Погледнато во еден подолг период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Прилеп остварува континуиран напредок во своето работење?
И. Јованоски: Идејата на секој градоначалник е да обезбеди долгорочен економски и општествен развој на општината преку долгорочна стратегија за урбано планирање. Во областа на урбанистичкото планирање би го потенцирал Проектот „Овозможи“ (ENABLE) − меѓународен проект чиј фокус е насочен кон развој на концепт за одржливи градови, а со кој Прилеп ќе добие стратешки план за долгорочно урбано планирање и развој. Ќе биде презентиран во август 2021 година, а би се реализирал наредниве години.
Покрај изработката на урбанистичко-планска документација за градот, во постапка е изработка на детални урбанистички планови (ДУП) за 30 населени места, што ќе заврши во мај следнава година, а со која ќе се создадат услови за зголемен број на инвестиции од јавниот и приватниот сектор во руралните средини.
Истовремено сакам да нагласам дека е изработен ДУП за централното градско подрачје (каде што се наоѓа и Домот на културата „Марко Цепенков“), а Општина Прилеп изработи идеен проект за новиот театар. Министерството за култура прави основен проект, а наредниве години треба да се изгради.
Во тек е изработката на основен проект и проект за инфраструктура за уредување на градската река во должина од 4 км и ќе биде готов во јуни 2021 година, а изградбата ќе биде наредниве години.
Кога е во прашање инфраструктурата Општина Прилеп интензивно работи на изградба, реконструкција и рехабилитација на патната мрежа со која, во изминативе три години, опфативме над 70 улици во градот и населените места. Само оваа година асфалтиравме 25 км улици во градот и населените места.
Со реконструкцијата на главната сообраќајница, булеварот „Гоце Делчев“, централното градско подрачје доби нов, современ и урбан лик.
Истовремено продолжуваме со реконструкција и изградба на водоводни и канализациски мрежи во градот, а со ова ќе се продолжи и наредниве неколку години.
Прв пат по 50 години градиме нов армирано-бетонски мост на градската река (до декември 2020 година) кој ќе ги поврзува двете индустриски зони во градот и преку кој се одвива 80 отсто од товарниот сообраќај во градот.
Како најфудбалски град во земјава го реализирав барањето на граѓаните за комплетна реконструкција на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Прилепчани сега со право можат да се пофалат дека имаат еден од најубавите спортски објекти во државава.
Во тек е подготовка на јавната набавка за изградба на нова детска градинка со капацитет од 300 деца во населба Точила. Изградбата треба да заврши во септември 2021 година и ќе се реши долгогодишниот проблем со недостиг на места за децата во детските градинки (сега толку места недостигаат во градинките).
Во завршна фаза се основните проекти за целосна раконструкција на инфраструктурата во Старата градска чаршија и основниот проект за покриениот базен во населба Точила, што треба да се реализираат иднава година.
За мене како градоначалник животната средина е од исклучителна важност, а во правец на тоа би истакнал дека во завршна фаза е Проектот за гасификација. Изработени се идејниот проект и проектот за инфраструктура, а до крајот на 2020 година ќе биде изработен и основниот проект за секундарна гасификациска мрежа во должина од 20 км, чија изградба ќе започне во 2021 година. Во истиот контекст, Општина Прилеп набави 4 нови автобуси на метан со кои ќе ја чуваме животната средина и го подобруваме јавниот превоз.
Изградбата на пречистителната станица за отпадни води како капитален проект придонесе за пречистување на градската река, заштита на подземните води, зачувување на биодиверзитетот и производство на здрава храна.
Во областа на социјалната заштита изградивме Дневен центар за лица со церебрална парализа и станавме втор град, по Скопје, кој поседува ваков тип на установа. Со ова се згрижени сите деца со церебрална парализа.
Дополнително Општина Прилеп во соработка со Здружението за перспектива, интеграции и развој „Рома перспектив“ – Прилеп аплицираше со проект во Советот на Европа од Програмата ИПА 2 (проектот завршува во ноември, а реализацијата во мај-септември 2020 година, во висина околу 850 000 евра) со кој се опфатени најранливи категории на граѓани од социјален ризик како целна група, а со цел да им помогне на Ромите во подобрување на комуналната и патната инфраструктура.
Промената на регулативата што го регулира работењето на општините е повеќе од неопходна. Потребно е олеснување и поедноставување на процедурите за одобрување на проекти и издавање на градежни дозволи, како и пренамена на земјоделското во градежно земјиште што, според моето мислење, би предизвикало градежна експанзија во согласност со потребите на градот. Особено е важно при носењето на законите од страна на законодавната власт да се зема предвид мислењето на ЗЕЛС
Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Прилеп? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите од општината?
И. Јованоски: Водоснабдувањето е еден од основните проблеми со кој низ годините наназад се соочуваат граѓаните на Општина Прилеп. Изворот Студенчица од кој добиваат вода за пиење прилепчани е со намалена издашност. Сепак, со мудро управување со овој драгоцен природен ресурс, особено со правилно менаџирање со Студенчица и бунарите, успеваме да го надминеме тој проблем. Имено, Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ изработи режим за водоснабдување со кој, и покрај намалените количества на вода што ги испорачува ЈП „Студенчица“ до Општина Прилеп, граѓаните во секое време добиваат квалитетна вода за пиење и за други неопходни работи. Тука би истакнал дека долгорочната стратегија за водоснабдувањето изработена во 80-тите години е исцрпена. Време е за нова таква стратегија за обезбедување на дополнителни количества на вода. Прилеп има идеен проект за водоснабдување на градот од реката Бабуна. Станува збор за водоснабдување на градот за наредниве 50 години. Но, за овој проект е потребна поддршка од државава, што се надевам дека во иднина и ќе ја добиеме.
Локалниот економски развој е тесно поврзан со патната инфраструктура. Патиштата кои водат кон и од Прилеп се наоѓаат во лоша состојба. Таквата состојба значително ќе се подобри со завршувањето на експресниот пат Градско − Прилеп. Целосната изградба на кракот од Коридорот 10, односно патот Градско − Прилеп − Битола − граничен премин Меџитлија ќе придонесе за нови инвестиции, нови работни места, повисок животен стандард.

Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?
И. Јованоски: Промената на регулативата што го регулира работењето на општините е повеќе од неопходна. Потребно е олеснување и поедноставување на процедурите за одобрување на проекти и издавање на градежни дозволи, како и пренамена на земјоделското во градежно земјиште што, според моето мислење, би предизвикало градежна експанзија во согласност со потребите на градот. Особено е важно при носењето на законите од страна на законодавната власт да се зема предвид мислењето на ЗЕЛС.
Од иста важност е и потребата од поедноставување на постапките и процедурите за издавање на различни одобренија, потврди и друга документација која им е потребна на граѓаните.
Мора да се подобри регулативата за административните работници за нивно можно наградување.
Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?
И. Јованоски: Несомнено е потребна целосна децентрализација, особено во областите на социјална заштита, култура и земјоделие, односно да се продлабочат ингеренциите на општините, што ќе биде придружено со зголемени финансии.
Сметам дека се потребни измени во Законот за минерални суровини со кои општините би добиле поголемо влијание во процесот на издавање концесии, експлоатација и користење на суровините. Контролата за експлоатација на суровините мора да биде на општините (или и на општините), а не само на Министерството за економија. Во таа насока потребно е изнаоѓање на решенија во делот на рекултивацијата на земјиштето и одржувањето на патиштата што ги користат самите концесионери. Тоа би било од огромна важност за Прилеп како регион кој располага со големи количини на мермер и други рудни богатства.
Исто така треба да се промени распределбата на ДДВ во смисла да се зголеми процентот издвоен за општините.
Како градоначалник воспоставив пракса на редовни средби со граѓаните од урбаните и месните заедници во нивните локални средини. На тие средби ги утврдуваме приоритетните прашања од интерес на локалното население, најчесто решавање на комуналните и урбанистички проблеми со кои се соочуваат. Би сакал да нагласам дека пред носењето на годишниот буџет, општината организира јавни расправи за негово креирање. Исто така, во рамките на моите секојдневни активности, одржувам редовна комуникација со бизнис-секторот и Регионалната стопанска комора со седиште во Прилеп
Дали има нешто што самата Општина Прилеп може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, расходи и воопшто своето работење во иднина?
И. Јованоски: Да се забрза и да го зголеми бројот на издадени одобренија за градење со што би се зголемиле и приходите на општината. За подобрување на работењето, општината и јавните претпријатија имаат потреба од воведување на систем за управување со документи кој ќе овозможи следење на протокот на документацијата и подобрување на услугите кон физичките и правните лица. Потребно е вклучување на целокупниот научен и интелектуален кадар во општината во насока на подобар и побрз развој на локалната заедница.
Општината во соработка со државата и одредени научни институции своето внимание да го насочи кон изработка на стратегија за развој на регионот Мариово и искористување на сите потенцијали кои ги нуди овој регион. Новиот граничен премин пеку Витолиште – Мајдан, Железна врата – Грција и долгоочекуваниот проект Чебрен − Галиште ќе бидат основа за успешен и долгорочен економски развој на Мариово и на Општина Прилеп.

Каква е комуникацијата на Општина Прилеп со другите чинители како што се: граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор?
И. Јованоски: Една од првите работи која ја направив со моето доаѓање на градоначалничката позиција беше формирањето на Граѓанскиот парламент во кој членуваат граѓани, претставници на НВО-секторот, разни неформални групи, претставници на месни и урбани заедници од општината. На средбите на Граѓанскиот парламент отворено дискутираме за проблемите со кои се соочуваат граѓаните и изнаоѓаме решенија за нивно надминување.
Како градоначалник воспоставив пракса на редовни средби со граѓаните од урбаните и месните заедници во нивните локални средини. На тие средби ги утврдуваме приоритетните прашања од интерес на локалното население, најчесто решавање на комуналните и урбанистички проблеми со кои се соочуваат. Би сакал да нагласам дека пред носењето на годишниот буџет, општината организира јавни расправи за негово креирање. Исто така, во рамките на моите секојдневни активности, одржувам редовна комуникација со бизнис-секторот и Регионалната стопанска комора со седиште во Прилеп.
Важен сегмент во соработката со граѓанскиот сектор е јавниот повик за финансирање на работата на невладините организации и здруженија на граѓани, спортските клубови, за што општината секоја година одделува значајни средства од буџетот.
Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Прилеп?
И. Јованоски: Треба да направиме амбиент да се намали сивата економија. Тоа би го направиле со едукација и советување на младите претприемачи, олеснување на околностите така што секој млад иновативен претприемач да пристапи со реална конкурентност на пазарот.
Гасификацијата, подобрувањето на инфраструктурата, посебно на патната, овозможува подобар промет на стоки и услуги на веќе успешните фирми и компании.
Овозможување на индустриска експанзија преку дополнување на капацитетите на стопанските субјекти и едукација на младите иновативни претприемачи нивните бизнис-идеи да станат реални, остварливи и конкурентни на пазарот.
(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2020г.)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)







