Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор? Каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?
Во однос на актуелните состојби во нашиот сектор, оценката е дека домашната месна индустрија ги преживува најтешките мигови во поновата историја.
Со уште незалечени рани од ковид кризата влеговме во нова, енергетско-економска криза. Соочени со зголемени цени на сите инпути: суровини, адитиви, амбалажа, енергенти, работна сила, од една страна, и непропорционално зголемени наши продажни цени, од друга страна, максимално ја намаливме профитната маргина и секојдневното работење се сведе на борба за зачувување на основниот бизнис и работни места без скорешни перспективи за развој.
Дополнително за влошување на состојбата придонесе и непродолжувањето на мерката за бесцарински увоз на замрзнато свинско месо за преработка, мерка која траеше до првата половина на годинава и имаше позитивни ефекти за целото нејзино времетраење, и тоа изразено преку зголемен обем на производство, конкуренти цени, супституција на увозот, зголемени плати во индустријата и поголеми приходи за државава преку фискалните и парафискалните давачки. Спротивно, моменталната состојба во отсуство на мерката за бесцарински увоз придонесува да бидеме во нерамноправна (неконкурентна) позиција во однос на индустријата од ЦЕФТА (CEFTA) окружувањето најмалку по две основи: крајната цена на суровината и до скоро цената на електричната енергија.
Краткорочната перспектива, и покрај субвенционираната цена на електричната енергија и трендот на намалување на цените на одредени суровини, не изгледа најрозово бидејќи можноста за покривање на загубите од изминатиов период е под пресија на атмосферата за намалување на цените.
Предлог-мерки за подобрување на состојбата:
• преточување на мерката за бесцарински увоз во трајно законско решение,
• поголема флексибилност (подолги преодни рокови) во делот на усогласување на европските директиви за безбедност на храната кои ги усложнуваат процесите во компаниите,
• борба против сивата економија во месопреработката и
• законски решенија кои ќе ја спречат преизразената супремација на малопродажниот сектор во однос на домашните производители.
Основни податоци за КАРНЕМ − ВРАПЧИШТЕ:
– Приходи: 190 357 302 ден.
– Добивка: 27 852 087 ден.
– Вработени: 41






