Со работа! Тоа е веројатно наједноставниот одговор на ова, навидум, едноставно прашање. Но, ниту прашањето е наивно, а ниту одговорот е едноставен.
Локалната самоуправа на Општина Битола сета своја енергија и капацитети последниве 3 години ги насочи кон подобрување на услугите за граѓаните, но и кон санирање на сè што беше и е наследено, а нефункционално. Станува збор за огромен спектар на услуги кои граѓаните ги добиваат од или преку општината поради што менаџирањето на ресурсите е од пресудно значење. Правилно одредување на приоритети што засегаат што поголем број на граѓани, алокација на средства и реализација на мерки, активности и проекти кои квалитативно го менуваат животот на битолчани е рецептот кој го применува Општина Битола. И во урбаниот и во руралниот дел. Мошне важен е и иновативниот пристап, дозата на граѓанска вклученост, бидејќи граѓаните треба и мора да се партнери на локалната самоуправа со својата општествена свест и одговорност, а сето тоа во име на транспарентноста и создавање на синергија како главен двигател. Но, сепак, можеби најклучно е градењето на здрава политичка клима и релација за локалната самоуправа да го достигне нивото кое битолчани го заслужуваат.
Немам сомнеж дека предизвиците ќе бидат сè поголеми и сè пообемни, но умешноста во раководењето со Општината се огледува токму во тоа – ограничувањата да не те обесхрабрат, а потребите на граѓаните да те мотивираат.







