ДОВИДУВАЊЕ МИЛЕНИУМЦИ – ДОБРЕДОЈДЕ ЗА ГЕНЕРАЦИЈАТА ЗЕД

Промената на генерации и нивните карактеристики не се нешто што може лесно да се разграничи. И иако не постои точна и единствена дефиниција за хронолошки почеток и крај на одредена генерација, сепак најчесто општествените настани кои се сметаат за пресвртница при формирањето на вредностите на една генерација се неспорни. Веќе постои традиција при формирањето на генерациските сегменти, тие да опфаќаат дијапазон близу 20 години. Па така, генерацијата зед (Z), во која се сместени сите оние кои се родени по 1995 година, хронолошки е наследник на милениумската генерација (1977 – 1995), а пак нивни родители се припадниците на генерацијата икс (X), т. е. оние кои се родени меѓу 1964 и 1977 година. Овие факти ѝ даваат на новата генерација единствени карактеристики кои, секако, се дефинирани и од разните општествени и економски текови во кои нејзините претставници го поминале и сѐ уште го поминуваат своето детство. Анализата, сфаќањето и примената на карактеристиките на генерацијата зед во општествените текови ќе претставуваат најголем предизвик за комуникациските науки во иднина, почнувајќи веднаш – од сега.
Во политичка смисла, генерацијата зед своето детство го минува во општественото и политичко опкружување кое настана по нападите на кулите близначки во САД по што колективното чувство на страв и на несигурност во рамките на целата западна цивилизација, но и на остатокот од светот недвосмислено се зголеми. Овој настан, иако сам по себе не претставува глобална промена, беше основа на која се градеа севкупните општествени и политички односи во следната декада, токму во онаа во која растеше генерацијата зед. Во економска смисла, пак, почнувајќи од крајот на 2007 година, светот во серија беше погоден од разни економски и финансиски кризи кои заеднички се нарекуваат Големата рецесија. Најпрво дојде нафтената криза, па американската хипотекарна криза, потоа европската должничка криза, па светската рецесија, кинеското забавување итн. Сѐ заедно, економското забавување резултираше со сериозни општествени и политички промени, а заедно со политичките промени по нападот на кулите близначки го дефинираа општествениот и политички „мајндсет“ на новото време. Овие текови и сега се предмет на анализа и имаат влијание и врз сегашното политичко расположение, растот на популизмот, ксенофобијата итн. Сепак, изминатиов „цајтгајст“ најголемото влијание се очекува да го има врз растот на генерацијата која во тој период го минуваше своето детство, а нејзините припадници се создаваат како адолесценти. Генерацијата зед е израсната во општество во кое колективниот страв за безбедноста и економската иднина се присутни во сечиј дом. Тоа ја прави оваа генерација поразлична од нивните претходници, милениумците. Ако милениумците беа идеолошки утописти, вечно незадоволни бунтовници кои полесно ќе одлучат да се качат на Монт Еверест отколку да се потрудат да се искачат две скалила во професионалната кариера, истражувањата покажуваат дека генерацијата зед е претприемачки расположена и со нетрпение го очекува сопственото пазарно остварување. Новата генерација има засилено чувство на одговорност и поради тоа е дополнително оддалечена од разните пороци како што се цигари, алкохол и дрога, а сопственото исполнување го гледаат преку сопствено учество во креирањето на севкупната иднина. Во таа смисла, генерацијата зед е многу поконзервативна, т. е. многу пореалистична од нивните претходници, милениумците. И на едните и на другите им е важна заштитата на животната средина и воопшто одржливиот развој, но милениумците сметаат дека имаат повеќе право на тоа и дека тоа право треба да им биде остварено (од други), додека генерацијата зед смета дека тие самите треба да влијаат на остварувањето на одржливиот развој.

АКО МИЛЕНИУМЕЦОТ ПОРАДИ СВОЈАТА ИДЕОЛОШКА МАНТРА ЗА ПОЧИСТА СРЕДИНА УСПЕЕ ДА ИЗНУДИ ОД СВОЈОТ РОДИТЕЛ ВОЗИЛО ТЕСЛА КОЕ СÈ УШТЕ НЕ МОЖЕ САМОСТОЈНО ДА ГО ЗАРАБОТИ ПОРАДИ ПРЕЗАФАТЕНОСТА СО ГЛОБАЛНИТЕ ПРАШАЊА, НЕГОВОТО ПОМАЛО БРАТЧЕ ОД ГЕНЕРАЦИЈАТА ЗЕД ОЧЕКУВА СВОЈАТА КОЛА САМ ДА ЈА ЗАРАБОТИ И, ПОКРАЈ ЖЕЛБАТА ЗА ПОЧИСТА СРЕДИНА, ПРОИЗВОДИТЕЛОТ ЌЕ МОРА ДА ГО УБЕДИ КОМУНИЦИРАЈЌИ ЕДИНСТВЕНО ПРЕКУ ДИГИТАЛНИТЕ АЛАТКИ И ВО ОСТАНАТИТЕ ПЕРФОРМАНСИ ЗА ДА ЈА СТЕКНЕ НЕГОВАТА ЛОЈАЛНОСТ

И додека го пишувам текстот за генерацијата што доаѓа на мојот стар „милениумски“ лаптоп, на Скајп, од неговиот најнов андроид таблет ми заѕвони син ми Калин (5 години). Додека се убедуваме дали смее на Јутуб да гледа видео како други играат Мајнкрафт, иако мајка му му забранува, во вистинско светло ја вкусив карактеристиката која новата генерација ќе ја разликува од сите претходни: генерацијата зед целосно ќе се соедини со техниката, а извршувањето на секојдневните активности без употреба на дигиталните комуникациски алатки ќе го познава само како историски факт. Ако миленумците се сметаа за технички вешти, кои новата дигитална техниката ја направија дел од секојдневниот живот за да си ги олеснат секојдневните активности, генерацијата зед активностите ќе ги знае само како дел што е сместен во дигиталните алатки. Тие нема да го знаат времето на класичниот телефон, туку само на видеофонот. За нив апарат кој ти овозможува само да зборуваш со некого значи дека апаратот е расипан, а не различна форма на комуникација. За нив, веројатно, ќе стане нејасно зошто некој сѐ уште има телевизор кој не е поврзан на интернет, а тоа веројатно ќе го очекуваат и за сите останати уреди. И, иако милениумците од најмала возраст употребуваа рудиментирани компјутерски помагала, генерацијата зед од најмала возраст е целосно интегрирана со новите комуникациски и дигитални алатки и за нив дигиталниот и аналогниот свет претставуваат единствена целина која не постои и во новото време, нешто што не може да постои едно без друго. За нив прашањето „како сте живееле без интернет?“ нема да биде само реторичко. Тие навистина нема да можат тоа целосно да го замислат.
Една од најанализираните генерации досега претставува генерацијата ипсилон (Y) или таканаречените милениумци. Тоа е генерација родена околу 80-тите години, па сѐ до крајните деведесетти години од минатиот век. Сѐ до сега, практично до почетокот на 2017 година, оваа генерација претставуваше „трендсетер“ на севкупниот општествен живот. Таа беше најголемата и економски најиздашна популација и поради тоа беше прифатена како најважната при формирањето на севкупниот маркетинг микс. Тие сѐ уште имаат најголемо влијание врз општествениот живот, но една нова генерација веќе ги извади своите први полнолетни претставници, а од оваа година, барем квантитативно, генерацијата зед го претставува најголемиот генерациски сегмент, нешто што во иднина само ќе се зголемува. Нивните карактеристики, потреби, цели, идеолошка поставеност, нивниот порив сѐ уште претставуваат предмет на анализа, но контурите за идните процеси веќе се исцртуваат.

Најчитано