Собранието на денешната седница со 73 гласа изгласа недоверба на членот на Судскиот Совет Тања Чачарова Илиевска. Со 75 гласа пак, Собранието изгласа недоверба и на членот на Судскиот Совет Миљазим Мустафа. Со ова заврши денешната собраниска седница на која претходно им беше изгласана недоверба и на Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева. Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.
Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.
Собранието констатира дека Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и судиите и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството. Воедно, се наведува дека овие членови ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, тие го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судски совет.
На денешната расправа за интерпелациите на петте члена на Судскиот совет не присуствуваа пратениците од СДСМ.







