Квалитетно и безбедно производство е клучно во пекарската индустрија

Кој е кој во… пекарската индустрија – топ 20 компании за производство на пекарски производи и тестенини во земјава


Лебот и белите печива претставуваат едни од основните прехранбени продукти. Тие се неизоставен дел од нашата исхрана, a нивната широка потрошувачка ги прави производи со глобално значење. Поради тоа многу е важно, за сите засегнати страни во синџирот на исхраната, нивното квалитетно и безбедно произведување. Во продолжение ќе видиме каква е состојбата во оваа индустрија кај нас и како се справиле со кризата овие компании, т. е. дали кризата влијаела и врз овој бизнис.

Какви се состојбите на ниво на индустрија?
Во нашава земја, според податоците од БизнисМрежа.мк, во 2020 година во пекарската индустрија работеле вкупно 1 225 компании. Од нив, според големината, 960 се микрокомпании, 252 се мали, 10 компании се средни, а само 3 се големи компании. Според видот на производот што го произведуваат тие се делат на: компании за производство на леб; слатки (колачи, торти) во свежа состојба и бисквити (кекси), компании за производство на двопек и бисквити; производство на конзервирани слатки и печива и компании за производство на макарони, њоки, кускус и слични тестенини.
Во однос на територијалната распределба, градот Скопје доминира со 385 регистрирани компании. Потоа следуваат Прилеп со 83, Гостивар со 74, Битола со 69, Тетово со 54 компании од пекарската индустрија итн.
Да ги погледнеме бројките на овие компании во однос на остварените приходи, остварената добивка, како и вкупниот број на вработени. Состојбата во пекарската индустрија во однос на ПРИХОДИТЕ е следнава: топ 20-те компании од пекарската индустрија лани оствариле вкупни приходи од 4,07 милијарди денари или околу 66,2 милиони евра, што е намалување за 5,8 милиони евра во однос на 2019 година. Во овие компании минатата година својата егзистенција ја оствариле вкупно 2.197 лица, 14 повеќе од 2019 година. Вкупната добивка на 17 од овие 20 компании (за 3 немаме податок) во 2020 година изнесувала околу 1,7 милиони евра.

Од овие 20 компании во 2020 година, само 6 оствариле зголемување на приходите, додека останатите 14 компании забележале намалување на приходите што се движеле во распон од 0,03 % до 28,38 %. Зголемувањето било од 1,52 % до 24,79%.
Доколку рангирањето се прави според индикаторот ДОБИВКА, тогаш првите 20 компании во 2020 година заедно имале профит од вкупно 151 милион денари или околу 2,4 милиони евра. Од овие 20 компании, 8 компании имале намалена добивка во 2020 година при што падот се движел во распон од 4,49 отсто до 66,6 отсто. Десет компании ја зголемиле добивката во 2020 година во однос на 2019 година во распон од 6,77 % до фантастични 589,5 %. За 2 компании немаме податок за остварената добивка во 2019 година и затоа не можеме да направиме споредба. Овие компании лани оствариле вкупни приходи од 2,97 милијарди денари или околу 48,4 милиони евра, за 3,5 милиони евра помалку во однос на 2019 година.
Кога станува збор за БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ, кај топ 20-те компании лани биле вработени вкупно 2 249 лица, за 17 повеќе во однос на 2019 година. Кај 6 компании има намалување на бројот на вработени, додека 12 компании го зголемиле бројот на вработени. Во 2 компании бројот на вработени останал ист. Вкупните приходи на овие компании во 2020 година биле 3,8 милијарди денари или околу 61,8 милиони евра. Тоа е намалување за 7,3 милиони евра во однос на 2019 година.

Кои се топ 5-те компании во овој бизнис?
Во согласност со податоците од БизнисМрежа.мк, во 2020 година, од првите 5 компании, 4 имаат намалување на приходите во однос на претходната година. Компанија со најмногу остварени вкупни приходи била ЖИТО ЛУКС АД Скопје. Таа лани остварила вкупно приходи од 1,1 милијарда денари или околу 17,9 милиони евра, што во однос на претходната 2019 година кога остварила околу 38,5 милиони евра е намалување за 2,31 отсто. Така ЖИТО ЛУКС АД Скопје учествува со 27 % од приходите на првите 20 компании во пекарската индустрија кај нас. Профитот во 2020 година изнесувал 4,8 милиони денари или околу 78,5 илјади евра. Оваа компанија е и најголемиот работодавач во оваа индустрија. Во неа во 2020 година работеле 338 лица, 26 помалку во однос на претходната година.
Втора компанија според остварените приходи во 2020 година е МУЛТИПРОМ ДООЕЛ Скопје со приходи од 457,2 милиони денари или околу 7,4 милиони евра, што е за 10,78 % помалку во однос на 2019 година. Оваа компанија лани оствари добивка од 10,3 милиони денари или околу 169 илјади евра, за 13,1 илјада евра повеќе од 2019 година. Иако бројот на вработени во 2020 го намали за 51 лице, таа е нашиот топ 5-ти работодавач во оваа индустрија со 208 вработени.
АД ЖИТО ЛЕБ Охрид е трета компанија според приходите во 2020 година. Нивните приходи во 2020 година се намалиле за 28,38 % во однос на претходната година и изнесувале 388,7 милиони денари или околу 6,3 милиони евра. Иако приходите се намалиле, оваа компанија го зголемила бројот на вработени во 2020 година за нови 15 лица. Таа е вториот најголем работодавач со 308 вработени лица.
Во топ 5-те според приходите се уште и компаниите ДИМЕ ДОО Скопје, која е единствена од нив со зголемени приходи во 2020 година во однос на претходната година, како и компанијата СПЕЦИЈАЛ – ПРОДУКТ ДООЕЛ Скопје. Првата во 2020 година реализирала приходи од 255 милиони денари или околу 4,1 милион евра, 8,92 % повеќе од претходната година. Втората реализирала приходи од 199,3 милиони денари или околу 3,2 милион евра, 19,39 % помалку од претходната година.


Според индикаторот добивка, најголем приход во 2020 година реализирала компанијата МИГРОС Битола ДООЕЛ. Нејзината добивка била 16,1 милион денари или околу 263 илјади евра, 6,77 % повеќе во однос на претходната година. Оваа добивка е остварена со 26 лица, за 2 повеќе во однос на 2019 година. Покрај зголемената добивка, оваа компанија има и раст на приходите од 24,79 % во 2020 година во однос на претходната. Нејзините приходи минатата година биле 102,8 милиони денари и воедно е компанијата со најголем раст на приходите во 2020 година.
Втора најпрофитна компанија лани со остварени 15,6 милиони денари или околу 254 илјади евра, 4,49 % помалку од претходната година, е ЖИТО ЦЕНТАР ДОО Чучер-Сандево. Вкупните приходи биле речиси исти со претходната година и изнесувале 123,5 милиони денари (околу 2 милиони евра). Во оваа компанија лани работеле 45 лица, 5 повеќе од 2019 година.
Компанијата ЕЛИДА-ЕКС ДОО Љубодраг од Куманово е трета според добивката. Таа лани ја зголемила добивката за 8,74 % и таа изнесувала 14,3 милиони денари или околу 233,9 илјади евра. Вкупните приходи биле 47,6 милиони денари или околу 774,5 илјади евра, а биле остварени со 15 вработени лица.
Иако вкупната добивка е преполовена, намалена за 54,71 %, компанијата ЖИТО СКОПЈЕ СИЛБО ДООЕЛ Скопје e на четвртото место. Нивната добивка лани била 13,6 милиони денари или околу 221,7 илјади евра. Покрај добивката, и нивните приходи лани се намалиле за 24,19 %. Но, и покрај тоа, тие не само што не го намалиле бројот на нивните вработени туку и вработиле дополнително 31 лице во 2020 година, најмногу од сите компании од топ 20.
Со растот на добивката од дури 63,1 %, на петтото место се искачи компанијата ВИА ПРОМ ДОО Охрид. Тие лани направиле профит од 11,2 милиони денари или околу 182,4 илјади евра.


На крај да видиме кои се најголемите работодавачи во оваа индустрија кај нас. Според овој индикатор, покрај ЖИТО ЛУКС АД Скопје и АД ЖИТО ЛЕБ Охрид, во топ 5-те во 2020 година уште се и компаниите СПЕЦИЈАЛ – ПРОДУКТ ДООЕЛ Скопје со 241 лице (зголемување на бројот на вработени за 9 лица), ДИМЕ ДОО Скопје со 214 лица (зголемување на бројот на вработени за 13 лица) и МУЛТИПРОМ ДООЕЛ Скопје со 208 лица (намалување на бројот на вработени за 51 лице). Интересно е да се истакне дека од петте компании најголеми работодавачи во оваа индустрија компанијата ДИМЕ ДОО Скопје во 2020 година остварила раст на добивката од фантастични 589,5 %.


(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2021г.)

(Извор на податоци: www.biznismreza.mk)

Најчитано