ИНДУСТРИЈАТА НА БАТЕРИИ ВЛЕГУВА ВО НОВА РАСТЕЧКА ФАЗА

Глобалниот пазар на батерии брзо напредува бидејќи побарувачката расте и цените продолжуваат да паѓаат, се наведува во новата анализа на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Во 2024 година продажбата на електрични автомобили порасна за 25 проценти и достигна 17 милиони возила, додека годишната побарувачка на батерии надмина еден терават-час (TWh), што претставува „историска пресвртница“. Просечната цена на батеријата на електричниот автомобил падна под 100 долари за киловат-час.

Поевтините минерали за батерии беа важен двигател на овој пазар, посочуваат од ИЕА. Имено, особено цените на литиумот паднаа за повеќе од 85 проценти од нивното највисоко ниво во 2022 година.

По долгогодишно инвестирање, глобалниот капацитет за производство на батерии достигна три TWh во 2024 година, а во следните пет години производниот капацитет би можело да има зголемување за трипати.

Кина произведува повеќе од три четвртини од батериите што се продаваат на глобално ниво. Во 2024 година, просечните цени на кинеските батерии паднаа побрзо за речиси 30 проценти за разлика од другите земји во светот.

Извештаите покажуваат дека батериите во Кина се поевтини отколку во Европа и Северна Америка за повеќе од 30 проценти. Падот на цените на батериите во последните години е главната причина зошто многу електрични возила (ЕВ) во Кина сега се поевтини од оние во остатокот од светот, се вели во анализата.

Јужна Кореја и Јапонија се веќе главни играчи во глобалната индустрија за батерии, пренесува Б92.

Повеќе од истиот автор

Најчитано