Интервју со Валентин Пепељугоски, професор и адвокат со долгогодишно искуство во правосудство, меѓународните билатерални и мултилатерални односи и експерт по интелектуална сопственост и конкуренција
Владеењето на правото е еден од предусловите за економски раст и развој на една земја. Порано ова звучеше како теоретски постулат, но сега веќе реалноста го наметна како ургентна насушна потреба. За бизнис-секторот она што се нарекува квалитетно судење е сега врвен приоритет и очекување од бизнис-амбиентот. Кој е вашиот коментар за ова?
В. Пепељугоски: Владеењето на правото, развојот на стопанството и растот на странските директни инвестиции се зависни и се поврзани правопропорционално. Недовербата во правосудството го брка капиталот надвор, односно спречува нови инвестиции. Ако кон владеењето на правото ја додадеме и потребата од правната сигурност и правната извесност, кои се и основни принципи на правото на ЕУ, доаѓаме во ситуација во која сме денес. Политичарите мора да сфатат дека менувањето на законите без да му се даде на стопанството рок да се прилагоди или менувањето на ставовите на судовите при судењето без тоа јавно да се обзнани, создава правна несигурност кај бизнисите. А нам ни се случува закон од даночна сфера (што е исклучително битна сфера) да се смени во декември и да почне да важи од јануари или судовите да го сменат ставот за течењето на каматата, а бизнисите да не бидат информирани за тоа. На ваков начин очекувањата на бизнисот не се исполнети и се јавува одредена доза на незадоволство. Значи не е проблемот само во правосудството, туку проблемот е и кај Владата која ги предлага законите и кај Собранието кое некритично ги носи тие закони без при тоа да мисли за стопанството или без при тоа да мисли како тоа ќе се одрази врз работата на судовите и на Обвинителството (како што е примерот со последните измени на Кривичниот законик).
Не знам како ви изгледа вам и на сите правници што се дел од таа фела, но ние останатите го имаме впечатокот дека во правосудството постојано се зборува за некаква потреба од реформи, дека се работи и се дизајнираат реформски закони, но како никој да не е баш задоволен од состојбите, зборувам како континуитет низ времето. Што е причината за ваквата ситуација?
В. Пепељугоски: Како млад правник мислев дека ќе ја завршам својата кариера со средено правосудство, со технички и со кадровски опремени судови. Ама се излажав, состојбата наместо да се подобрува, се влошува. Триесет години зборуваме за реформи, а Словенија влезе во ЕУ со процесните закони и со главните материјални закони од Социјалистичка Југославија!? Тоа ни укажува дека најбитна е добра и конзистентна кадровска политика. Не судии од тефтерчиња, не судии домашни пријатели на партиските водачи и на секретарите, туку судии кои имаат како теоретско така и практично знаење и почит во општеството. Јас сум „судско дете“, а познавам и многу пријатели на моите родители кои беа на високи позиции во правосудството. Овие луѓе уживаа голема почит меѓу „обичните граѓани“. Денес довербата во правосудството и во луѓето кои судат е разнишана поради негативните примери на поединци. Мислам дека не се работи толку за незнаење, туку за моралниот кредибилитет на судиите и на обвинителите. А тоа не се учи, тоа се квалитети на граѓанското општество и се учат дома. Од друга страна, нема идеален закон, па ни идеални закони, вклучително и Законот за судски совет. Законот за да биде добар мора доследно да се применува и да важи за сите подеднакво. Не смееме да дозволиме улицата да суди, не смееме да дозволиме Полицијата да суди, не смееме да дозволиме политичарите да судат, а тоа во последно време често ни се случува. Мора да судат судиите, оние кои се школувале и се избрани тоа да го прават. А тоа треба да бидат поединци со интегритет и со високи морални стандарди. Само тие можат да му кажат не на крупниот капитал или на политичарите.
Еден од проблемите со кои се соочува судството се и кадровските прашања, недостигот на кадар и сл. Дали е само тоа проблемот или можеби треба да се направат и други промени, на пример специјализација на судовите и на судиите за поодделни области итн. Бизнис-секторот сигурно би имал полза од постоење на соодветни специјализирани судови за економски спорови.
В. Пепељугоски: Покрај селекцијата на кадрите, многу може да се направи и со специјализација на судиите и на судовите. Јас сум поборник на специјализирани судови. Ние имаме и традиција на специјализирани судови. Имавме стопански судови, судови на здружен труд, сега имаме управни судови. Стопанството има потреба од квалитетен и од специјализиран судски кадар, особено во време кога трговските спорови се многу сериозни и со вредност од десетици, па и стотици милиони евра. Една урбана легенда вели дека кога му честитале избор на еден судија во Врховниот суд тој рекол дека сега е приправник во Управното одделение зашто претходно судел кривична материја. Независно од неговиот квалитет како судија по кривично право, вакви решенија се несоодветни и се неприфатливи. Со ваквите кадровски решенија, но и со правото претседателите на судовите да ги прераспределуваат судиите од една во друга област, логично е и бизнисот да размислува на алтернативи (арбитражи), но и да има поголема резерва кон процесите на пресудување.

Кога сме веќе кај кадровските прашања во судството, како го оценувате работењето на Академијата за судии и јавни обвинители? Таа би требала да биде „производителот“ на квалитетни судии.
В. Пепељугоски: Нема идеално решение. И на стариот систем, но и на овој со Академијата можете да им најдете и добри и лоши страни. Јас сум едукатор на Академијата уште од нејзиното основање, и тоа како на кандидатите за идни судии така и на континуираната едукација на веќе избраните судии. Мислам дека во делот на континуираната обука судиите треба да ја сфаќаат обуката посериозно, а не само како добивање бодови. Од друга страна, врховните судии се ослободени од континуирана обука. Зошто??? Не сум против Академијата, но мислам дека мораше да се дозволи судската функција да биде подостапна и за адвокатите, и за првобранителите, и за правниците од стопанството, и за професорите и сл. На таков начин ќе се создадеше поголема конкуренција. Одговорно тврдам дека во моментов од адвокатурата може да формирате еднакво квалитетен, ако не и поквалитетен Врховен суд. Во кадровската политика голем удел има и Судскиот и Обвинителскиот совет. Но, тоа е она што го гледа јавноста, а „дворските игри и влијанието на партиите“ се врши преку поединци во тие совети. За поранешниот состав на Судскиот совет сум го кажал моето мислење и за среќа тоа е веќе поранешен состав. Меѓутоа, во држава како Македонија каде што влијанието на политиката е многу силно, секој избор може да биде проблематизиран. Од друга страна, не треба да го занемариме и непотизмот. Ние имаме случаи каде што мајката е судија, таткото обвинител, син/ќерка адвокат и сл. Или еден сопружник министер, другиот судија, татко адвокат и сл. Имаме добри правници, меѓутоа, поради влијанијата од политичарите и од олигархијата, многу од нив не се гледаат во правосудните органи. Ова мора час поскоро да се смени.
Во јавноста се крена многу „прав“ и при изборот на судија од земјава за Судот за човекови права во Стразбур. Какво е вашето мислење за таа работа?
В. Пепељугоски: За жал, негативно. Недозволиво е претседателите на највисоките судови во државава да не ги знаат основните принципи на правото, а тоа е дека ако некој бара информација мора да ја дадат таа информација. Дали можете да замислите дека заинтересираните кандидати сѐ уште не се известени кој е избран во тесниот круг од тројца кандидати, а да не зборувам што повторно се бира кандидат за кој Владата сметала дека не ги исполнува условите. Истовремено скандал без преседан е и фактот што Владата не ја проследи правата листа на избрани кандидати, ја разреши Комисијата и формираше нова. Јас барав транспарентност, па дури и работата на Комисијата да биде јавно пренесувана. Да се објават биографиите на сите заинтересирани кандидати и да се направи првична елиминација според тоа дали и колку го знаат еден од двата странски јазици. Нормално никој тоа не го прифаќа зашто секој може да добие и да донесе сертификат за познавање на јазик. Од друга страна, не можам да прифатам дека сѐ уште немаме соодветни критериуми/акти во кои точно ќе биде утврдена постапката на предлагање, на избор, условите и начинот на бодување на кандидатите. Дополнително сега се проблематизира и моралниот лик на некои од пријавените кандидати без изјаснување на надлежните органи за таквите тврдења. Бидејќи постапката е во тек, ќе видиме што ќе каже Советот на Европа.
Познати сте и по тоа што сте еден од водечките правници во земјава за прашања поврзани со правата на интелектуална сопственост. Како ја оценувате состојбата на тој план?
В. Пепељугоски: Одговорно тврдам дека на полето на интелектуалната сопственост на законодавен план десетина години апсолутно ништо не се работи. Се доведовме во ситуација да имаме готова Нацрт-стратегија за интелектуална сопственост 2022 – 2026 година, а Владата (и претходната и сегашната) да не ја донесе. Законите од оваа област веќе не се усогласени со најновите меѓународни договори и конвенции и директиви и регулативи на ЕУ. Уште полошо е што во надлежните министерства и заводи ништо не се работи на овој план. А цел свет зборува и работи на имплементација на вештачката интелигенција која е многу тесно поврзана со интелектуалната сопственост. Навистина сметам дека за стопанството е значајно да одржиме чекор со новите технологии чија основна цел е поедноставување на процесите. А ова секако претпоставува да бидеме во чекор со она што се работи на полето на интелектуалната сопственост во светски рамки, а не да сме назад.
За крај на ова интервју и една повесела тема. Како се снаоѓате во улогата на дедо?
В. Пепељугоски: Е тоа е посебна и во моментов најубавата улога во мојот живот. Се трудам и мислам дека сум добар дедо, но да оставиме мојата внука да каже за некоја година. Нејзината насмевка не може да ја замени ни најубавиот излез или залез на сонцето.
Разговараше: Зоран Јовановски
Економија и бизнис, печатено издание, 01 февруари 2026г







