Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива за меѓувладина соработка насочена кон ревитализација на мултилатералните врски меѓу Западен Балкан и дел од земјите членки на ЕУ, како и за подобрување на регионалната соработка на Западен Балкан за прашањата на инфраструктурата и на економскиот развој, покренат под покровителство на канцеларот Ангела Меркел. Берлинскиот процес беше инициран со цел да се консолидира и да се одржи динамиката на процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ наспроти зголемениот евроскептицизам и петгодишниот мораториум на проширувањето на ЕУ, прогласен на почетокот на мандатот на Европската комисија предводена од Жан Клод Јункер во септември 2014 година.
Со годинешниов самит во Берлин ќе се заокружи десетгодишниот циклус на оваа иницијатива.
Берлинскиот процес овозможи силна политичка поддршка за европските перспективи на Западен Балкан и креираше позитивен моментум за зајакнување на регионалната соработка меѓу шесте држави, што овозможи да се постигне значителен прогрес во повеќе различни области, со фокус на поврзаноста на полињата на транспорт и на енергетика, но и во областите на: инвестиции, интегрирање на пазарите, слободна трговија на стоки и услуги.
Берлинскиот процес се одвива со поддршка на Европската комисија, на меѓународните финансиски институции и на земјите членки на ЕУ кои се вклучени во процесот – Австрија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, Полска, Словенија, Франција и Хрватска.
Берлинскиот процес има цел да ја подобри регионалната соработка, како и соработката со ЕУ во повеќе области на политиката за поддршка на земјите од регионот во постигнувањето на стандардите на ЕУ и да донесе конкретни придобивки за граѓаните во регионот. Берлинскиот процес ја има предноста од широка меѓународна поддршка и вклученост, вклучувајќи ги земјите членки и институциите на ЕУ.
Процесот оваа година се фокусира на две клучни теми − заедничкиот регионален пазар и на подобрување на условите за инвестирање, како и на енергетската и на климатската акција со посебен фокус на ефектите на механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM).
Заеднички регионален пазар
Акцискиот план за заеднички регионален пазар 2021 − 2024, усвоен на Самитот во Софија, во ноември 2020 година, е клучниот економски проект на Берлинскиот процес. Заедничкиот регионален пазар, кој вклучува околу 17 милиони луѓе и се базира на четири основни слободи на ЕУ, ќе придонесе за зголемување на атрактивноста и на конкурентноста на регионот и ќе придонесе за приближувањето на земјите од Западен Балкан кон единствениот пазар на ЕУ.
На претстојниот самит ќе се разговара за напредокот постигнат во последниве десет години како резултат на Берлинскиот процес, а исто така и за предизвиците што треба да ги надмине регионот. Неспорно е дека ЕУ е убедливо најважниот трговски партнер за регионот, но уште многу треба да биде направено кога станува збор за регионалната трговска интеграција со цел максимално да се искористат потенцијалите на регионот. Ова особено се однесува на либерализацијата на регионалната трговија, каде што неусогласените процедури, непризнавањето на документите и различните стандарди за безбедност на производот сè уште поставуваат бројни трговски бариери во меѓусебната размена.
Дискусијата поврзана со заедничкиот регионален пазар ќе се фокусира на прашањата кои се клучните ефекти од заедничката економска соработка во изминативе десет години, дали и какви дополнителни поттикнувања се потребни за да се продлабочи регионалната соработка, кои се клучните бариери кои го оневозможуваат целосното воспоставување на заедничкиот регионален пазар и како тие да бидат отстранети брзо и ефикасно, како и кои се клучните инструменти на креаторите на политики за привлекување на странски инвеститори во регионот и како тие да се унапредат, особено во клучните сектори.
Зелена транзиција
Потребата за забрзување на климатската трансформација во земјите од Западен Балкан со себе носи огромни можности, но и големи предизвици, особено во енергетскиот сектор. Енергетскиот микс во регионот сè уште е многу зависен од фосилните горива, особено од јагленот, што резултира со високи емисии на јаглерод диоксид. Јаглеродниот интензитет на регионот е четири пати поголем од оној на ЕУ и се намалува со побавно темпо. Сепак, постои голем потенцијал за проширување на обновливите извори на енергија, особено сончевата и ветерната енергија. Германија и ЕУ се подготвени да поддржат земји и компании од Западен Балкан во овој сектор преку обезбедување на конкретни програми за поддршка.
Воведувањето на механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод во 2026 година ќе има значително влијание на економиите од регионот. Овој механизам воведува значителни обврски за компаниите и поради тоа компаниите и креаторите на политики мора да бидат подготвени со цел да се обезбеди дека компаниите од Западен Балкан ќе останат конкурентни и по започнувањето на целосната примена на овој механизам.
Дискусијата поврзана со зелената транзиција ќе се фокусира на прашањата кои се клучните чекори кои се преземаат за информирање на сите засегнати за функционирањето на механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод и на можностите за инвестиции кои ги носи за индустриите на шесте економии од Западен Балкан, кои се мерките кои на индустриите кои се најзасегнати од воведувањето на овој механизам ќе им овозможат да се справат со очекуваното зголемување на цените на нивните производи по 2026 година, каква поддршка можат компаниите и креаторите на политики да добијат во овој процес и како може да се поттикнат повеќе инвестиции од приватниот сектор за проширување на обновливите извори на енергија.
Клучни настани во рамките на Берлинскиот процес 2024:
• Бизнис-форум и состанок на министрите за економија – 24 септември 2024 г.
• Министерски состанок за Зелената агенда на Западен Балкан – 8 октомври 2024 г.
• Лидерски самит на Берлинскиот процес – 14 октомври 2024 г.
Стопанската комора на Северна Македонија, преку Коморскиот инвестициски форум, активно ќе биде вклучена во сите настани во рамките на Берлинскиот процес.






