Топлотниот бран со високи температури во Скопје доведе до зголемена потрошувачка на водата за пиење. Од Град Скопје и ЈП Водовод и канализација повеќепати предупредија дека има енормна и неконтролирана потрошувачка и апелираат граѓаните разумно да ја користат водата за пиење, да не се користи за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, полнење базени и слично. Но, извештајот за работата на ЈП Водовод и канализација Скопје за 2024 година покажува дека само 37 проценти од вкупно произведената вода лани била фактурирана, додека речиси 40 проценти (39,96%) се физички и комерцијални загуби од вкупниот влезен волумен на вода во системот, додека за регионот и пошироко се смета дека дозволената загуба на вода во системот е 20 проценти.
Претпријатието во текот на 2024 година има произведено вкупно 110.055.436 метри кубни вода од двете изворишни подрачја Рашче 1 и Рашче 2, како и од бунарските подрачја Лепенец и Нерези, што е зголемување во однос на претходната 2023 кога се произведени 103.172.833 метри кубни. Од вкупно произведените кон своите корисници ЈП Водовод и канализација Скопје има фактурирано само 41.395.367 метри кубни вода, а нефактурирани се 68.660.089 метри кубни вода.
Произведената вода се користи и за комунална потрошувачка, а загубите претставуваат неприходувана количина на вода. Тие во извештајот се поделени на: стварни загуби кои произлегуваат од истекување на цевките и на приклучните цевки, истекување на транспортни цевки и позадинско истекување и на административни привидни загуби кои произлегуваат од неизмерена нефактурирана потрошувачка, потрошувачка од испорачаната количина на вода, грешки при мерење на потрошувачка кај корисници и од неточни состојби.
Од вкупно произведени 110.055.436 кубни метри вода во 2024 само 37,43 проценти или 41.395.367 метри кубни е приходована количина вода, односно наплатена. Фактурирана измерена потрошувачка е 41.145.636 кубни метри, додека неизмерена паушално фактурирана потрошувачка се 249.731 кубни метри вода.
Според Извештајот 7.072.876 метри кубни вода се однесуваат на загуби од комерцијална нелегална потрошувачка и неточност на водомери. Нефактурирана легална потрошувачка изнесува 24.680.742 кубни метри вода. Неизмерена нефактурирана потрошувачка од 24.322.052 метри кубни е потрошена вода за тековно испирање на резервоари, водоводна и канализациска мрежа, потрошена вода преку фонтани и јавни украсни чешми, а во најголем дел е потрошена при санирање дефекти и полевање јавни зелени површини, дрвореди и булеварско зеленило.
Губитоците на вода во 2024 година во водоводниот систем изнесуваат 43.979.327 метри кубни. Тука се пресметаните физички и комерцијални загуби кои се 39,96 проценти од влезниот волумен на вода во системот.
Извор/фото МИА







