи влегуваат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл. Општина Штип реализирала капитални расходи во износ од 130,8 милиони денари или 2,1 милион евра, што претставува 16,6 % од вкупните буџетски расходи на општината во 2019 година. Ова е едно од повисоките учества на капиталните расходи во вкупните расходи кај досега анализираните општини.
На преостанатите расходи во 2019 година отпаѓаат вкупно 76 милиони денари или 1,2 милиони евра, односно 9,7 % од вкупните расходи. Од тоа, 73,5 милиони денари се однесуваат на разни трансфери на средства што ги направила општината.

Задолженост и даночна администрација
Согласно информациите добиени од општинската администрација, сметката на Општина Штип никогаш не била блокирана.
Оценката за даночната администрација се базира на неколку показатели чија цел е да го покажат напорот на општината и нејзината ефикасност во наплатата на приходите.
Еден показател е износот на сопствените приходи по жител. Во случајот на Општина Штип, во 2019 година сопствените приходи по жител се 5 740 денари и се значително повисоки во однос на некои други досега анализирани општини.
Износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација е друг показател за даночната администрација. Кај Општина Штип, во 2019 година по вработен во општинската администрација се наплатени даночни приходи во износ од 526.283,7 денари. Во истиот период, наплатата на неданочните приходи по вработен во општинската администрација изнесува 1.005.318,7 денари.
Што се однесува до соодносот на планирани и наплатени даночни приходи, како показател на ефикасноста на даночниот напор на општината, во 2019 година Општина Штип наплатила 6,8 милиони денари помалку од планираното. Тоа значи дека планот за наплата на даночни приходи бил реализиран со 92 %.


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Најчитано