Здравков: Основно прашање е како да се приближат самите граѓани до органите на локалната самоуправа

Суштината на постоењето на една локална самоуправа, општина, е задоволување на потребите на нејзините граѓани од егзистенцијален, инфраструктурен, културен, образовен, спортски карактер, со спроведување на одредени политики и користење на соодветни алатки.
Основно прашање е како да се приближат самите граѓани до органите на локалната самоуправа, општинската администрација, општинските служби и до јавните претпријатија како даватели на услуги.
Создавање на квалитетен партнерски однос меѓу граѓаните и наведените служби и институции е еден од начините на осознавање на непосредните комунални проблеми, а со тоа и можност за давање на соодветни услуги и решавање на натрупаните проблеми.
Тој партнерски однос треба да се рефлектира и во непосредното учество на граѓаните во креирањето на таканаречениот „народен буџет“ преку јавни дебати, непосредни разговори, писмени и усни предлози.
Создавањето на квалитетна, некорумпирана и компетентна општинска администрација, користењето на сите можни дигитални алатки, но и непосредната комуникација, сето ова е неопходен услов за квалитетни и брзи услуги спрема граѓанинот.
Исто така треба да се создадат услови за непосреден увид во сите активности на органите на локалната самоуправа, советите на општините, градоначалникот, општинската администрација, јавните претпријатија од страна на независни, невладини, граѓански здруженија.
Тие треба да бидат будното око на граѓаните, кои со својата активност ќе вршат контрола на законитоста, транспарентноста и квалитетот на работата и на услугите дадени од органите на локалната самоуправа.

Повеќе од истиот автор

Најчитано