Во каква кондиција ТИКВЕШ ја дочека годинешната берба?

Анализа на полугодишните финансиски извештаи

Кога во далечната 1885 година се поставувале темелите на тогашниот агрокомбинат, сигурно не ни можеле да претпостават дека компанијата ќе достигне толкави “вински” височини. Како од аспект на квалитетот на виното кое се произведува, така и во контекст на финансиската позиција на сегашната компанија. Иако производителите на грозје често не се задоволни од откупните цени, сепак условите во кои живееме и современата пазарна економија во голема мера ја искреирале приказната за Тиквеш. Покрај емотивната позадина, она што нас најмногу не интересира се финансиските параметри.

Во оваа анализа ќе направиме осврт на сработеното во првата половина од 2022 година, согласно објавените консолидирани финансиски извештаи.

Од аспект на билансот на состојба може да се заклучат следните работи:

– Компанијата има мал пораст на постојните средства од 4%, што се должи на мали инвестиции во опрема, а од друга страна пресметаната амортизација на недвижностите го “корегира” тој пораст. Она што е евидентно е порастот на вложувањето во хартии од вредност. Заклучно со 30.06 компанијата има влог од 28.1 милион мкд во хартии од вредност, што претставува порсат од 56% или над 10 милиони мкд во апсолутна вредност, споредбено со предходната година.

– Кај тековните средства се случиле серија “тектонски” поместувања. Залихите на компанијата се намалиле за скоро 20%, се дуплирале побарувањата од купувачите, а шесткратно се зголемиле краткорочните инвестиции. Со други зборови Тиквеш значително го корегирал нивото на залихи, кое подоле во анализата ќе видиме дали е во корелација со зголемена продажба, до ниво од 738 милиони мкд. Порастот на побарувањата од купувачите за дупло во споредба со 2021 година од една страна, делумно, може да биде резултат на зголемено ниво на продажби, но исто така може да биде сигнал за намален отплатен капацитет на деловните партнери. Интересно ќе биде да видиме со кое ниво ќе се заврши година, знаејќи дека овие бројќи се само пресек на одреден ден. Она што можеби беше запоставено во 2021 година, сега доаѓа до израз, а се однесува на порастот на краткорочните инвестиии. Тиквеш во првите 6 месеци ја подигнал оваа ставка за над 230 милиони мкд, а ефектите ќе се очекуваат во периодот што следи. Од аспект на најликвидната позиција на компанијата, односно нивото на парични средства, мора да се забележи дека истите се на “минимум” во споредба со минатата година. Имено, нивото на оваа ставка е намалено од 112 милиони мкд во 2021 година, до само 18 милиони мкд со пресекот оваа година.

– Кај главницата на компанија не се забележани поголеми промени, со исклучок на акумулираната добивка која се зголемила за значителни 18%.

– Менаџирањето со обврските на компанија во првите 6 месеци од годината се одвивало по следните тек: за 86% се зголемиле краткорочните обврските кон добавувачите, скоро за 5 пати се зголемиле обврските кон државата, а во иста мера се зголемиле и долгорочните обврски. Првите 2 елементи допринеле за зголемување на тековните обврски за 72%. Првата ставка претставува најголемата поединечна категорија во вкупните обврски на компанијата која зафаќа пропорција од скоро 1/2 . Порастот на обврските кон државата во апсолутна бројка изнесува скоро 28 милиони мкд. Во однос на долгорочните обврски компанијата оваа позиција ја издигнала до ниво од скоро 90 милиони мкд. Од друга страна мора да се напомене дека компанијата вратила повеќе од 89 милиони мкд долгорочни кредити, со што нивото на вкупни долгорочни обврски се намалило за 3%.

Билансот на успех ни ги открива следните детаљи:

– Во т.н. кризна година Тиквеш успеал да ги зголеми своите приходи продажба за неверојатни 51%. Така, со пресекот 30.06 вкупните продажби изнесуваат 1.2 милијарди мкд. Овој резултат е остварен со помош на пораст на домашните продажби за 24% и неверојатен пробив на странските пазари со пораст на приходи од 82%. Ако во 2021 година уделот на домашниот и странскиот пазаар бил скоро еднаков, сега има голема промена. Имено, приходите од странски продажби зафаќаат над 57% од вкупната реализација. Ова укажува на потенцијалот и одредбите на компанијата за пласирање на своите производи на конкурентните странски пазари.

– Паралелно со порастот на приходите се зголемувале и трошоците на продадени производи, за сето тоа на крај да резултира со бруто добивка од 412 милиони мкд за 6 месеци. Кога од тоа ќе се одземат сите трошоци, од кои најголем дел отпаѓаат на трошоците за продажба и маркетинг (122 милиони мкд) и трошоци за вредносно усогласување(скоро 197 милиони мкд), се доаѓа до нето одбивка од 32.7 милиони мкд, што претставува пораст од 260% или апсолутен пораст од 20.5 милиони мкд.


(редакција Е&Б)

Повеќе од истиот автор

Најчитано