Повеќе земји во светот оствариле напредок во примената на обновливи извори на енергија, но глобалното темпо на енергетска транзиција во изминатата година забави поради економската нестабилност, геополитичките тензии и технолошките промени, се наведува во најновиот извештај на Светскиот економски форум. Европските земји водат во енергетска транзиција, а на врвот на листата се: Шведска, Данска, Финска, Швајцарија и Франција.
Од 120 земји во кои се пресметува Индексот на енергетска транзиција (ЕТИ), во 83 отсто е забележано назадување во барем еден од трите параметри за оцена на енергетските национални системи, односно во безбедност, правичност и одржливост, се наведува во извештајот на СЕФ, во кој се анализира состојбата на енергетските системи и подготвеноста на транзиција.
Европските земји продолжуваат да водат на рангирањето на ETИ и ги заземаат првите 10 места за 2024 година. Шведска и Данска се постојано во првите три во последните десет години. По нив следат: Финска, Швајцарија и Франција, која е нова во првите пет земји.
Германија е рангирана на 11 место, а потоа следат Бразил (12), Велика Британија (13), Кина (17) и Соединетите Американски Држави (19). Летонија (15) и Чиле (20 место) првпат влегоа во топ 20, благодарение на зголемувањето на капацитетот на обновливата енергија.
Од земјите во регионот, најдобро рангирана е Словенија, на 29. место, а потоа следат Бугарија (36), Грција (37), Хрватска (39), Албанија (43) и Романија (48). Кипар е на 55 место, Турција на 59 место и Црна Гора на 76 место. На долниот дел од листата се Србија (78), Македонија (81) и Босна и Херцеговина (88), објави „Балкан грин енерџи њуз“.
фото freepic







