Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија го организира бизнис настанот Suppliers Balkan Expo-SUBEX кој ќе се одржи на 15 и 16 ноември 2022 година во Скопје.
Цел на овој бизнис настан е поврзување на домашните компании добавувачи од металната, електро, ИТ, текстилна, дрвна и прехранбена индустрија од Северна Македонија, Албанија, Косово и Србија со компании купувачи од Германија, Турција, Романија, Австрија, Словачка и Бугарија.
Во изминатите години македонските компании се соочуваа со големи предизвици во изнаоѓање на нови партнери за извоз, како и за проширување на своите бизнис активности надвор од границите на својата земја и регионот.
„Најновите случувања во Европа доведоа до сериозни нарушувања во стопанството, корона кризата беше првиот удар за стопанството во Европа, вториот удар е војната во Украина која сериозно го наруши европскиот синџир на снабдување. Сметаме дека настан како SUBEX е одлична можност да се даде поддршка на домашните стопанственици од преработувачка и ИТК индустрија.
Успеавме да ги идентификуваме дејностите во кои компаниите имаат потенцијал со своето производство и услуги и ги задоволуваат стандардите кои се бараат во ЕУ.

На овој настан покрај компании добавувачи од Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија имаме сериозни компании купувачи од Германија, Романија, Словачка, Турција и Израел.
Затоа, Југоисточна Европа, особено Западен Балкан, се во фокусот на новите синџири на снабдување за диверзификација на ризикот. Трговскиот биланс во моментов со овој регион веќе покажува импресивни резултати и тој ќе продолжи да расте.
Заинтересираните компании имаа можност неколку недели пред настанот преку онлајн платформа да се информираат за компаниите кои го пријавиле своето учество и ги реагирале своите потреби. Преку платформата свое учество потврдија 80 компании, а се закажаа повеќе од 135 Б2Б состаноци кои ќе се одржат во текот на овие два дена- изјави Патрик Мартенс-директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија“.
На Suppliers Balkan Expo- SUBEX ќе може да се проследат и четири панели на актуелни теми.
Првиот панел ќе биде посветен на стручното образование како фактор за економски раст.
Преку овој панел ќе се презентираат потребите на стопанството, но и резултатите кои ги постигна Делегацијата на германското стопанство спроведувајќи дуално стручно образование по германски терк во земјата.
Вториот панел ќе ги презентира можностите на текстилната индустрија од Западен Балкан и шансите за поголем пласман во Западна Европа.
Третиот панел, е со фокус на нарушениот синџир на добавувачи по нападот на Русија врз Украина и последиците од оваа војна врз стопанството.
Четвртиот панел е посветен на потенцијалот на ИТ секторот во Северна Македонија и Косово.
„Го поздравуваме овој настан на Делегацијата на германското стопанство, стопанството има потреба од конкретни случувања, директни поврзувања помеѓу компаниите преку Б2Б состаноци. Кризата која се случи со короната, но и војната во Украина, треба да ги стави компаниите од Западен балкан во фокусот на европските добавувачи- изјави Крешник Бектеши, министер за економија на Северна Македонија“.
„31 панелисти од Германија, Словачка, Израел, Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Косово се дел од овој настан, меѓу нив го имаме генералниот директор за Романија и Бугарија на најголемата хемиска фабрика во Германија, BASF. На првиот ден очекуваме повеќе од 400 гости.
Искрено се надевам дека овој настан ќе прерасне во традиција и ќе одржи и во некоја од земјите од регионот од следната година – изјави Мартенс“.






