Ако веќе на секое врапче на планетава му е јасно дека светот се менува и веќе е променет, претпоставка е дека оваа јаснотија им е јасна и на луѓето во македонската влада кои се одговорни и се должни за спроведување на надворешната политика. Тоа се претседателката и премиерот на државава, министерот за надворешни односи и министерот за одбрана. Ако се согласиме дека министерот за одбрана навистина не сме го виделе ниту слушнале да изјави нешто значајно за состојбите во светот и како малата и последно примена членка на НАТО се поставува визави новите светски геополитички парадигми, останатите тројца се обидуваат да конституираат некаков став и позиција која би можела да се нарече: тука сме, цврсто се држиме за Американците, но сакаме и во Европа, и навистина не знаеме како ќе ги постигнеме овие две дивергентни трансферзали на светската политика. Точно е дека нашава влада има некаков однос, познавање, пријателство со Хауард Лутник, американскиот секретар за трговија, важен, снаодлив, влијателен и прецизно артикулиран глас во администрацијата на Доналд Трамп. Но, исто така е точно дека досега, еве веќе цела година, Македонија не доби никаков сигнал од таа страна на Атлантикот за тоа какви поведенија се очекуваат од неа.
Претседателката се чини дека цврсто се држи до стариот светски поредок базиран на правила (rule- based order) и на принципи кои ги поставуваа големите либерални демократии, а ние ги следевме бидејќи најмногу ни одговараа. И нејзината позиција, во недостаток на реални уставни овластувања, можеби е и разбирлива, но таа позиција не отвора перспективи и решенија за нашите, македонски геополитички потреби и позиционирања. Деновиве во Давос, на Светскиот економски форум, таквиот либерален светски поредок беше прогласен за мртов токму од довчерашните инспиратори, спонзори и спроведувачи − огромното мнозинство на европските држави (без Унгарија, Словачка и уште неколку молчеливи членки на ЕУ) плус новиот „лидер“ на државите од среден ранг, Канада.
Владата, пак, се чини дека нема ниту став ниту анализа за светот во кој живееме. Во македонската јавност речиси и да не се води дебата на оваа тема, освен спорадични гостувања на неколкумина познавачи од областа. Опозицијата, опседната самата со себеси и без значителен кадровски капацитет на овие теми, се чини дека останува „стратешки“ нема на немоста на Владата. Обвинувањата на опозицијата и на јавноста за некакво врзување на линија Унгарија − Србија − Македонија − САД не се за потценување и не се без основа бидејќи трендот на здружување се чини дека е јасен. Но, во Унгарија ќе има избори, а во Србија дури допрва ќе се одмотува клопчето на промени или на континуитет, а мандатот на Трамп истекува за само три години (некој веројатно со право би рекол: цели три години!) и навистина не знаеме што ќе биде потоа. Поентата е дека вака не можеме да водиме надворешна политика.
Од ова место веќе е напишано дека Доналд Трамп е епифеномен, видливиот врв на сантата мраз. Тој е гласноговорник (и извршител) на она што последниве дваесетина години срамежливо се наѕираше во американските аналитички и политички кругови. Поедноставено кажано, Америка нема повеќе луксуз да проектира сила отаде Западната хемисфера, таа се соочува со сериозни ривали (Кина, Русија, Индија, можеби и Европа) и ако сака да го задржи приматот во светот, таа ќе мора да го промени светот. Ова што го гледаме и го следиме изминатава година е токму обид на американската администрација да ја промени парадигмата и да остане доминантна сила во новиот храбар свет.
Па тогаш, кој пат да го фатиме ние? Потребата на малите држави како Македонија, особено кога немаат долгорочни и стабилни „спонзори“ во меѓународната политика, е инстиктивно балансирање на приоритетите и внимателен пристап кон стратешките сојузништва. Но, блокот кон кој стремиме и сме се стремеле од почетокот на нашата независност веќе не е блок, туку расфрлани цигли и парчиња малтер распослани низ едно огромно ново градилиште. Еден голем прекин и раскин на сè досега, руптура по која тешко заздравува ткивото (’rupture‘ е зборот што го употреби канадскиот премиер во Давос). Толку се големи разликите меѓу Европа и Америка, што се чини невозможно да се фати среден пат, а притоа да не ризикуваме да добиеме среден прст.
Дилемите пред кои стои македонската влада, а верувам дека и која било влада која би била на нејзино место во моментов, се сериозни и не се лесни за решавање. Како што можете да забележите, и политичките партии кои ги претставуваат етничките Албанци во Македонија се необично тивки кога се работи за политиките на Трамповата администрација и не видовме кај нив некакво јавно воодушевување за светот кој се наѕира.
Прво, нашата јавност треба да знае дека американската политичка елита (републиканска и демократска) е исто така необично воздржана за меѓународните потези на американската администрација. Не постојат организирани и радикално дисонантни опозициски тонови, дури се чини и дека има некаков минимален консензус дека „некои од овие работи се добри и треба(ше) да се направат“ за САД да го задржат водечкото место во глобалната трка за доминација. Оттука може да се очекува дека која било идна администрација (на чело со Марко Рубио, Џ. Д. Венс или дури и демократски претседател) ќе задржи барем дел од сегашните носечки столбови: различен однос спрема Европа, Америка прва, фактичко повлекување од Источната хемисфера, намалување на зависноста од полуспроводници, покритички однос спрема животната средина, резервираност спрема либералната демократија и нејзиниот нуспроизвод − глобализацијата…
САД се моќни и се силни и можат да ни помогнат доколку сакаат или доколку видат интерес во тоа, но САД јасно кажуваат дека Балканот веќе не е во нивната сфера на интерес и на влијание, ниту географски ниту геополитички. Од друга страна, Македонија треба да се запраша дали морално-идеолошки сака да припаѓа на ваквиот свет и ваквата поделба на влијанија, поаѓајќи од нејзиниот сопствен и себичен национален интерес, т. е. дали ќе седи на масата или ќе биде на менито.
Второ, европските држави, здружени во сè полабавиот сојуз наречен Европска Унија, исто така мака мачат да се адаптираат на новиот поредок. Европа е ужасно распарчена по идеолошко-политичка линија, крајната десница, а некаде и крајната левица, дишат во врат на безмалку сите меинстрим партии, одбранбено е дезориентирана, вредносно поделена… За очекување е дека поголемите држави од европскиот континент ќе се прегрупираат во разни „коалиции на волните“, со променливи брзини на безбедносно-економска интеграција. За очекување е дека и европскиот модел, преточен во денешната Европска Унија, ќе доживее темелни промени. За нас, Европската Унија секако претставува модел на интеграција кон кој сакаме да се приклониме, но нејзиното „блудничење“ сме го почувствувале неколкупати на нашата сопствена кожа. Сепак, со оваа Европа и оваа ЕУ или барем со сè уште мнозинскиот либерален дел од неа, Македонија споделува некакви заеднички вредности. Тоа се либералните вредности, демократијата, владеење на правото, природата на политичкиот систем, номиналната потреба за борба против корупцијата. Исто така, можеби и поважно, со Европа споделуваме историја, географија, култура, начин на живот.
Еве го пледоајето, еве ги тезите, ајде да дискутираме, главата во песок нема да му помогне на нојот да не биде нападнат од глутницата.
А можно е и трето, хумористично, но еднакво валидно сценарио. На самиот крај на мандатот, како во некаков ироничен епилог, Доналд Трамп би можел да му соопшти на светот: „Дечки, толку беше. Мандатот ми заврши, шоуто заврши. Сè за што се плашевте − се шегував. Лошите момци ги средив, Иран, Хамас, Хезболах, Венецуела… Со Путин и со Украина знаете сите дека мораше така и дека Бајден е виновен.
Ги натерав Европејците, а и нашите комшии Канаѓаните, да работат повеќе, да го стегнат ременот, да престанат да се глупираат со идентитетски идеологии, да баталат глобално затоплување и конечно да почнат сериозно да трошат пари − на одбрана, на индустрија, на наука. Да купуваат американско оружје. Сега Европа е посилна. Пак сме другарчиња во НАТО, ама веќе нема толку да пиете шампањ и да јадете fois gras и помалку ќе шетате низ светот како богати пензионери.
Тоа е тоа. Ви благодарам. God bless America. God bless Europe. God bless Gaza Imperium Casino Resort.“






