Иако прашањето звучи едноставно, сепак засега повеќе сегменти. Најпрвин односот странка-службеник, како и потребата од поедноставување на административните процедури со кратење на бирократијата.
Отуѓеноста на институциите од граѓаните во последниве 30 години е главна причина за непотизмот и корупцијата во државава.
Затоа е неопходна реорганизација на административните служби во смисла на компатибилност меѓу квалификациите и работните места на службениците. Како мерки за мотивација предлагам систем на награди и казни, зголемување на платите и засилена контрола на работењето од страна на надлежните органи.
Следна фаза е редефинирање на односите меѓу институциите со цел примена на децентрализацијата во пракса, како и деполитизација и департизација за постигнување на поголема транспарентност и отчетност при постапките за вработување и унапредување.
Потребно е поттикнување на дијалог на релација власт-опозиција и граѓани-институции бидејќи отсуствува реален дијалог и тој најчесто се сведува на два монолога.
Советот има витална улога и затоа сметам дека треба промена на изборниот модел на општинските совети со воведување на отворени листи кои ќе овозможат подобар квалитет и репрезентативност преку стимулирање на компетитивноста и внатрешна демократизација на субјектите учесници на локалните избори.







