Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор, каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?
Првата половина од 2022 година е веќе зад нас, а предизвиците за компаниите од текстилната индустрија се очекува само да се зголемат имајќи го предвид фактот што втората половина (посебно месеците од последниот квартал) е период кој има најголема активност, компаниите треба да ги вложат сите ресурси за оптимално планирање.
Во време на енормно зголемени цени на транспорт, на електрична енергија и на останати производствени трошоци, нарушени линии на снабдување (зголемен lead time за достава) и зголемени цени за репроматеријалите, значително е зголемен ризикот од погрешно одредување на продажните цени за идните проекти. „Комфи Ангел“ со голем дел од своите (најбитни) клиенти договара проекти кои се долгорочни (за наредните 3 до 4 месеци, половина година, а многу често и за целата наредна година). Променливоста на пазарот значително го отежнува процесот на договарање на овие продажби. Големите клиенти (имајќи ја предвид својата голема куповна моќ) настојуваат на непроменливи долгорочни договори со стабилни цени – нешто што во овој период е ризично и тешко изводливо.
Нашите доставувачи од Далечниот Исток (Кина, Индија, Пакистан) се соочуваат со истите проблеми, па така редовната обнова на минималната залиха на репроматеријалите кои најмногу се користат (микрофибер, фибер, памук, печатени материјали и др.) е значително отежната. Зголемената вредност на американскиот долар во однос на еврото дополнително ја загрозува нашата позиција. Од друга страна, високата инфлација во Турција, која претставуваше стабилен доставувач за поспецифични или итни проекти, дополнително го комплицираше планирањето на проектите и можноста да имаме резерва при договорите со нашите клиенти.
Како одговор на овие предизвици, „Комфи Ангел“ ги вложува своите активности кон стабилизирање на цените од нашите доставувачи преку договори за среднорочна и долгорочна стабилност на продажните цени на репрото, чување на minimal security stock на оптимално ниво, зголемување на ефикасноста во производствениот процес, намалување на потрошувачката на електрична енергија со инвестиција во фотоволтаично производство на струја, зголемување на флексибилноста на договорите со нашите клиенти преку кои ние како компанија можеме да ги промениме цените за специфичните проекти при поголеми турбуленции на пазарот.
„Комфи Ангел“ успешно ја заврши минатата година со исполнување на планираниот приход од 37 милиони евра, а моменталниот број на вработени е 830.






