Граѓаните на Општина Аеродром заслужуваат сериозен и искрен пристап од носителите на локалната власт во решавањето на урбаните проблеми. Три аспекта заслужуваат посебно внимание во следниот период. Прво, бизнис-секторот и предизвиците во односите со локалната власт. Моето дводецениско практично искуство како косопственик на мала услужна компанија ќе го имплементирам во изработка на идни развојни програми (ЛЕР) и соодветна буџетска покриеност. Изработката на ДУП-овите мора да биде насочена во индиректна поддршка на малите и средните компании (приоритет би имале компаниите со седиште во Аеродром) бидејќи таму слободата од бирократските стеги обезбедува простор за креативност. Општината треба да претставува катализатор на тие процеси. Вториот аспект се предизвиците и можностите во однос на финансирањето на општината. Најавените зголемувања на персоналниот данок и ДДВ од сегашните 3 % (ПД) и 4,5 % (ДДВ) треба да имаат апсолутна поддршка од локалната власт. Општината треба транспарентно и одговорно да ги реализира сите предизборни ветувања со строга контрола на можните коруптивни практики. Трет и најважен аспект се предизвиците во однос на стратешкиот развој на општината. Брутална градежна експанзија без изградба на нови училишта, градинки, паркови, зеленило и регулиран сообраќај не смее да се повтори. Не смее никогаш повеќе да постојат листи за упис на најмладите во градинките. Граѓаните на АЕРОДРОМ заслужуваат повеќе.





