Цените на недвижностите во Португалија се меѓу највисоките во Европа, а главните причини се туризмот и кризата во градежниот сектор. Цените на куќите во Европската Унија значително се зголемија во изминатата деценија, а Португалија е меѓу земјите каде што недвижностите се најпреценети, се наведува во новиот извештај на Европската комисија, пренесува Сеебиз.
Во извештајот на Европската комисија „Домување во Европската Унија: развој на пазарот, причини и политики“ се наведува дека од 2014 до 2024 година, цените на куќите во ЕУ се зголемиле во просек за 50%. Сепак, во земји како Унгарија, Литванија, Чешка, Португалија, Естонија, Бугарија и Полска, зголемувањето надминало над 200%.
Причините за моменталната состојба на пазарот на домување вклучуваат повисоки каматни стапки, зголемена побарувачка од побогати семејства и инвеститори, раст на краткорочните изнајмувања и недостаток на нови градежни проекти.
Според извештајот, цените во некои земји значително отстапуваат од нивната реална вредност, а во Португалија оваа разлика е најизразена.
Се проценува дека недвижностите во Португалија се преценети за околу 35%, единствената земја каде што овој процент се зголемил дополнително до 2024 година, пишува Еуроњуз.
„Зголемувањето на бројот на краткорочни изнајмувања во туристичките области е тесно поврзано со зголемувањето на цените и кириите на становите“, велат истражувачите.
Според извештајот, Португалија е земјата каде што туризмот има најголемо влијание врз цените на недвижностите во целата Европска Унија, а слични проблеми се присутни и во Шпанија, особено во Барселона.
Португалија има еден од најниските удели на јавни станови во Европа, само околу 2% од вкупниот фонд е во државна или локална сопственост, според истражувањето на Универзитетскиот институт во Лисабон (ISCTE).
Некои од становите во поголемите градови се во сопственост на приватни компании, а долгиот период на ниски каматни стапки поттикна зголемена побарувачка од институционални инвеститори како што се осигурителни компании и пензиски фондови.
Тие наводно одиграле клучна улога во порастот на цените на становите во текот на изминатата деценија.
Друг проблем е бавниот процес на издавање градежни дозволи, што ја попречува изградбата на нови станови. Во Португалија, Хрватска, Шпанија и Грција, бројот на издадени дозволи достигна историски ниски нивоа.
Повеќето земји од ЕУ имаат пропишано рокови за издавање дозволи, од три недели во Литванија до 31 недела во Португалија.
Комплексната документација и бирократските пречки дополнително го забавуваат процесот, а поедноставувањето на процедурите би можело значително да ја зголеми ефикасноста.
Големиот број празни имоти дополнително ја намалува понудата на станови. Околу еден од шест имоти во Европа се проценува дека е празен, при што Португалија повторно е меѓу земјите со најголем удел, заедно со Бугарија, Романија, Малта, Кипар и Унгарија.
Прашањето за домувањето стана едно од централните политички прашања во Португалија. Граѓаните сè повеќе протестираат против високите кирии и недостатокот на прифатливо домување. Европската комисија во јуни предупреди дека Португалија не е доволно ефикасна во решавањето на кризата со домувањето и препорача воведување контрола на кириите и ограничувања за одредени видови краткорочни изнајмувања, објавува Еуроњуз.
Фото Економија и бизнис






