ЕКСКЛУЗИВНО за ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС | Ѓорѓе Војновиќ: Очекувања за 2026 година

2026 година носи реален потенцијал за градење на поотпорна деловна средина

Две илјади дваесет и шеста година ќе биде година во која економските трендови, технолошките иновации и регионалните интеграции уште посилно ќе го обликуваат деловниот амбиент. Очекувам умерено закрепнување на економиите во регионот, како и на македонската економија која може дополнително да се консолидира, потпирајќи се на тековните реформи, на вложувањата во енергетска ефикасност и во инфраструктурата, како и на процесите што ги придружуваат европските интеграции. Овие иницијативи создаваат поцврста основа за долгорочна конкурентност, иако нивните ефекти ќе се реализираат постепено, особено во услови на чувствителни глобални економски и геополитички движења. Технолошките иновации − особено решенијата засновани на вештачка интелигенција и на податоци − ќе останат главен катализатор на промени, редефинирајќи го начинот на кој управуваат компаниите со ризици и создаваат вредност за клиентите. Дигиталниот напредок не го третираме само како модернизација, туку како клучен инструмент за унапредување на квалитетот на услугите, зголемување на ефикасноста и повисока транспарентност спрема клиентите − аспекти што во вакви околности добиваат особена стратегиска тежина. Во 2026 година гледаме можност за зрела и за одржлива експанзија на македонскиот пазар, a социјалните динамики, растечката свесност за финансиска сигурност и потребата од одговорни практики ќе ја обликуваат трансформацијата на осигурителната индустрија. Соработката меѓу институциите, приватниот сектор и заедниците останува клучна за стабилен и за инклузивен раст. Триглав ќе продолжи да ги гради својата стабилност и позиција преку дисциплинирано управување, дигитални инвестиции, развој на експертизата и унапредување на клиентското искуство, обезбедувајќи сигурност, доследност и долгорочна вредност. Со зрел пристап и јасни приоритети, 2026 година носи реален потенцијал за градење на поотпорна деловна средина, што го оправдува внимателниот, но искрен оптимизам за годината што следува.

Повеќе од истиот автор

Најчитано