Емисиите на стакленички гасови во економијата на ЕУ во првиот квартал од 2024 година се проценети на 894 милиони тони еквивалентно на јаглерод диоксид, што е за четири отсто помалку отколку во истиот квартал минатата година, а емисиите се намалени во 20 земји од Европската Унија.
Штетните емисии најмногу се намалени во Бугарија за 15,2 отсто на годишно ниво, во Германија за 6,7 отсто и во Белгија за шест отсто, објави денеска Евростат.
Гледано во сектори, најголемо намалување на емисиите е забележано во снабдувањето со електрична енергија и гас, за 12,6 отсто на годишно ниво, додека домаќинствата ги намалиле емисиите за 4,4 отсто.
Од 20-те членки на Европската Унија за кои се проценува дека ги намалиле своите емисии, осум од нив истовремено забележале пад на БДП, и тоа Чешка, Германија, Естонија, Ирска, Луксембург, Холандија, Австрија и Финска.
Спротивно на тоа, 12 земји од Европската Унија успеаја да ги намалат штетните емисии и во исто време да забележат економски раст, поточно Белгија, Бугарија, Данска, Шпанија, Франција, Италија, Унгарија, Полска, Португалија, Словачка, Шведска и Хрватска, пренесува РТВ.
фото freepic





