Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, вчера го реализираше финалниот инспекциски надзор на новоизградениот објект на детската градинка „Бамби“, која претставува составен дел на детската установа „Фидани“ и ја претставува градинката со најголем капацитет на територијата на цела Република Северна Македонија, се наведува во соопштението доставено до медиумите.
Објектот е целосно опремен со современ инвентар и модерен ентериер, во целосна согласност со највисоките стандарди за предучилишни установи. Со капацитет од 350 деца и 22 функционални занимални, овој нов институционален објект обезбедува оптимални услови за ран детски развој, безбедност и благосостојба.
По завршувањето на градежните активности и внатрешното уредување, во наредните денови се очекува да се организира и свеченото отворање на објектот, додека паралелно ќе се финализираат и последните естетски детали кои ќе ја збогатат надворешната и внатрешната визура на градинката.
Градоначалникот Ганиу нагласи дека оваа инвестиција претставува цврста основа за иднината на младите генерации и дека посветеноста на Општина Чаир кон развојот на раното детско образование останува постојан приоритет во општинските развојни политики, објави МИА.
Фото Општина Чаир







