Водечкиот композитен индекс ја прогнозира економската активност врз основа на комбинирање индикатори за кои се смета дека ѝ претходат на економската активност со време на прогнозирање од околу шест месеци нанапред. Некои индикатори што ги комбинира овој индекс се: број на невработени кои се регистрираат за паричен надоместок, издадени одобренија за градба, индекс на нови нарачки во преработувачката индустрија, кредити пласирани на претпријатија, увоз на машини и опрема и слично.
Во ноември 2015 година, композитниот водечки индекс за економската активност во Македонија покажува идентични движења како и во претходните месеци. Годишниот раст останува висок и изнесува 8,1 индексни поени, додека на месечно ниво индексот забележува раст од 0,6 поени. Но, во овој месец постои благо реструктуирање на индексот: клучните показатели како платите во преработувачката индустрија, увозот на машини, бројот на издадени дозволи за градба покажуваат пад или стагнација, а позитивните движења во индексот се водени само од финансиските трендови. За првпат ваквите движења во рамките на индексот можат да се доведат во врска со политичката криза, но нивната постојаност останува да се проценува во следните месеци.

Дифузниот индекс на идната економска активност е показател за уделот на компонентите на композитниот индекс за идната економска активност, кои оствариле пораст во месецот. Според овој индекс, во ноември 2015 година, 55% од компонентите на водечкиот индекс забележале пораст, што кореспондира со стравувањата тоа да навестува дека политичката криза започнува да врши уште поголемо влијание врз економијата.








