Монако, Париз, Милано, Мадеира… се градовите кои се наоѓаат на листата на „10 најдобри дестинации за инвестирање во Европа“, која ја состави организацијата Европски најдобри дестинации (ЕБД). При рангирањето на градовите се земени неколку критериуми: даночните поволности, цените за квадратен метар, број на сончеви денови, близина на универзитетите, аеродромите и инфраструктурата за транспорт, зелена површина на квадратен метар, како и индексот за претприемничка слобода.
Монако има најсигурно инвестициско опкружување и овој град е најдобар за одржливи бизниси, инвестиции во недвижности, за луксузна индустрија и поврзаноста со меѓународните пазари.
Женева, Швајцарија, е најдобра за инвестиции во науката. Ова место е најдобро за науката за животната средина, финансиските услуги, биотехнологијата и фармацијата.
Батуми, Грузија, најдобро место за инвестиции во туризмот, поради ниските даноци, либерализираната економија и пристапни цени на недвижностите.
Ница, Франција, е најдобро место за инвестиции во недвижности, угостителството, организирање на настани и сезонски изнајмување на објекти, поради поволните кирии за објекти на француската ривиера. Луксузен апартман со поглед на море чини три милиони евра и неделниот приход од изнајмувањето е 15.000 евра во сезона.
Мадеира, Португалија, е најдобро место за крипто вложувања и во недвижности, хотелиерство и за живот на пензионерите.
Париз, Франција, е најдобар град за стартап инвестиции и градот нуди добри услови за релаксиран живот, за инвестиции во недвижности, авиоиндустријата, електрониката, луксузната индустрија, угостителството и дизајнот.
Варшава, Полска, е најдобра за инвестиции во ИТ индустријата, поради ниските оперативни трошоци за меѓународните компании.
Ла Гомера, Канарските Острови, е најдобра за рано пензионирање, за семејно живеење и за љубителите на природата и туристичката индустрија.
Лувен, Белгија, е идеално место за инвестиции во иновации, за нови технологии и стартап фирми, биотехнологија, индустрија за храна и пијалоци. Се смета за еден од најотворените градови за прием на квалификувани работници од целиот свет.
Милано, Италија, е најдобро место за модната индустрија и финтек индустријата, за прехранбената индустрија и фармацијата, објави НИН.
фото freepic







