Бугарија има реални шанси да се приклучи на еврозоната во 2025 година со исполнување на сите услови за членство. Сите прогнози на Европската комисија и ЕЦБ покажуваат дека последниот критериум за инфлацијата, ќе биде исполнет во 2024 година, изјави министерот за финансии Асен Василев, по минатонеделниот неформален состанок со министрите за економија и финансии на земјите од Европската Унија и со Кристин Легард од Европската централна банка.
Бугарскиот министер за финансии напомена дека придружувањето на еврозоната подразбира и стабилно и политичко опкружување и функционирае на регуларна влада. Ова значи дека најавената ротација во владата меѓу коалиционите партнери треба да се случи во март годинава.
– Целиот пакет на закони е веќе усвоен. Останува уште да се донесе законот за воведувањето на еврото, за што се водат консултации со Европската комисија и со Европската централна банка, изјави Василев, пренесува еурактив.
Бугарија минатата година имаше буџетски дефицити од 2,2 отсто, што е во дозволените граници. За годинава, ЕК и ЕЦБ предвидуваат просечна годишна инфлација од околу три отсто.
Пред еден месец, од бугарската влада најавија дека земјата може да се приклучи на еврозоната на 1 јули 2025 година, а причината е што ЕЦБ „одобри“ дополнителен период за да се сведе инфлацијата под контрола.
фото freepic







