Официјален почеток на работата на Регионалното здружение на ОЕО
Програмите за овластен економски оператор (ОЕО) постигнаа глобален успех и се еден од најуспешните модели за олеснување на трговијата. Програмата им обезбедува на бизнисите меѓународно призната „ознака за квалитет“ што укажува на нивната посветеност на безбедноста во меѓународниот синџир на снабдување, што пак им дава право на повластен царински третман. Заедно, ОЕО компаниите учествуваат со 80% од увозот и извозот во ЕУ.
Во октомври 2021 година, бизнисите низ економиите на ЦЕФТА се согласија дека е потребен заеднички регионален напор за подобрување на севкупните услови за ОЕОи во регионот и дополнително промовирање на придобивките од програмите за ОЕО. Регионалното здружение на ОЕО беше нивниот одговор на овие предизвици. Основањето на Здружението е поддржано од проектот „Поддршка на регионалната економска интеграција“ кој го спроведува Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).
Функционалното и ефективно здружување на ОЕОи се смета за клучен овозможувач на партнерството Царина-Бизнис. Силно здружение на ОЕОи ќе им овозможи на економските оператори да ги презентираат своите предизвици и решенија со еден заеднички, усогласен и јасен глас до царинските управи. Во исто време, здружението на ОЕО на Царината ќе ѝ обезбеди силен, доверлив партнер и здрава основа за понатамошен развој на програмите за ОЕО.
Тања Бошковиќ, виш проект менаџер во ГИЗ изјави дека Регионалното здружение на ОЕО е пресвртница за регионалната економска интеграција на економиите на ЦЕФТА. „Само пред неколку години само две ЦЕФТА страни имаа оперативни програми за ОЕО, а денес сме горди на фактот што во регионот функционираат шест програми на ОЕО, целосно усогласени со стандардите на ЕУ“, нагласи таа.
„Бројот на ОЕО постојано расте и тоа сведочи за тоа колку голема работа е завршена. Се надеваме дека Здружението ќе ја подигне соработката на ново ниво. Ќе продолжиме да го промовираме развојот на програмите за ОЕО и нивното меѓусебно признавање во рамки на регионот и се надеваме ворамки на ЕУ во догледна иднина. Усогласувањето на законодавната рамка на ОЕО од економиите на ЦЕФТА со регулативите на ЕУ не само што им обезбедува на економските оператори предвидливо и стабилно опкружување, туку во исто време ги поддржува економиите на нивниот пат за интеграција во ЕУ“, рече Бошковиќ. Таа оцени дека само со силна посветеност на највисоко ниво ќе го постигнеме посакуваниот резултт.
Милена Петричевиќ, генерален директор на Царинската управа на Црна Гора, изјави дека Црна Гора ќе го искористи мандатот како претседавач со ЦЕФТА за Царините и правилата за потекло во 2022 година за да аплицира за валидација на програмата за ОЕО и нивните ОЕОи да бидат признаени од сите ЦЕФТА страни.
„Од самиот почеток на развојот на својата безбедносна и контролна функција, Управата за приходи и царина на Црна Гора посвети големо внимание на анализата на ризик. Со континуирана поддршка на ЕУ преку обезбедување финансиска експертиза, постигнавме мерливи показатели кои се рефлектираат во намалувањето на процентот на контроли, намалувањето на времето на царинење, заштедата на трошоците на економските оператори поради пократкото време на чекање на царинските терминали“, нагласи таа.
Петричевиќ потсети дека три компании во Црна Гора добија статус на ОЕОи и тие во соработка со проектот ГИЗ ќе продолжат да ја промовираат програмата кон бизнис заедницата и ќе имаат повеќе апликации во блиска иднина.
Данијела Гачевиќ, од Секретаријатот на ЦЕФТА изјави дека статусот на ОЕО носи опипливи и индиректни придобивки за компаниите во однос на намалување и приоритизирање на контролите, како и зголемена конкурентност и углед. „Она што го правиме во ЦЕФТА е да овозможиме споделување на овие придобивки меѓу Страните за компаниите кои се носители на статус на ОЕО без дополнителни трошоци, преку признавање на програмите на ОЕО во ЦЕФТА. Пораката што сакаме да ја пренесеме е дека придобивките се поголеми од напорите потребни за да се добие статусот“, заклучи таа.
Антонио Бланко, од Генералниот директорат за даноци и царинска унија на Европската комисија, изјави дека претставниците на царинските управи од регионот покажале највисоко ниво на посветеност во работењето на најефикасен начин за валидација на програмите за ОЕО, што донело опипливи резултати.
„Имплементацијата на програмите за ОЕО во економиите на ЦЕФТА е секако важна затоа што е дел од правото на ЕУ, имајќи предвид дека сите кандидати за членство во ЕУ треба да се усогласат со царинските правила. Уште поважно, овие програми го менуваат начинот на работа на Царината во регионот. Новите царински процеси покажуваат дека тие треба да се оддалечат од контролата фокусирана на трансакции, документација и стоки кон оној вид на контрола што е фокусирана на тоа како функционира синџирот на снабдување“, додаде тој.
„Оваа промена нема да се случи преку ноќ, туку тоа е промена што доаѓа и ќе влијае на ОЕО од прва рака, но исто така ќе обезбеди придобивки за другите оператори во областа на трговијата и царинските поедноставувања, кои се воведени низ регионот. Регионалните ОЕОи се многу добро поставени и значително придонесуваат за напредокот на економиите“, заклучи Бланко.
Дејвид Хадсон, виш експерт во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, изјави дека целокупната работа на заживување на пазарот на заедничкиот регион продолжува. „Овластени економски оператори можеби звучи неверојатно технички, но договорот ќе биде од корист за бизнисот и потрошувачите низ Шесте земји од Западен Балкан“, појасни тој.
Ларс Карлсон, глобален шеф за трговија и царински консалтинг, MAERSK, истакна дека живееме во време на глобализација, во време на неизвесност и глобална пандемија. Царинската усогласеност е поважна од кога било, а на приватниот сектор му треба предвидливост и цврсти синџири на снабдување. Тој додаде дека концептот на ОЕО станува клучен овозможувач во овој контекст. „Како што програмите за ОЕО во ЦЕФТА-регионот растат, важно е да се запамети дека сите успешни програми за ОЕО се изградени на цврсто партнерство помеѓу економските оператори, царинските управи и другите прекугранични регулаторни агенции. Основањето и лансирањето на ЦЕФТА регионалното здружене на ОЕОи е значаен настан кој ја осигурува и олеснува регионалната трговија, истовремено поттикнувајќи го закрепнувањето на земјите од ЦЕФТА по пандемијата“, рече тој.
Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) е назначено од Европската унија и германската влада да го спроведе проектот „Поддршка на регионалната економска интеграција“. Проектот обезбедува поддршка за понатамошно продлабочување на регионалната економска интеграција и усогласување со правото на ЕУ. Блиската вклученост на бизнис заедницата како краен корисник на олеснувањето на трговијата гарантира дека знаењето, искуството и интересот на приватниот сектор за решавање на бариерите за трговијата меѓу ЦЕФТА се искористени.






