Во овогодишниот извештај, Европската канцеларија за борба против измами „ОЛАФ“ (OLAF) пресметала 888 милиони евра исплатени врз основ на неоправдани барања во 2015 година. Тоа претставува намалување од само 0,1 % од минатогодишните 901 милион евра, а сочинува околу 0,6 % од Буџетот за субвенционирање на земјоделски и на сиромашни региони. Според извештајот, има речиси 1 400 неосновани барања, а еден од посочените примери е за модернизација на ладилници за зеленчук во Бугарија вреден 1,3 милиони евра. Истражителите забележале дека испорачувачот и корисникот на опрема се иста личност при што вештачки е „надувана“ цената на опремата. Поради ваквите афери, администрацијата на ЕУ е под силен притисок од евроскептиците, особено од оние кои доаѓаат од Британија. Џовани Кеслер, генералниот директор на „ОЛАФ“ (OLAF), смета дека не постои раширена корупција, а дека зголемувањето на бројот на воочени измами покажува дека неговата агенција остварува резултати. Преку судски пат, Брисел минатата година има вратено 187 милиони евра, 10 % помалку од 2014 година.







