Денес во 15.30 часот во Владата ќе се оддржи средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Средбата доаѓа по бројните реакции на скопските општини и ЗЕЛС и министерот за локална самоуправа Златко Перински дека градот има акутен проблем со хигиената и складирањето на сметот, објави „Курир“.
– Бараме одземање на надлежностите и ингеренциите, назначување на владин повереник и започнување на процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предавање на надлежностите но и обврските на секоја од скопските општини, изјави претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓоргиевски.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински јавно ги повика надлежните институции, да преземат мерки и активности за да се утврди зошто градоначалникот на Град Скопје не постапува согласно со своите надлежности и со тоа го загрозува животот и безбедноста на скопјани.
„Раководството на град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со Претседателот на Владата”, стоеше во дописот на Градот, испратено минатата недела.







