Кругот со креда, за разводите и за раскинувањата

Соломон си седел мадро кога кај него дошле две жени и дете за да пресуди чие е. Обете мајки биле во расправа чие е детето со нив, на онаа која го родила или на онаа која го гледала. Обете ги кажале своите приказни пред судијата. Мое е, рекла родената мајка, јас сум го родила. Тоа е моја крв. Мое е, рекла и другата, онаа која го гледала, јас сум го одгледала. Добро, рекол Соломон, обете зборувавте. Вистина е дека е на обете, и твое зашто си го родила, и твое зашто си го одгледала. И нацртал на подот круг со креда. Ставете го детево во кругов, рекол. И го повикал стражарот, му заповедал да го пресече наполу и едната половина да ѝ ја даде на едната, другата половина од детето на другата. Кога стражарот го кренал мечот мајката која го одгледала детето извикала: Не, дајте ѝ го целото на неа. Нека го земе. И мајката која го родила го зела. Соломон тогаш пресекол: Детето да се даде на првата, на мајката која го гледала. Таа го љуби.

Љубовта е над крвта. Она што е крвта за телото, тоа е љубовта за духот. И да беше приказнава новозаветна, можеби ќе имаше расплет во кој детето ќе беше на обете, ќе станеа сестри и детето ќе им беше дете на обете, а тие ќе му беа мајки. Една е мајка. Да, и убаво е да е мајка и по крв и по дух, но некогаш испаѓа поинаку.

Секој човечки развод, меѓу двајца кои се љубеле и љубовта им оладила, завршува со кругот со креда. Судот одредува за поделба на имотот, за старателството над детето или децата ако ги имаат. Па одредува колку дена да е кај мајката, колку кај таткото, кој кога да го гледа…, а детето е сматено и збунето, живее де ваму де таму, припаѓа на две куќи место на една. Живее во поделен дом и има поделена душа. Затоа не треба да има разводи, ако двајца се нашле и заживеале, освен поради прељуба. Со неа тие ја изневериле љубовта и веќе не можат да бидат заедно, тоа не се простува. Може да се цивилизирани и да се разбрани, тоа да, може обајцата да бидат грижливи родители и пријатни еден кон друг, но нивната чаша е скршена, тие веќе не пијат од истиот пехар. Ниту јадат на иста маса и не делат иста постела. Тоа не значи дека детето е загубено и дека не може да го најде патот. Не, тоа може да види други семејства кои се целосни и според нив да изгради модел, да го најде подоцна во животот она што му недостигало и што потсвесно го чувствувало како дете.
Разводите се тешка работа, а денешниве луѓе лесно се решаваат за нив. Ќе кренат глава, ќе свртат грб, и толку… Гордоста им вели дека прават нешто најнормално, најубаво, нешто што, секако, треба да се направи оти тие не се еден за друг и ќе биде поарно и за децата и за нив ако… баш така им вели. И го напуштаат она што биле и го имале и секој тргнува по свој пат. Заедничкиот се расцепува надве. Ова е исто и со секое раскинување, не само со судски развод оти ние денешниве живееме како мажи со жени од млади години, а се мажиме и се жениме по цркви и матичари многу подоцна, сега „нормата“ е триесет и нагоре. Во мое време, на пример, беше дваесет и пет. До крајот на веков, како тргнало, човек ќе се смета баш за женење на 55. Или на 90, што знаеш, ако медицината отиде доволно напред. Ако маж најде жена и тие се заљубат, било да се 15-годишни, малку или многу постари, и ако се спојат, тие се земени. Раскинувањата на првите љубови ги боли, а потоа ако врските заредат раскинувањата стануваат помалку болни за конечно и да престанат да болат. Ако човекот зајакне по разводот. Така стануваат расеани, расфлани на повеќе страни, не се фокусирани на една, туку на различни души, и од тоа страдаат. Да се каже дека промискуитетот е нормална работа е како да кажеш дека развратот е природен, блудничењето е во ред. Тоа што денес е многу раширен не значи дека е нормален. Мнозинското однесување не ја прави нормата, туку вистината. А вистината за разводите е дека се прави голема штета за душите на разведените ако разводот не е поради прељуба. Ако тоа е причината, тогаш… можеби. Тоа е случај кога двајца избрзале и се споиле некако насила и не баш чисто, а не се еден за друг. Не поминале доволно време заедно за да се запознаат и да видат дали им се љубат душите, а преминале на телесна љубов. За двајца да стапат во брак, прво се испитуваат карактерите, па и потеклото, семејствата, а ако тоа се поклопува, ако се совпаѓа и се усклади, потоа доаѓа телесното, по спојувањето на душите. Платонската љубов е општа, за сите и за сѐ. И убава е, нема што. Но, телесната е малку поинаква оти таа, покрај првиот вид љубење, вклучува и телесно единство на двајца кои се љубат. Децата се плод на таа љубов, и по тело и по дух. Во идеален случај. Во стварноста може да бидат телесно нечии, а духовно на друг. И тоа создава противречности и проблеми, но и тие се решаваат. Не постои прашање на кое нема одговор и не постои болест за која нема лек. Така ми беше речено еднаш, од еден духовен човек кој го знае животот. И уште ми рече: Животот е убав. И навистина е.

Најчитано