КРОМИДОТ ИЗРАСНА ВО ФЕЈК ЊУЗ!

Слободата дава моќ, а моќта со себе носи и одговорност. Диспропорцијата на моќта и одговорноста најмногу ѝ штети токму на слободата. Новите дигитални алатки нудат речиси неограничени можности за креативност и за промоција. Но, новите можности со себе носат и нови предизвици.

Пласирањето лажни вести веројатно постои уште од првиот момент кога масовната комуникација почнала да заличува на вести. Порано овој феномен во развиените демократски општества беше оставен на автоматските механизми на пазарот кои ги отфрлаа лажните вести на буништето на јавниот дискурс. Бројноста на каналите на комуникација, нивната слобода, потреба за публика итн. се сметаше дека се придобивки на западната цивилизација, кои ја штитат вистината од злоупотребата на медиумската моќ. Сепак, во периодот на најголемиот расцут на каналите на комуникација, во времето на дигиталните медиуми и на социјални мрежи, кога практично секој може да се однесува како медиум, еден од најстарите предизвици на масовната комуникација, лажните вести, повторно станаа актуелни токму во јавниот дискурс на западната цивилизација.
Агенцијата Франс прес во својот извештај ги наведува лажните вести како закана за демократијата; Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент во 2016 година донесе Резолуција со која предупредува на руската употреба на „псевдо новински агенции“, интернет-тролови како дел од пропагандата со дезинформации; во 2015 година, Шведската национална агенција за безбедност пласираше извештај дека Русија ги употребува лажните вести за да разгори раздор во општеството при што Министерството за одбрана на Шведска презеде активности за заштита на граѓаните и на општеството од лажните вести; германската канцеларка Ангела Меркел предупреди на влијанието на лажните вести, на интернет-
-троловите и на интернет-ботовите врз развојот на општеството; бројни аналитичари, агенции за истражување, експерти за односи со јавност во своите заклучоци ги ставаат лажните вести како еден од параметрите кои го одредија сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп. Всушност, терминот „фејк њуз“ изминатава година стана еден од носечките медиумски и, пред сѐ, интернет-феномени кои ја окупираат науката за односи со јавност, особено делот кој се занимава со политичко влијание на медиумите врз јавноста.
Интересно е што предизвиците на лажните вести доаѓаат во период кога масовните комуникации го забележуваат својот најголем пик и како никогаш досега огромен квантитет на канали на комуникација. Употребата на пропагандата, на спинот и на лагата во медиумите и порано беше дел од медиумската војна меѓу елитите, но тоа секогаш беше придружено со ограничен број канали за комуникација и нееманципирана, неедуцирана јавност. Токму автократските режими, затворените општества и земјите со недоволно едуцирана јавност беа предмет на медиумски манипулации каде што лажните вести го заземаа централното место во обликувањето на јавното мислење. Среќата да бидат имуни на овој предизвик ја имаа западните развиени општества најмногу поради развиените средства за масовно комуницирање чија компететивност гарантираше квалитет во информирањето. Во таа смисла и во оваа рубрика ние сме ги анализирале феномените на спин и на пропаганда и заклучокот секогаш бил на страната на вистината која најмногу е заштитена со постоењето на бројните канали за комуникација.
Пред безмалку три години на ова место го објавивме написот #кромид во кој направивме анализа на настанот Шеил феил (#SheilFeil) со кој Метју Мартел од Групацијата Јес мен (Yes Man), преку т. н. „местенка“ на неговата групација, направија „кромид вест“ во обид да го свртат вниманието на јавноста кон заканата од нови нафтени платформи на компанијата Шел оил (Shell-Oil) на Алјаска. Нивниот намерен пласман на лажни вести, нешто што неколку дена подоцна и го признаа, помина спектакуларно успешно со што се покажа моќта на лажните вести во време на брзите интернет-комуникации, како и ранливоста и аматеризмот на огромниот број нови медиуми, портали и блогови, кои премногу лесно се фатија на медиумската јадица. Голем број ПР-професионалци и експерти за односи со јавност уште тогаш предупредуваа на преголемата слобода која ја практикуваат дигиталните медиуми, чие влијание не се совпаѓа со нивото на одговорност која ја имаат во општеството. Оваа дискрепанца, меѓу влијанието, моќта, од една страна и одговорноста, од друга страна го претставуваа основниот дисбаланс кој ги нарушува автоматските стабилизатори кои досега ја чуваа вистината од можната злоупотреба на медиумите.
Она што веројатно ја прави јавноста уште поранлива на масовниот наплив на нови медиуми и лажни вести е вториот услов што создава основа за манипулација, еманципацијата. Западната цивилизација се сметаше еманципирана и едуцирана да ги препознае лажните вести кои доаѓаа од класичните канали на комуникација, чие постоење го надминува нивниот животен век. Речиси сите луѓе кои се денес живи практично не можат да се сетат на времето без телевизор, а веројатно не постои претставник кој е роден пред масовната употреба на радиото и на весниците. Луѓето се израснати со традиционалните медиуми и поради тоа имаат изострен „сенс“ за начинот на кој овие медиуми им сервираат вести. За разлика од традиционалните медиуми, оваа година огромен број луѓе за првпат се среќаваат со новите медиуми, а веројатно половина од нив сѐ уште се немаат сретнато со предизвиците на социјалните мрежи. Тоа ги прави луѓето невешти, без изострен осет, практично неписмени кога станува збор за начинот на кој функционираат новите медиуми. Брзината со која новите медиуми пенетрираат во јавноста е преголема за еманципацијата да го следи чекорот. Овој јаз претставува вистински предизвик, а еден од најважните модалитети за справување со него претставува едукацијата и тоа уште од најмалата возраст. Тоа е единствениот начин да се зачуваат придобивките на слободата која ја даваат бројните канали на комуникација без притоа да се применуваат заштитните механизми на цензурата.

Најчитано