„Мора да изградиме еден вид сојуз на соединети европски држави. … ако е добро и искрено изграден, суштинската сила на една држава ќе ја направи помалку важна. Малите нации ќе бидат со иста важност колку и големите и ќе добијат еднаква можност за придонес кон заедничката цел. … ако сакаме да ги формираме соединетите држави на Европа или какво и да е името или формата, мораме да започнеме сега.“ Винстон Черчил, 19 септември 1946 година
Септември, еден од најоптимистичките месеци во годината (по јануари, се разбира) на северната хемисфера. Не знам дали поголем импакт врз ваквото гледиште има крајот на летото, почетокот на школската година или, пак, влезот во последниот годишен квартал. Но, како и да е, крајот на 2017 година се ближи, па контурите на годишниот рекапитулар веќе се исцртуваат. Европа овој септември го дочека со германските сојузни избори – големото политичко финале меѓу мејнстрим политичкиот естаблишмент и новиот популистички радикален бран кој започна пред нешто повеќе од една година со референдумот Брегзит. Ангела Меркел, иако со најслабиот резултат за нејзината партија изминативе 70 години, обезбеди повеќе сериозни опции за четвртиот мандат. На Мартин Шулц, предводникот на СДП, кои исто така го срушија сопствениот рекорд за најслаба поддршка, конечно му се „исполни желбата“ да биде опозиционер. Од друга страна, ултрадесничарската, и за многумина неонацистичката Алтернатива за Германија (AfD – Alternative für Deutschland), освои 12,6 % од гласовите и со освоени 94 пратенички места за првпат една партија која се смета за наследник на нацизмот ќе биде дел од Бундестагот. Навидум огромен пораз на мејнстрим доктрината, но ако се земе предвид контекстот на целата измината година, политичкото финале претставува недвосмислена победа на интегративната опција и декласирање на радикалниот евроскептичен популизам. Накратко, изминатава година напливот на политичкиот опортунизам и успешното наметнување на новата политичка реалност на постулатите на лажни вести, по успешниот БРЕГЗИТ, но и подоцна со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, станаа најголема закана за политичката догма на Обединета Европа, догма која е дефинирана многу одамна, по завршувањето на Втората светска војна. Со тоа под знак прашање се доведе интегритетот на општеството, но тоа претставуваше и сериозна закана за темелите на кои почива сегашната западна цивилизација. Само како илустрација, минатата година ова време растот на популарноста на АФД (AfD) не само што беше двоцифрен туку и некои анкети во одреден момент им доделуваа поддршка над 20 %, тренд што изгледаше дека никој не може да го сопре. Сепак, на почетокот од годинава, прво Марк Рут го сопре националистичкиот бран во Холандија предводен од Герт Вилдерс; подоцна Емануел Макрон практично ја прегази целата политичка сцена во Франција и целосно ја исфрли од игра Марин Лепен која, иако претставуваше највисок дострел на евроскептичната сцена во Европа, едвај успеа да обезбеди 8 пратенички места; на крајот, како политичко финале за 2017 година, изборите во Германија само го потврдија очигледниот тренд на стопирање на политичкиот волунтаризам кој веќе неколку години тропа на вратите на европските политички системи.
РАДИКАЛНИОТ ПОПУЛИЗАМ
Но, покрај релативниот успех на европските интегративци, она што останува непроменето се европските предизвици чиј приоритетен распоред сѐ уште останува непроменет. Прво, додека го пишувам овој текст, сѐ уште е нејасен исходот на каталонскиот референдум закажан за 1 октомври. Не се спорни толку резултатите колку што е спорна легалноста на референдумот кој, доколку се одржи, без разлика на резултатот, ќе формира преседани со далекусежни последици во Европа. Погодувате, официјален Брисел, како и владите на земјите членки на Унијата веќе ја имаат отфрлено легалноста на референдумот, а бројните евроскептици сѐ уште навиваат за отцепување на Каталонците. Покрај Шпанија, сѐ уште е нејасна разрешницата на судирот меѓу естаблишментот и новиот популистички бран во Италија, чии генерални избори се закажани за март следната година. Матео Ренци, по политичкиот лупинг со референдумот за уставно редефинирање на политичкиот систем (темата беше сериозно анализирана на овие страници пред половина година) и која политички го „осакати“, повторно закрепнува обединувајќи ја левичарската прогресивна енергија околу себе. Но, движењето „5 ѕвезди“, чија политичка доктрина почива на нагласениот евроскептицизам, сѐ уште преставува најсилна политичка опција која му се заканува на италијанскиот политички систем, а со тоа и на европското единство. Натаму, двоецот од Вишеградската група, Орбан – Качињски, на крилата на популизмот сѐ уште суверено владеат со Полска и со Унгарија соодветно, а сѐ уште не е затворено ни прашањето на балканскиот политички волунтаризам кој, несомнено, се покажа како најлесен таргет и најплодна почва за одгледување на радикалниот популизам. Сериозноста на овие прашања говори дека предизвикот за соочување со новиот популизам, особено со предизвикот на справување со лажните вести како модел на креирање на јавното мислење и со тоа на општествените текови, останува како еден од носечките европски предизвици и за наредната година.

БАЛКАНСКОТО ПРАШАЊЕ
За да може ефикасно да се справи со национализмот, радикализмот и напливот на политичките доктрини базирани на лажните вести и популизмот, Европа мора да најде начин да го адресира и балканското прашање како една од најплодните почви за одгледување на овој тип политички волунтаризам. Балканот е едно од двете незатворени прашања на темата проширување која, пак, го претставува најуспешниот проект на Унијата. По влезот на Словенија, на Хрватска и на Бугарија, Европската Унија својот фокус го насочи кон Црна Гора и Албанија и тука некаде, иако сѐ уште неофицијално, ја стави рампата за агендата на проширување до 2025 година. Земјите кои остануваат надвор од оваа рамка се и оние „најпроблематичните“, т. е. оние кои покажаа дека недостатокот на европска агенда на нивното политичко мени веднаш бива компензирано со наплив на ретроградни процеси, уназадување на демократијата, директно завртување кон автократските блокови итн. Оставени без строг „родителски“ надзор, овие земји покажаа дека имаат капацитет сериозно да се самоповредат, притоа да создадат регионален проблем кој подоцна бара премногу ресурси за надминување. Од друга страна, процесот на проширување претставува и основно гориво за раст на популистичките доктрини внатре во самите земји членки. Една од носечките пораки, на поборниците на Брегзит на пример, беше „Дали би сакале да бидете во иста Унија со земји како Македонија, Црна Гора и Албанија?“ и, секако, надополнето со најголемото европско страшило – Турција. Без разлика на основата и оправданоста на ваквиот политички порив, факт е дека Европа останува растегната меѓу желбата за инкорпорирање на балканските предизвици и нивно „напикување“ во европските текови и желбата за инкорпорирање на однапред средени општества кои ќе придонесат со својата стабилност наместо да ја разгоруваат нестабилноста на Унијата. Одговорот за начинот на кој ќе се справи со овој предизвик Европа го испорача во обраќањето на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во годишното обраќање за состојбите во Унијата (State of the Union), во кое истакна: „Евидентно е дека нема да има проширување во овој мандат на Комисијата (2019 година), ниеден кандидат не е подготвен. Но, ако сакаме стабилност во нашето соседство, тогаш мора да одржиме кредибилна перспектива на проширувањето за земјите од Западниот Балкан“. Иако на моменти изгледа песимистички, изјавата на Јункер е од огромно значење за земјите од Западниот Балкан, чии процеси на приближување кон Европската Унија се поважни од самиот влез во Унијата. Таков е и примерот со Македонија каде што, несомнено, по подолг период европската агенда е повторно воспоставена како највисок политички приоритет. Оваа, уште пред да биде искажана од Јункер, веќе беше на агендата на спроведување на Меркел, во т.н. Берлински процес каде што земјите од Западниот Балкан се ставени во контекст на регионалната соработка, затворање на меѓусебно отворени прашања, како и одржување на европската агенда на високо ниво.

ТУРЦИЈА
Кога сме веќе кај проширувањето, како еден од предизвиците за одржување и за напредок во создавањето добрососедска политика на Унијата, тогаш прашањето за односите со Турција се наметува како еден од поважните предизвици. Мигрантската криза која директно удри на темелите на кои почива Европската Унија и на тест ги стави основните принципи на западната цивилизација како солидарност, емпатија, хуманост, права итн., претставува и најголема закана за стабилноста на Унијата. Незатвореното балканско прашање ја остава потенцијално отворена и балканската мигрантска рута, па ризикот од прелевање на потенцијалот од неколку милиони бегалци чија судбина во моментов е во рацете на Турција, да се истопорат пред мрежите на Унгарија и пред ѕидовите на Австрија, претставува една од најголемите фобии на Унијата. Од друга страна, режимот на Ердоган веќе одамна ја има надминато пристојноста на автократијата и веќе отворено се посочува како диктатура од јужноамерикански стил каде што изборите претставуваат фарса за легитимација на состојбите. Во таа смисла, Турција во моментов претставува нерешливо прашање и заедно со Балканот остануваат како важни предизвици за европската иднина.
БЕЗБЕДНОСТ
Односите со Турција се секако важни и во контекст на безбедносната политика на Унијата, особено улогата на Турција како тампон зона од конфликтите во Сирија и на Блискиот Исток од каде што потекнува и еден од позначајните безбедносни предизвици на Унијата, справувањето со тероризмот кој потекнува од различните бренд групации, Исламска Држава, Ал-Каеда, Ел-Нусри итн. Но, кога зборуваме за безбедносната политика на Унијата, еден од поважните предизвици претставува воскреснувањето на политичко-безбедносната закана од страна на Русија како светски предизвик пред кој е исправена вкупната западна цивилизација. Иако економски слаба, Русија претставува значителна воена закана за одредени делови на Унијата, а нејзината доктрина на извоз на автократија претставува и сериозен политички предизвик со кој се соочуваат општествата на периферијата на Унијата. Сѐ посилното руско влијание на Балканот, традиционално врзано за панславизмот, а модерно врзано за современите текови на перењето пари претставува одлична симбиоза за потхранување на и онака плодната почва за национализам и популизам. Но, вистинската закана Европа ја чувствува во недостатокот од конзистентноста на системот на заштита предводен од НАТО каде што со изборот на Доналд Трамп Европа директно ја почувствува заканата од недостаток на интегритетот на НАТО и можноста тоа да прерасне во средство за политичка уцена. Безбедносната политика на ЕУ прераснува во уште поголем предизвик ако се има предвид дека најсилниот воен член на Унијата, Британија, веќе е во фаза на преговори за излегување од Унијата. Оттука безбедносниот предизвик, т. е. предизвикот Европската Унија да прерасне покрај економска, политичка и во сериозна воена сила станува еден од врвните приоритети, иако сѐ уште тоа не е току прецизно поставено во рамките на телата.

ЕВРОПСКИ СЦЕНАРИЈА ЗА 2018 ГОДИНА
Предизвици има и други, тука се и економските предизвици кои, иако делумно надминати, сѐ уште оставаат простор за нивен напредок и сѐ уште претставуваат закана за стабилноста на Европа. Грција, иако веќе два последователни квартали покажува минимален економски раст, што и формално значи излез од рецесијата, сѐ уште важи за економски нестабилна земја и каде што е нејасно каде сѐ може да се појави социјалниот гнев. Но, не е само Грција проблем. Низ цела Европа (освен Германија и неколку мали земји на северот), сите останати земји, со посебен фокус кон јужните, имаат висок степен на невработеност (висок во европски контекст, не македонски) кој е особено изразен кај младите од каде што произлегуваат и социјалните предизвици. Овој предизвик претставува алармантна ситуација во одредени држави затоа што долгата социјална нееднаквост е утврдено дека претставува основа за поделба во рамките на општествата кои предизвикуваат политичка нестабилност.
Она што веројатно претставуваше и „тригер“ за најголемиот дел од процесите на европската политичка сцена, Брегзит, претставува и основа на која се градат и идните политики на Унијата и на земјите членки на Унијата. Европските елити во 2018 година ќе бидат исправени пред неколку можности за својата иднина и веќе можат да се претпостават контурите на овие патеки.
Прво, ЕУ секако може да не преземе ништо посебно и со политика на „небранување“ да ги адресира внимателно сите предизвици постепено. Оваа политика е веројатно задолжителна сѐ додека не се разреши или барем целосно не стане предвидливо разграничувањето и разделбата со Велика Британија по Брегзит. Кога ќе се достигне извесноста на процесот или „Кога ќе почне да се гледа крајот“, дури тогаш реално земјите членки кои ќе останат ќе можат да преземат и похрабри активности. Во ова сценарио не се менува интегративниот дел на Унијата, нема проширување, Унијата ги адресира само неопходните прашања и се надева на подобри времиња кога ќе можат интегративните процеси да се засилат. Овој статус кво би значел засилена подготовка за идниот период, подготовка на безбедносен план, подготовка на самите земји членки на Унијата, подготовка на соседите, на аспирантите итн. За ова сценарио се залагаат земјите од Вишеградската група, како и некои поцврсти десничарски претставници во рамките на земјите од Западна Европа. Тоа би значело победа на политиките на внимателност пред политиките на прогрес како орудие за соочување со предизвиците.
НИТУ АНГЕЛА МЕРКЕЛ, ПА НИТУ ЕМАНУЕЛ МАКРОН ВЕЌЕ НЕ ГО КРИЈАТ ЗАДОВОЛСТВОТО ОД ЕВЕНТУАЛНИОТ РАЗВОЈ НА ЕВРОПА СО ДВЕ БРЗИНИ. СЕКАКО НА ОВОЈ ПАТ ТИЕ ИМААТ ПОДДРШКА И ОД МАТЕО РЕНЦИ И ОД НЕКОЛКУ ОСТАНАТИ ЕВРОПСКИ ЛИДЕРИ. ТОА БИ ЗНАЧЕЛО И ФОРМАЛИЗИРАЊЕ НА АСИМЕТРИЧНОСТА ВО ПРИМЕНАТА НА ЕВРОПСКИТЕ ПРИНЦИПИ КОЈА И СЕГА ПОСТОИ
Второто сценарио е секако другата крајност. Имено, Велика Британија, сѐ додека не одлучи да ја напушти Унијата, претставуваше и најголема кочница за забрзување на интегративните процеси внатре во Унијата, калкулирајќи со надежта за нејзино останување во Европската Унија. Ослободувањето од овој „товар“, иако неволно, гласачите во некои од земјите како Франција го искажаа јасно на гласачките места обезбедувајќи поддршка за докажаните еврофедералисти како што е Емануел Макрон. Тој, но и Меркел, а и други политички претставници, сега имаат обврска пред нивните гласачи да обезбедат стабилна, но и прогресивна Европска Унија која ќе ги респектира желбите на прогресивната јавност за засилена интеграција. Тоа би значело и зголемување на притисокот за интеграција на земјите аспиранти, создавање заедничка безбедносна структура, засилување на ингеренциите на супранационалните тела итн. Со ова интегративно забрзување земјите на периферијата, оние кои политички сѐ уште кокетираат со националниот суверенитет како основа на нивното уредување, не би биле баш задоволни што, пак, претставува почетна точка за третата опција, онаа која веќе стана реалност во март на одбележувањето на 60-годишнината од договорот од Рим, а тоа е Европа со две брзини.
Ниту Ангела Меркел, па ниту Емануел Макрон веќе не го кријат задоволството од евентуалниот развој на Европа со две брзини. Секако на овој пат тие имаат поддршка и од Матео Ренци и од неколку останати европски лидери. Тоа би значело и формализирање на асиметричноста во примената на европските принципи која и сега постои. И денес постојат земји кои ја имаат прифатено европската валута, еврото, и такви кои сѐ уште ја немаат; земји кои се дел од Шенгенскиот договор и оние кои сѐ уште не се; земји кои имаат слободен пристап до пазарот на труд на другите земји и оние кои немаат итн. Овие разлики во прифаќање на правата и на обврските во рамките на Унијата претставуваат основа и за формирање на унија со две брзини, т. е. де факто формирање две унии.
Ова секако ги претставува само контурите на предизвиците и на идните патеки по кои можат да се движат процесите во рамките на Европската Унија, како и соседството. Ако се следи годишното обраќање на претседателот на Европската Унија, Жан Клод Јункер, тогаш Европа ја чекаат храбри чекори во насока на нејзина интеграција. Сепак, како што видовме погоре, предизвиците не се мали, голем дел од нив предизвикуваат висок степен на ризик по стабилноста и безбедноста на Унијата, па токму во адресирањето и успешноста во решавањето на овие предизвици ќе се исцртаат и деталите на идната европска траекторија.










