Зоолошката градина во Скопје денеска е затворена, а како што се наведува во нивното известување залепено на самиот влез, причина се техничко оперативните работи. Сепак, во текот на денот дел од медиумите и на социјалните мрежи беше објавено дека скопската Зоолошка градина не работи поради сомнежи за бактерија или вирус кај птиците.
– Почитувани посетители, ве известуваме дека поради техничко оперативните работи, на ден 19.10.2024 година, сабота, Зоолошката градина за посетители нема да биде отворена. Ви благодариме за разбирањето, стои во известувањето на Зоолошката.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА потврдуваат дека во Зоолошката градина се нивни инспектори, но и дека исто така таму се изведуваат технички зафати. Засега не се соопштува која е причината за присуството на инспекторите во Зоолошката градина.
АХВ најавува дека во текот на денот ќе ја информираат јавноста преку соопштение.
Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андонова за МИА вели дека до попладнево не добиле известување од Агенцијата за храна и ветеринарство дека има потреба нивни екипи да излезат на терен и да направат епидемиолошки анкети со вработените во Зоолошката градина. Тоа може да се случи само доколку болеста или, како што се прошири во јавноста, „птичјиот грип“ се пренесува на луѓе.
– Ние сме подготвени доколку е потребно веднаш да излеземе на терен, вели Андонова.
Зоолошката градина во Скопје попладнево соопшти дека инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) без налог, решение или каков било друг доказ упаднале во Зоолошката и убиле неколку десетици птици. ЗОО Скопје, како што се наведува, за ова дело ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ, инспекторите и лицата кои со оружје упаднале во ЗОО Скопје.
– Од изутринава без налог, решение или каков било друг доказ инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на диркторот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк, обвинуваат од Зоолошката градина.
Од Зоолошката градина посочуваат дека целта е да се предизвика нов измислен проблем, и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот.
Зоолошката градина во Скопје денеска е затворена, а на социјалните мрежи и во медиумите беа лиферувани информации за појава на „птичји грип“. Од АХВ за МИА потвдија дека нивни инспектори се во ЗОО Скопје и дека со во текот на денов со соопштение ќе информираат за што станува збор.
Извор МИА







